Нималку суптилни се критиките на професорите од Катедрата по филозофија при Филозофскиот факултет за новата концепција за средно образование, во која предметите филозофија, логика и етика се деградираат во однос на сегашнот статус. Некои од забелешките кои ги дадоа пред камерата на „360 степени“ се директно за министерката Весна Јанева, која пред само неколу дена изјави дека имала конструктивна средба на Филозофскиот факултет
Концепцијата е јавно достапна на интернет страницата на Бирото за јавни набавки. До денеска трае рокот за поднесување на коментари и забелешки.
На час по логика низ задачи и теорија се учат основните правила за критичко, аналитичко и логичко размислување. Логика е предмет кој е важен, а сепак не толку истакнат како математика, мајчин јазик, историја и други.
Но, на овој наставен предмет му се заканува бришење од корпусот предмети во средното гимназиско образование заедно со етиката. Филозофијата, пак, од задолжителен се предлага да биде само изборен.
„Развојот на ученикот подразбира севкупен интелектуален и физички развој и отстранувањето на филозофскиот корпус на предмети практично го брише фундаментот. Ние може да развиваме техничко знаење, но тоа техничко знаење мора да подлежи на својот фундамент, на филозофијата од која се изведени сите останати области и врз основа на која се гради“, вели Трајче Серафимовски, наставник по филозофија во СУГС „Георги Димитров“.
Тој е еден професорите што се потпишаа на отвореното писмо до Владата против новата нацрт-концепција за гимназиско образование.
„Никаде на друго место нема ваква ситуација да ние да разговараме дали треба филозофија и етика дали да ги има во образованието или не. Поставувањето на суштинските прашања во било која наука произлегува од филозофијата, развојот на науките е некаде засилен во 15, 16, 17 век наваму, но тој развој е условен од најголемите филозофи кои живееле во тој период“, дополнува тој.
Во моментов предметот филозофија задолжително го изучуваат гимназијалците во четврта година. Предметот етика е изборен во втора и задолжителен во трета во општествено-хуманистичко подрачје – Б комбинација. Логика е задолжителен предмет во четврта година, во општествено-хуманстичко подрачје А комбинација. Со предложените измени, филозофија би станал изборен предмет во трета и четврта, а етика и логика се укинуваат.
Зошто? Проверивме на веб-сајтот на Бирото за развој на образованието или скратено БРО. Таму е истакнат „Повикот за јавна дискусија за концепција за реформи во гимназиското образование“, во чии рамки може да се најде Концепцијата за гимназиско образование, од јануари 2025 година.
Потпишани се Министерството за образование и БРО, но не и имиња на конкретни автори. Запишани се неколку цели кои треба да се постигнат, меѓу кои развивање вештини за решавање проблеми, поттикнување на свесноста, подготовка за одговорно граѓанство. Од друга страна, се маргинализираат во изборни предметите кои ја третираат оваа тематика: филозофија, етика и логика.
Според универзитетскиот професор Ристо Солунчев, тоа е резултат на невклучувањето на стручен кадар во изработката на концепцијата, како и немањето советник за важноста на овие предмети.
„Со оваа реформа, што е наречена реформа, во основата е компилација празни флоскули без многу анализи. Изгледа како ресторантско бафе, менза, каде што оној којшто доаѓа по знаење трга од принципиелната позиција на незнаење и треба сега низ своето незнаење да одбере што сака да знае. Тоа е невиден парадокс. А од нашите сознанија знаеме дека проблемот лежи во Бирото за развој бидејќи таму нема луѓе што ја знаат оваа област… Помалку изгледа како да викнете водоводџија којшто знае да заварува болјер да ви изготви програма за нуклеарна фисија“, посочува професорот Солунчев.
Тој вели концептот е развиен, но неспроведен од претходната власт. Затоа му е нејасно зошто актуелната инсистира на таа концепција, кога од опозиција силно го критикуваше секторот образование.
„Тоа е отприлика кога јас би станал министер и одам на медицинскиот факултет и сметам дека треба да се направи реформа на програмата, само доволно е да се повикам на флоскули како модернизација или такво нешто. Да отидам таму и да кажам дека нема потреба од патологија предметот затоа што претходно има патолошка физиологија и сега го тргате патологија, а патолошка физиологија го имате како изборен предмет и сметате дека патолошка физиологија како изборен предмет може да ги покрие клучни компоненти на предметот патологија. На тоа изгледа ова“, изјави универзитетскиот професор.
Солунчев кој очигледно саркастично алудира на министерката Весна Јаневска, која до неодамна предаваше патологија на Медицинскиот факултет, е само еден од професорите од Институтот за филозофија при УКИМ, кои јавно го критикуваат начинот на кој се одвива целата јавна дискусија во однос на реформите. Меѓу нив е и професорот Дејан Донев.
Тој се осврнува на друг елемент од нацрт-концепцијата. Како што може да се прочита во неа, маргинализирањето на одредени предмети се оправдува со мислење на учениците по спроведена анкета (види страна 9) – дека предмети како Филозофија, но и Социологија, Ликовно и Музичко, па и Хемија и Физика, треба да се исклучат или да се учат во подрачјата на кои им припаѓаат.
„Значи реформата мора да се направи. Да, знаеме дека мора да се направи, но не на ваков насилен начин. Прво, кусо е времето. Второ, „истражувањата“ коишто се ставени во таа предлог концепција не се истражувања. Значи онлајн анкета не е доволен аргумент дека децата повеќе сакаат математика, а не философија или не знам сакаат некоја друга наука, а не оваа. Тоа не е доволен репер. Второ немате подлабински истражувања во делот како тоа наоколу се прави“, вели Донев.
Тој ја посочува Хрватска, каде предметот етика се учи четири години во гимназиско образование и тоа според два учебника. Хрватите одат дотаму што секоја година учебникот го бираат професорот и учениците заедно.
Донев, заедно со професорите Јасмина Поповска, Марија Тодоровска, Иван Џепароски и Ана Димишковска е автор на студија од 2018 година за надградба на филозофскиот корпус предмети за средно образование, во која се споредуваат Македонија, Црна Гора, Србија, Хрватска и Бугарија, но вели дека таа воопшто не е земена предвид од МОН.
„Ова што го имаме ние е без опсежна анализа, без кадарен тим на експерти. Дури и да побарате кој е изготвувачот го нема, фамозно го нема, што наведува во секој случај на прва топка дека се работи или за сомнителни ликови или за сомнителни искуства, се работи за некои анонимуси коишто од никаде некаде се повикани да прават предлог концепција…Ако толку многу се инсистира на реформа, зошто таа реформа не започне од нас, од себе си, лично. Значи во Америка вие не можете да се јавите на службата и да кажете на комшијата дворот не му е искосен ако твојот е за никаде. Направете реформа во МОН, направете реформа во БРО“, потенцира професор Донев.
За сите овие прашања за кои говорат нашите соговорници, за отворените писма и од гимназиските и од професорите од Институтот за филозофија, став побаравме и од МОН.
„Промени во средното гимназиско образование не се направени повеќе од 20 години… Новото раководство на МОН и на другите надлежни институции во областа на образованието, одлучија да започнат процес на креирање на тие промени, со учество на сите засегнати страни и стручната јавност.
Во таа насока, изготвена е нацрт-верзија на Концепцијата за гимназиско образование, која ќе биде конечна по завршување на јавната дискусија што е во тек и откако ќе бидат слушнати сите страни, како и интегрирани сите основани и издржани сугестии и забелешки“,
се вели во ставот од МОН.
Слична е пораката која деновиве ја споделува и лично министерката за образование. Дека никој нема да остане без работа, дека ги слуша критиките, но и дека ќе се води од интересот на учениците.
„Не е точно. Ниту филозофија, ниту логика се исклучени. Но, како и да е, ова е драфт верзија поставена на јавна расправа. Сега прибираме сугестии, забелешки, предлози. И откако ќе заврши јавната расправа ќе донесеме дефинитивен заклучок. Инаку, јас само пред два дена бев на Филозофскиот факултет. Имав средба со професорите на Филозофскиот факултет, разговаравме, многу конструктивно. Очекувам и нивна поддршка затоа што ги сослушавме и ќе постапуваме по заеднички препораки, но првенствено во корист на учениците“, рече таа неодамна.
Дали е неизвесна иднината на најстариот факултет во земјата, Филозофскиот факултет, кој почнал со работа уште во 1920 година?
Како и да се одвива дебатата понатаму, интеграцијата на филозофијата, етиката и логиката во образовниот систем не е само академски луксуз, туку неопходност за развој на добро заокружени, критички мислители. Овие дисциплини ги учат учениците и студентите да се прашуваат, размислуваат и расудуваат на начини кои ги надминуваат традиционалните граници на предметот, подготвувајќи ги за сложените морални и интелектуални предизвици на современиот свет.
На крајот на краиштата, образованието не е само за стекнување знаење – туку и за опремување на следната генерација со алатките што им се потребни за да размислуваат, дејствуваат и да живеат одговорно и значајно во сè покомплексно општество.