Македонија се најде на дното во регионот според стапката на економски раст, која ја прогнозира Светска банка, од само 2,6 отсто. Оваа стапка е пониска од онаа што ја проектираше Владата од 3,7 отсто, Народната банка од 3,3 отсто и ММФ од 3,2 отсто.
Економските аналитичари велат дека се очекувало многу повеќе од оваа Влада во делот на економијата, но резултатите изостанале. Кога ќе се видат лошите прогнози на меѓународните финансиски институции, паѓаат во вода постојаните изјави од Владата дека се работи на терен, дека се градат патишта, инфраструктура, дека влегуваат странски инвестиции, дека се отвораат нови работни места, дека растат платите…
Од опозицискиот СДСМ, пак, обвинуваат дека за лошите резултати се виновни креаторите на политиките, кои немаат стратегија како да се развива државата.
Според Светска банка, земјите со средни приходи, каде што спаѓа и нашата, се соочуваат со предизвици како да го забрзаат економскиот раст, а работните места да станат поплатени. Оттаму предупредуваат ако продолжиме со вакви стапки, како изминативе 5-6 години, за да го достигнеме европскиот стандард, ќе ни бидат потребни 60 години. Во спротивно, доколку забрза економијата, ќе се преполови и периодот.
– На пример, ако земеме 36 илјади по глава на жител во Европа и 8 до 9 илјади евра овде, ќе ни треба до четири пати зголемување на стапката на раст за да го достигнеме истото ниво. Ако имаме побрза стапка на раст, тогаш за 30 до 40 години; ако имаме побавна стапка, како во последниве пет-шест години, тогаш за 60 до 70 години – изјави Иваило Изворски, главен економист на Светска банка за Европа и за Централна Азија.
За економските експерти, пак, главна причина за слабиот економски раст е ниската реализација на капиталните инвестиции. Според нив, најавата за 5 отсто раст е преоптимистична.
– Реално, според мене, преоптимистичка е прогнозата за 5 отсто раст, бидејќи сме во изборна година и тогаш, реално, има најлоши резултати кога се зборува за економијата и за растот. Истовремено, Владата премногу се потпира на инвестициите, иако тие, ама буквално, никогаш не се реализираат согласно со проекциите, така што и тука го гледам тоа негативно влијание. Лошите прогнози на Светска банка, според мене, се реални, затоа што тие добро ја анализирале состојбата во македонската економија, согласно со сегашните капацитети. Многупати досега сум кажал дека сè додека не привлечеме високотехнолошки компании и не инвестираме и не поддржиме развојот на стартапи со иновативни бизниси, не можеме да очекуваме какви било резултати. Инвеститорите што нудат инвестиции во фабрики и вработување работници не носат бенефит, нам ни се потребни технолошки компании. Но, тие одат таму каде што нема корупција, каде што постои владеење на правото, каде што функционира пазарната економија… Тоа во Македонија го нема – изјави аналитичарот Синиша Пекевски.
Според економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, она што треба да го направи Владата за да го подржи растот е целосно да ги реализира капиталните инвестиции планирани за оваа година. Но, смета дека се мали шансите да се случи тоа годинава.
– За повисок раст од преку 4 отсто, потребни се покрупни промени. Потребна е сериозна индустриска политика – државата да избере кои сектори ќе бидат столбот на економијата во наредниот период, да зацрта стратегија за нивни развој и да ги поддржи со конкретни мерки. За ова, за жал, воопшто не се ни зборува, па затоа мислам дека нема да почнеме да им се приближуваме на развиените земји уште долго време – изјави Јовановиќ.
Македонската економија е во слободен пад, велат од СДСМ. Тие уверуваат дека ѝ понудиле на Владата неколку предлози, како конструктивен партнер во развојот на оваа земја, но Владата не ги прифатила. Сега велат, за ваквиот резултат се одговорни само актуелните креатори на политиките.
– СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони со кои ќе се раздвижи економијата и ќе се зголемат платите, но власта е глува. Со месеци предупредувавме дека економијата тоне, а денес таа потврда стигна и од проекциите на Светска банка. Македонија, за жал, оваа година ќе биде со најмал економски раст во регионот. Владата ветуваше дека ќе бидеме лидери во регионот, но, очигледно, ќе бидеме последни. Ова е резултат на погрешни економски политики, но и на целосна негрижа за граѓаните – велат од СДСМ.
Во извештајот на Светска банка се наведува дека Македонија годинава ќе остане закована на дното од Западен Балкан по стапката на раст на БДП со 2,6 отсто. На претпоследното место е Босна и Херцеговина со 2,7 отсто. Црна Гора е некаде на средината, со раст на економијата од три отсто. Со 3,2 отсто е Албанија, Србија со 3,5 отсто, а Косово е на врвот со 3,8 отсто раст на БДП за 2025 година.