Сардинија (2): Волшебноста на едноставниот живот

Иако Сардинија е дел од Италија од 1861 година, кога островот (тогаш Кралството Сардинија) станал дел од новообединетата држава, тоа како да останало само на хартија и во државна смисла. Сите Сардинијци се Италијанци, имаат италијански пасош, учат италијански во школо, гледаат италијанска телевизија, гласаат на италијански избори…, но типичните ставови, слушнати во разговори со локалците, се: „Ние сме Италијанци по пасош, ама Сардинијци по душа“, „Нашата култура е постара од Италија“…

Сардинија е остров. Физички и културно одвоен од остатокот на Италија. Многумина домицилни граѓани велат дека се чувствуваат „на половина пат меѓу Италија и Шпанија“. Животот таму отсекогаш бил посебен, побавен, со свои навики и јазик.

Сардинија  не е Италија. Таа има сопствени народни носии, песни и обичаи. Додека повеќето Италијанци се експресивни, гласни и со живи гестикулации, Сардинијците (или Сардите) се повлечени, мирни и резервирани барем, на прв поглед. Не зборуваат премногу, туку одмерено. Не се отвораат лесно кон странци, но штом стекнеш доверба, ќе те прифатат како фамилија. Имаат скромна гордост, не сакаат да се фалат. Секогаш подготвени да помогнат, па и кога не разбираат англиски, не ги мрзи буквално, да ти „нацртаат“ и да одвојат од своето време само за да ти го решат проблемот.

Гламурозноста е во ненаметливоста, во тишината, приватноста, пристојната дистанца, без никаков кичерај – ни во изглед, ни во однесување

Сардинискиот јазик звучи топло и „тешко“, како мешавина од стар латински, шпански и италијански. Покрај италијанскиот јазик, кој е воведен на островот со закон во јули 1760 година, сардинискиот е втор најраспространет на островот и го користат автохтоните Сардинијци. Сепак, поради моделот на стандардизираниот образовен систем, бројот на луѓето кои го говорат како мајчин јазик постепено се намалува. Па така, тој е дефиниран како загрозен и е заштитен од УНЕСКО. Имаат неколку дијалекти од разни региони на островот.

Значи, јазикот што ќе го чуеете во Сасари не е „чист сардиниски“, туку сасарезе, мешавина од сардиниски, италијански и корзикански. Алгеро има пак, каталонски корени, нивниот алгереш е мешавина на сардиниски и стар каталонски јазик.

Сардинија има бавен, природен ритам на живот. Луѓето живеат долго (дел се од т.н. „Сина зона“), затоа што се хранат на здрав начин и со домашни производи, многу пешачат, имаат силни семејни и општествени врски. Просечниот животен век е малку повеќе од 82 години (85 жени и 79,7 мажи и држат светски рекорд по бројот на стогодишници).

Цените варираат: нешто е поефтино, нешто поскапо од кај нас. Важно, секој Македонец може да си помине пристојно на Сардинија

Поголемиот дел од исхраната им се базира на морска храна. Популарна е многу зачинетата супа од риба Бурида, како и јастог, ракчиња, школки… Не ги пропуштајте познатите пасти кои вклучуваат специфична локална комбинација на њоки и равиоли прелиени со прекрасни рендани кашкавали. Јагнешко и прасечко, кашкавалот пекорино, тенкиот и крцкав леб што го јадат со сè. Малите рибарски ресторани, свежата паста со морски плодови се „религија“. Пицерии, речиси и да нема. Пицата за нив е „урбано“ јадење од континентална Италија и не е дел од таа нивна „автентична“ слика, па на неа се гледа како на нешто туристичко, а не домашно. За разлика од Италијанците, Сардинијците ретко јадат во брзање. Оброкот им е дел од културата.

Сардинијците се горди на своите локални состојки, и повеќето ресторани нудат морска храна, домашни сирења и сувомеснати производи, локално вино и маслиново масло.

Еспресо или капучино пијат стоејќи, во локалното кафуле, каде што го познаваат шанкерот. За време на ручекот (кој трае долго, од 13 до 15 часот), помалите продавници и фирми се затворени до 16 часот, па потоа пак, се отвораат. Околу 19. 30 часот почнуваат со “аперитиво”, чашка жесток пијалок со мали закуски, често во барови со музика. Вечерата е подоцна, околу 20.30 до 21.30 часот, а по неа, прошетка, разговори со соседи или најчесто во семејна атмосфера.

Алгеро има силен каталонски историски печат: дел од локалниот дијалект, архитектурата, храната и некои обичаи се влијание од Каталонија.  Сасари пак, повеќе е „средишен“ во смисла на администрација, образовни институции, традиции на цела Сардинија. Сасари не е брз град. Луѓето се мирни, разговорливи. (Ќе ви кажат „ариведерчи“ дури и ако сте ги прашале која е следната станица на автобусот.)

И двата града имаат фестивали кои го обединуваат локалното чувство на заедница. Во лето Алгеро може да биде многу жив со туристи; кафе-баровите, рестораните и плажите работат со полна пареа. Во Сасари се со малку поздрави навики, но исто така активни. Во зима е потивко, помирно. Во Алгеро делумно се чувствува дека градот „сурфа“ низ сезоните (туристичката сезона го активира поголемиот дел од островската економија). Климата е средоземна, со топли летни денови, умерени зими, блиску до морето се чувствува влажност, а кога ќе се појават ветровите (кои траат кратко, но се чести), добро е да имате џемпер при рака. (Всушност, имајте постојано потопол дуксер во ранецот. Зошто кога дува, па макар и кратко, дува сериозно.)

Сардинијците ретко влегуваат во расправии. Имаат спокоен темперамент. Но ако ги навредиш, особено, ако им го допреш достоинството или земјата, можат да станат непријатни. (Имаат две полиции: локална, сардиниска и карабинери) Тие не се „бујни“ како остатокот од Италија, повеќе се внатрешно силни, со ненаметлив стоицизам. Имаат една стара сардиниска изрека: „Сардиниецот е како времето: не го забележуваш, но кога ќе се промени, ќе однесе сè.“ Тие се автентични и директни: ако ти се насмевнат, тоа е искрено, не од формалност. Ако ти речат „ќе помогнам“, тоа навистина значи дека ќе помогнат.

Многумина во Сардинија живеат со едноставен ритам: работа, семејство, природа. Не преферираат гламур, туку стабилност и мир. Сите се лежерно облечени (некои поелегантно, некои поспортски), но сите се во патики, и мажи и жени. И нема луѓе со прекумерна тежина. Материјализмот е помалку присутен од остатокот на Италија. Просечната плата е околу 1 300 евра, но се жалат дека цените постојано растат. За среќа, имаат продавници и маркети во кои може да пазари и еден просечен македонски граѓанин.

Сардинија е и скапа и прифатлива во исто време. Зависи во кој дел од неа се наоѓате. Сасари е далеку поефтин од Алгеро, во секој поглед. Меѓутоа, генерално, овој остров може да се доживее за една седмица со просечна македонска плата (за едно лице).

Нискобуџетните летови се од 50 евра, па нагоре. Сместување во солиден хотел е од 80 до 150 евра од ноќевање со појадок (двокреветна соба), но има и хостели и апартмани, за 20 до 50 евра од ден. Кафе покрај брегот е две евра, минерална вода во маркет од 1,5 литри е 15 денари, автобуска карта со траење од 90 минути е две евра, а еднократна 1,20 евра, додека пак за воз (меѓуградски), три евра. Превозот се сведува на автобус и шинобуси (или брод), луѓето претежно пешачат или возат скутери, па затоа најдобро е за истражување на Сардинија да се изнајми рента-кар автомобил.

Во маркетите ќе најдете одлично вино за две евра, пиво 0,5 л. е 50 денари, литар добро ладно цедено маслиново масло за четири-пет евра. Килограм пилешко е три евра, лосос 28 евра, чери-домати шест евра. Килограм краставици пак е едно евро, круши сто денари, свежи ракчиња 12 евра… Сувомеснатите производи се од осум евра по килограм па нагоре, сувите тестенини (50 грама) помалку од евро, кашкавалите од десет евра, па нагоре (пекориното е 18 евра по килограм), а литар обично сончогледово масло е 75 денари.

Е сега, пабовите и рестораните за нас, просечните, се скапи. (Ама па, за нас, просечните и Скопје е скапо.) Кригла пиво во пристоен угостителски објект е седум евра, салата од пет до 14, чизкејк 6,50 евра, коктелите се над десет евра, тестенини нема поефтина порција од 16 евра. Чинија помфрит е шест евра. Најисплатливо е да се нарачува на килограм (особено месото), ако сте повеќемина. На улица, топка сладолед е 100-150 денари и е најдобриот сладолед што сте го пробале во животот. Ама затоа пак, коралниот накит во Алгеро (рачната изработка), ќе ве чини стотици евра.

Што се однесува до бутиците и „стандардните“ брендови, цените се исти како и кај нас. Со таа разлика, што кај нив, како и во сиот нормален свет, попустите се реални и достапни. Така што, освен ако не е на попуст, сосема бесмислено е да пазарите во Бата на пример, и да се изложувате на непотребен стрес на аеродромската контрола. (Иако, за волја на вистината, тешко дека ќе најдете потолерантни и попријателски цариници и полицајци од аеродромот во Алгеро. Важно им е само да не пренесувате динамит. На се друго „замижуваат“: и на вода, тежина на багажот, димензии, дополнителни ташничиња, ќеси…)

И, уште ова: загаденоста на воздухот е речиси, нула, многумина пушат, но никој на улица, сите возат полека, со огромна почит кон пешаците, никој не свири од автомобилите, никој, никаде не брза… Патишата се беспрекорно чисти и средени.

Изненадувачки е и што кога на прашањето од каде сте, ќе им одговорите од Македонија, не велат Грција, туку точно ве лоцираат и чуле и за земјата и за нашата ситуација во светот. Како што кажа еден сасарец: „Вие сте слични на нас: Ние сме изолирани од Италија, вие од соседите.“ Да, затоа што на Сардинија идентитетот е сложен, длабок и понекогаш дури и поделен меѓу „ние Сардинијците“ и „ние Италијанците“.

Затоа што многу Сардинијци чувствуваат дека Рим и континентот ги игнорираат со помалку инфраструктура, економски тешкотии, висока невработеност меѓу младите, слаби јавни услуги. Поради тоа дел од населението сака повеќе самоуправа, па дури и независност. Меѓутоа, тоа чувство „ние сме различни“ не е национализам, туку идентитетска гордост. Што ќе рече, повеќето луѓе имаат двојна припадност, но со срцето се повеќе кон островот.

И за крај, многумина странци што се преселиле таму велат дека Сардинијците им ја „вратиле вербата во едноставниот живот“. Сардинија е една од петте италијански региони со своја автономија. Заслужено. Затоа што на Сардинија, највредното нешто е нејзиниот народ.

Бранка Д. Најдовска

Извор…

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *