Дарлинг деар, цело време те читам, што по дома, што на патувањата и морам да ти кажам дека не оддолеав да не ти пишам. Всшсност, мене многу ми е жал што на крајот на страницата нема копче за Лајк, како на твоите коментари би можела и да кликам. Прекрасни ти се коментарите! И да, се сложувам со господинот кој ви искоментира дека во државава има многу очајни жени, иако јас би додала дека има и многу очајни мажи, но без доволна храброст тоа да го споделат јавно.
Поздрав, Сузана
Сузана дарлинг, фала ви за убавите зборови, со големо извинување до сите читатели на кои сум им останала должна за објавување на нивните коментари и критики, но едноставно, просторот е тој. Сосема во право сте за нашите мажи. Ним хронично им недостасува храброст за било што. Меѓутоа, искрено, не ни имаат некаква неопходност од неа зашто нив, како бели мечки, ги штити традицијата, великодушно потхранувана од нивните мајки. Односно, од нашите мајки, кои патем, родиле и ќерки, кои истите не ги есапат за достојни во хиерархијата.
Односно, од тие исти ќерки кои се уште мислат дека, ако родат син го фатиле Величествениот за мадиња, а својот патетичен живот го наметнуваат како приоритет токму нив, потценетите, понижените и опљачканите,од сопствените родители – ќерки. Не ви е јасно!? Мене пак, ич.
Како и да е, проблемот со „очајните“ можеби и не е толку во очајот колку во драматичноста. Ние како народ, сме такви – за се креваме преголема врева и на секоја ситница и даваме неосновано значење.
Кога не би се сфаќале себе си толку сериозно, се би било полесно. И позабавно…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)