„Штета што не успеа лустрацијата. А и како ќе успее со толку клеветници. Барем ќе излезеа на виделина многу работи што се покриени со тајност. Ќе се видеше дека некои денешни таленти имале уште поталентирани предци во минатото. Ќе се видеа придобивките од УДБА, КОС и други инсталации, кои ми се чини дека сè уште работат. Зашто сега е време кога дејствуваат пропагандите повеќе од порано. Колумнисти, аналитичари, професори, на разни телевизии, портали, поткасти и наткасти, на разни социјални мрежи црното го прават бело. Од една страна, вршат предавства, од друга, ги оправдуваат тие предавства. Рацин пееше: ‘За туѓи бели дворови, копај си црни гробови’“, вели научникот, кој во својата 76-та година од животот го објави делото „Вера и суеверие; На клетва лек нема; Мојот пат“
Книгата „Вера и суеверие; На клетва лек нема; Мојот пат“ (издание на „Гирланда“ од Скопје), од неуморниот проф. д-р Марко Китевски зборува за старите народни верувања и обичаи кои биле важен дел од животот на луѓето. Во неа авторот објаснува како настанале многу суеверија и какво значење имале во минатото. Покрај тоа, во книгата има и дел во кој тој раскажува за својот живот и за неговата работа како истражувач на македонската традиција.
Ова дело несомнено е лектирно за секој што сака подобро да ги запознае македонската култура и народното наследство.
„Вера и суеверие; На клетва лек нема; Мојот пат“ е всушност шестиот том од „Одбрани дела“ на овој научник, во кој се обединети три негови труда со различен, но поврзан тематски фокус.
Китевски (1950 година, с. Слатински Чифлик, Охридско) е професор во пензија во Институтот за македонска литература. Во својот богат работен век, меѓу другото, бил и заменик-раководител и раководител на Институтот за македонска литература и раководител на Одделението за македонска народна литература при овој Институт. Бил член на редакцијата, извршен и главен уредник на списанието „Спектар“, во повеќе мандати бил член на Советот за македонски јазик при Министерството за култура, исто така бил член и на повеќе комисии при ова Министерство. Автор е на голем број радио- и ТВ-емисии, активно бил вклучен во организацијата на поголем број научни собири во земјата и странство.
Автор е 70-ина книги и над 400 други труда (студии, статии, рецензии, полемики…) објавени во книги, списанија, зборници од научни собири и други пригодни публикации.
Професор Китевски добитник е на наградите: „13 Ноември“ на Град Скопје (2004), „Ѓорче Петров“ на Општина Ѓорче Петров (2008), на највисоката државна награда „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања за Република Македонија од областа на науката (2008), на највисоката државна награда за наука „Гоце Делчев“ (2012), на државната награда „Св. Климент Охридски“ (2016) година како највисоко општествено признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието и образованието, како и на државната награда „11 Октомври“ во 2024 година како највисоко признание за животно дело од јавен интерес во областа на науката.

Како би ги објасниле верувањата во клетви и маѓии денес, во 21 век? (Луѓето ги заборавија народните приказни и песните, ама сè уште колнат!? Дури и на социјалните медиуми.) Кои се најчестите видови клетви и маѓии што се среќаваат во нашата култура и што тие симболизираат за луѓето што ги користат?
– Кузман Шапкарев во својот зборник запишал дека „невоспитаните жени што ѝ припаѓаат на класата на простите луѓе, кога ќе му се налутат некому, а особено мајките на непослушните деца, ги колнат со какви ќе им дојдат на уста груби и непријатни изрази: Да би ми треснал, пукнал, нефтасал, ослепел, хаир не сторил, да би си скршил ноѕете, изва’јл си очите, да питаш та да се раниш…“ Покрај родителската, за тешки клетви се сметаат и кумовата и девојчинската клетва. Тие примери се сведоштво дека клетвата ја користи послабиот, навредениот, како последно оружје за одбрана. Инаку, чест мотив во народните клетви е болеста, и тоа разни и најтешки болести, потоа сиромаштијата и разни други страдања. Такви се клетвите и во народните песни и во народните приказни. Често кога некој колне, го повикува Господ или Богородица да го накажат тој што направил злодело.
Интересни клетви среќаваме во приказната „Силјан Штркот“. Освен што Силјан е колнат од татко му поради непослушност, колнати биле и штрковите во некоја далечна и непозната земја, каде што го однесла судбината по потонувањето на ѓемијата со која одел на аџилак. Имено,многу одамна во таа земја имало некој старец, кој бил како светец и бил единствениот што ги советувал децата што биле многу непослушни. Еднаш децата го удриле одземи и на часот беше му пукнала жолчката и тој беше проколнал сиот народ што се наоѓал во таа земја. „Ов, да би Господ ве судил, деца – им рекол – што ме отепавте на правина. Да даеше Господ една сипаница лоша да дојдеше и сите вас да ве собереше, та после до векот едно да не пркнит, овде да се родит, ами бело море и црно да препливат таткој ви и мајки ви тамо да видат челад; откако ќе видат челад, тамо еден Господ нека судит и еве јас кај си умирам“. Клетвата се исполнила, сите деца изумреле од лошата сипаница. На гробот од старецот се јавиле два извора. А после ѝ дошло на сон „на старата од старио“ да кажи да појдат кај изворите да се искапат во едниот извор да се сторат штркови и да прелетаат бело море и црно, та да дојдат во нашава земја и овде челад да изгледаат и пак да се вратат, да се искапат во другиот извор и да станат луѓе. „И ете кај си прајме така од илјадници години и дури стои веков, Силјане внучко, се така ќе си прајме – му рекол домаќинот и друзите“.
Во приказната „Кртот е попски син“ се вели дека алчниот поп што сакал да му ја земе нивата на сиромавиот ископал дупка во нивата во која го ставил својот син, го покрил со грмушки и лисја и го повикал сиромавиот за да ја прашаат нивата чија е. Кога ја прашале. „Чија си ниво?“, поповото дете од дупката викнало: „Од попо, од попо сум, ами чија сум!“ „Господ да те суди и тебе и нивата“, рекол сиромавиот и плачејќи си отишол дома. А кога попот се вратил да го извади сина си од дупката, видел дека тој се сторил крт. Кога го видел попот сина си оти се сторил крт, од голема жал беше се ватил за вилици и тргнал со рацете надолу, та си ја истргал брадата. Од тој себап и ден-денеска попоите, од жалта за стореното дете крт, кај си носат бради, заклучува народниот раскажувач за клетвата што го фатила лакомиот поп.
Има и верување дека клетвата треба да биде упатена кон Господ, тој да помогне во нејзино исполнување. Во приказната „Сиромашката баба со кокошката што му ја изеде богатио“ се раскажува дека некоја стара баба си имала само една кокошка „секи ден је носела по едно јајце и со тоа јајце си ручала и си вечерала“. Арно ама до куќата од бабата живеел некој богат човек многу тамафчар и многу завислив ја фатил кокошката и ја изел. Кога видела бабата дека ѝ ја нема кокошката, почнала да се моли на Богоројца: „Богоројчице мајчице, ти суди го и пресуди го тој што ми ја изеде кокошката што ми носеше по едно јајце на ден, ти како знаеш така суди го!“ На богатиот веднаш му пораснале пердуви по целото тело, се затворил дома и не излегувал. Винал некој верен пријател и му ја кажал маката. Овој отишол кај бабата и ја убедил да го колне тој што и ја изел кокошката. „Ами за него клетви, клетви беломорцки да му даваш, да да го ватат и да страда од грло, да да не му текни уште еднаш да јади туѓа кокошка.“ Бабата иако не сакала да колни почнала да го колни „Да би срце го изело тој што ми ја изеде кокошката, да да немам едно јајце да си ручам и да вечерам!“ Кога почнала да колни бабата заборавила да ја моли Богородица таа да го накажи и како таа колнела така пердувите на богатиот паѓале. Така куртулисал пустио богат од тие проклети пердуи“. Народниот раскажувач сака да каже дека човекот треба да остави на Господа или на Богородица тие да го накажат.
Дали сметате дека стравот од клетви и маѓии понекогаш ја ограничува слободата и духовниот раст на луѓето? Како да се ослободиме од таквите стравови?
– Едноставно, да не ја заслужиме клетвата. Да не правиме злодела. Зашто, како што рекол некој: „Сè се враќа, с се плаќа“. Колку и да има негативна функција клетвата, таа и во минатото влијаела врз луѓето помалку да прават лоши дела. Луѓето најмногу се плашеле од клетвата, особено од таа на црковните лица. Се плашеле од анатемата. Познато е да речеме дека клетвата е застапена во Законот за судење на луѓето, што св. Методија го напишал, како словенски кнез во Македонија на словенски јазик околу 845/855 година. Таму во втората глава се вели: „При секој спор, тужба или пријава прилега кнезот и судијата да не прима обвинување без многу сведоци, туку да им се каже на странките, тужителите и доушниците: доколку не докажете под клетва, како што заповеда божјиот закон, очекувајте иста казна што ја баравте за другиот. Така заповеда божјиот закон, а кој не се придржува кон него да биде проклет“. Црногорците, на пример, многу се плашеле од клетвата на владиката Петар Први. Тој со закана со клетва успеал да ги помири крвно закараните племиња Браиќи и Његоши кон крајот на 18 век. Двете братства се помириле поради страв од проклетството, кое е највисок степен на клетвата.
Клетва среќаваме и во Уставот на самарџискиот занает од Куманово од 1870 година. По осумте одредби на Уставот (Канономие), има и поглавје „Проклетиа“, наменето за оние што не се придржуваат на пропишанитре правила. „Знано да биде свакому мајстору кој да се покаже непокорен на гореказаните канони, да биде проклет од триста и осумнаесет свети отци и од светога апостола Петра и Павла и од мајстори презрен и поруган. Во век и веков“. Потоа следуваат имињата на мајсторите од споменатата година кога е донесен Уставот. Тие триста и осумнаесет свети отци се, всушност, учесниците на Првиот вселенски собир во Никеја 325 година кога се осудени еретиците и кога се донесени важни одлуки за црквата. Оваа клетва ја среќаваме и на многу стари ракописи во нашите манастири. Дарителот на ракописот забележал дека книгата се подарува на тој манастир или на таа црква и кој ќе ја уништи книгата, да биде проколнат од 318 свети оци никејски итн.
Григор Прличев во словото за прекрасните уметности вели дека „има мајки што ги воспитуваат чедата со песни, наместо да му каже на синот „не кради“, таа му пее една песна што го одвикнува од крадењето многу посилно од сите доктори на светот“. Навистина народните умотворби содржат многу примери за позитивно или негативно однесување, многу поуки.
Еден раскажувач на народни приказни со име Илија Николов Кочовски од село Слоештица, Демир Хисар, од кого запишав цела книга приказни, зборуваше дека приказните содржат големи пораки. Ако во слушателите имало некоја неморална жена, тој раскажувал што доживуваат таквите жени, ако имало некој поп што бил пуш, раскажувал како на некој поп, за неговото неморално однесување, му ја избричиле брадата. „Еј поучуваат сигурно. Кој внимават во приказната, та е како некое школо. Ако е некој арамија, да речеме, ќ’избегнит од тие работи. Или жената да се остајт од то… Ако си земат на себеси, нека не прајт така. Ја зато кажувам за да се оттргнит од то. Во приказната сечат рака, нога, во пранги стот… Ја ти велам како е човекот, така ќе е завртам приказнава…“
Ете зошто луѓето избегнувале да прават злодела, односно да ја предизвикаат или да ја заслужат клетвата. Но, сепак, таа останала до денес да се заслужува и да се употребува.
Кои од традиционалните верувања и приказни од Вашето детство најмногу Ви останаа во сеќавање и како тие го обликуваа вашиот став кон духовното и натприродното?
– Од детството се сеќавам на многу обичаи и верувања, на многу песни и приказни што се раскажуваа, особено во долгите зимски ноќи, се сеќавам на домашните слави, на попретките, коледарските и василичарските огнови, се сеќавам на песните што ги пееја билјарките на Ѓурѓовден, на жетварските обичаи, на песните што ги пееја жетварките, се сеќавам на свирењето на кавалите и гајдите на овчарите, на богатите свадбени обичаи и песни, на ората сретсело на празниците, на обичајот „Скрсти“ кога се молевме да заврне дожд, се сеќавам како во сон на василичарите, кои маскирани, облечени во искинати облеки натоварени со ѕвонци и клопотарци под звукот на гајдата, ноќта спроти Василица ги играа василичарските ора и ги пееја песните што никогаш другпат не можеа да се слушнат. Ете тоа го понесов од детството со многуте песни и приказни што ги пееше и кажуваше мајка ми, од која запишав и објавив цела збирка песни и приказни. Можеби овие спомени од детството беа причина подоцна да се определам за професионално истражување на народната култура.
Дали навистина сме „осамен народ“ како што ќе рече Горан Стефановски, па затоа и многу несреќен?
– Не затоа што сме мал народ, ние не сме мал народ, ако се земе предвид етничка Македонија и ако се имаат предвид Македонците растурени по светот. Но дури и да се мисли на сегашната држава и нејзиното население. Има помали држави и народи од нашата Македонија што играат важна улога во меѓународните односи. Кај нас тоа е така зашто не се најде водач, барем досега, кој ќе го обедини народот и ќе го поведе кон иста цел. Знаете, уште монахот Исаија во записот за Маричката битка од 1371 година, пишувајќи за страдањата на населението по загинувањето на Волкашин и Углеша, вели: „Не остана кнез, ниту водач, или некој учител меѓу луѓето. Немаше кој да ги поведе кон спас. (…) И навистина тогаш живите им завидуваа на мртвите“. Кај нас, по осамостојувањето, кога имаме своја држава, водачите како повеќе да ги интесираа личните и партиските интереси од државните. Како да гледаа татковината да ја ограбуваат, а не да ја градат. Затоа многу заостануваме зад оние што имаа водачи посветени на својата татковина. Колку и да ги нарекуваме ние националисти, тие си гледаа за својот народ и за својата држава.
Македонија истрпела неколкувековно римско ропство, петвековно османлиско ропство, преживеала балкански и светски војни, можела да се справи со окупатори, но денес не може да се справи со петтоколонашите, кои отворено работат за растурање на државата. Во секоја нормална држава, по секоја таква изјава или дејство, првата задача на државниот обвинител е да издаде налог за приведување на таквата личност. Кај нас немаме државен обвинител. Тој не реагира ни кога беа потпишани капитуланските договори и протоколи, ни сега кога отворено се повикува на предавство. Си дреме човекот во скапоцената фотелја, со убава плата, која секогаш му е мала.
Знаете, кога го споменувам нашево судство и обвинителство, се сеќавам на еден детал од автобиографијата на Прличев. Имено, кога го спроведувале од охридскиот кон дебарскиот затвор, многу народ излегол на улица да му изразат поддршка. На сите врати и прозорци се гледале насолзени лица. Тогаш еден жандарм рекол: „Не плачете за него, тој не ести за плачење. Плачете за себе“. – Се чудев, вели Прличев, оти неколку зрна филозофија се нашле во мозокот на еден жандарм. Ангелина Филева, вели Прличев, како да ми беше сестра, плесна со раце кога минувавме пред нејзиниот дом и ѝ рече на жандармеријата: „Што е ова од вас? Какво зло сте виделе у даскалот? Зошто не ги ловите злодејците од кои и дрво и камен плаче? Но вие сте јунаци само за кокошки крадење и чесни луѓе ловење. – „Ти не си била за плачење – рече жандармот, но подобро е да молчиш. Ние не го уловивме но други“.
Ве потсетува ли ова на нешто. Ви личи ли ова на сегашнава ситуација со нашево судство и обвинителство со високи два отсто доверба. Оние што се избираа по шестотини-седумстотини на една седница во парламентот за сега чесните да се во затвор, а арамиите да се на слобода.
Македонија денес е во тешка ситуација. Можеби потешка од времињата кога била под ропство. Зашто кога државата е окупирана, народот се мотивира за ослоободителна борба, а денес се мотивирани само предавниците. Затоа што во Македонија многу пари се истурија во изминатите децении. Особено во шарената револуција и неколкуте години потоа кога шерените беа на власт. Големиот Филип Македонски рекол: „На светот не постои тврдина со толку високи бедеми, која не може да биде прескокната од магаре натоварено со дисаѓи, полни со златни монети“.
Се сеќавате на шарената револуција, на Сорос, на невладини, на разни борци, ослободители, чадори и што ли не… Како вошките: „Една оди, сто води, за илјада конак прашува“. Живееме во време на парите, борба за пари, за удобен живот, за одмор во најлуксузните одморалишта. За тоа требаат пари. А од каде пари? Нивите ни се неорани, бавчите некопани. Пораснале трње до небото. Наместо да извезуваме земјоделски производи, ние увезуваме. Магдонос од Турција, грав од Киргистан. Господ да чува и да брани. И тогаш од каде пари? Најлесно е да се продаде татковината. Тие што посегнуваат по тоа од клетва не се плашат, иако таа нема да ги заборави. Се водат од девизата – шелта ги оправдува средствата. Целта е Европа, која нашиот народ, не без причина, ја опеал како „блудница вавилонска, крвница македонска“, која има и свои проблеми и свои интереси. А уште големиот германски филозоф Алберт Ајнштајн има речено: „Навистина целта ги оправдува средствата, ама ниту една цел не е толку света да оправдува нечесни средства“.
Штета што не успеа лустрацијата. А и како ќе успее со толку клеветници. Барем ќе излезеа на виделина многу работи што се покриени со тајност. Ќе се видеше дека некои денешни таленти имале уште поталентирани предци во минатото. Ќе се видеа придобивките од УДБА, КОС и други инсталации, кои ми се чини дека сè уште работат. Зашто сега е време кога дејствуваат пропагандите повеќе од порано. Колумнисти, аналитичари, професори, на разни телевизии, портали, поткасти и наткасти, на разни социјални мрежи црното го прават бело. Од една страна, вршат предаства, од друга, ги оправдуваат тие предавства. Рацин пееше: „За туѓи бели дворови, копај си црни гробови“.
Затоа оваа власт заслужува поддршка. Заради посветеноста на националните и државните интереси. Заради посветеноста на татковината и решеноста да се одбрани достоинството. Дали ќе успеат, зависи од сите нас. Некогаш имало по еден предавник во едно село или за неколку села и тие се криеле зашто со нив ефикасно се справувала организацијата. Денес, предавниците се многу, јавно дејствуваат и се многу агресивни. Наместо да ја подржат Владата во одбраната на државните интереси, ја клеветат каде што ќе стигнат, сакаат да ја дискредитираат и сменат за да може да продолжат со распродажбата на државните интереси. Не верувам дека има на друго место во светот опозицијата да ја критикува власта за нешто што таа го правела кога била на власт (на пример, по криминалот, во нивно време бевме светски шампиони) или за нешто што таа не го направила (да речеме, подобар живот на граѓаните, видете ги зградите во кругот на УКИМ што се распаѓаат од 2017 година, патиштата по кои, како што велеше тогашниот премиер, ќе минуваат автомобили, потоа железницата, што ја дозапустија, за образованието и за здравството да не правиме муабет. На ум ми иде една пословица што сум ја слушал некогаш во детството: Цреп шутаре прекаруват, помочурка танец водит.
Што е најважното што го научивте до сега, професоре Китевски?
– Научив дека треба да се работи, да се посветиш на работата, таа да ти стане религија. Во годините на ропство борците за слобода воделе тешки борби, и зиме и лете, и на плус и на минус 40 степени низ снегови, гладни и жедни оделе низ планините и не се жалеле. Како дете имам чувано стока на дожд и ветер, имам орано, жнеено, косено, по цел ден на сонце кога никој не ја мерел температурата, кога воздухот треперел од жештина и кога се слушало само црцорењето на штурците и другите инсекти… И сега, кога ќе се сетам на тие времиња, му благодарам на Господа што можам во поподносливи услови да работам и да направам нешто за татковината. Нешто што ќе остане за идните генерации. Реков сега фолклорот е потценет и отфрлен, но верувам во времето кога тој ќе се цени, кога неговите пораки ќе се вреднуваат. Инаку, не би работел.

Факт е дека сте неуморен и еден од последните ентузијасти за зачувувањето на македонското народно творештво. Што следно може да очекуваме од Вас?
– Подолг период работам на антологија на македонски народни умотворби каква што нема во нашава издавачка продукција. Сакам во едно издание да ги соберам најубавите поетски и прозни состави (песни и приказни, како и кратките говорни народни умотворби), сакам да направам книга за секој македонски дом, за секој човек, без разлика на возраста, полот или професијата, сакам на едно место да го објавам најубавото што го создал македонскиот народен гениј низ вековите зашто народните умотворби не само што образоваат туку и воспитуваат. Се разбира, кој може да ги разбере. Песни како: „Јана и сонцето“, „Бездушна Неда“, „Заплакала ми голема нива“, „Женидба на гуштер и змија“, „Оро ми играле триста самовили“, „Црна се чума зададе“, „Марика мома убава“ и др. приказни, како „Силјан Штркот“, „Брат брата не рани, тешко кој го нема“, „Сиромашкото момче што се побратими со духот на умрениот и стана царсјки зет“, „Подобро е да направиш добро, а не да идеш на божји гроб“, „Овчарот и трите самовили“ и др. не се само литература. Во нив се кријат силни педагошки пораки и сведоштва за силниот ум на нашиот човек од минатото. Информатори како Депа Кавајова и Ѓурѓа Котеа, кои ги испеале најголемиот број од песните во зборникот на Миладиновци, Дафина од Просеник, што на Верковиќ му испеала речиси триста песни, Бесцена Софрева од село Куново, Готиварско, Николина Спасе од Мала Преспа, раскажувачи како Марко Цепенков, Спиро Иванов од село Мало Црско, Кичевско, Димо Стенкоски од Пештани, Илија Кочовски од Демир Хисар и многу други што заслужуваат поширока афирмација. Не заради нив, туку заради сите нас и заради нашата татковина.
Тоа планирам да биде седмиот том од Одбраните дела, се разбира ако Министерството го прифати на конкурсот за идната година.
(крај)
Бранка Н. Доневска