Децении истражувања и следење на животите на илјадници луѓе, од студенти на Харвард до жители на сиромашните квартови во Бостон, ги доведоа научниците до изненадувачки заклучок: формулата за добар живот не се крие во богатството или славата, туку во нешто многу посуштинско
Кога научниците од Харвард во 1938 година започнале амбициозен проект за следење на животите на 268 студенти, се надевале дека ќе ги откријат тајните на здравиот и среќниот живот. Меѓу првите учесници биле и идниот претседател Џон Ф. Кенеди и познатиот уредник на „Вашингтон пост“, Бен Бредли.
Истражувањето подоцна се проширило и на 456 момчиња од сиромашните делови на Бостон, а денес опфаќа повеќе од две илјади луѓе, вклучувајќи ги и потомците на првичните учесници, пренесува РТС.
По повеќе од 85 години собирање податоци, од медицински картони до детални прашалници и интервјуа, еден заклучок се издвои како непобитен.
„Изненадувачкото откритие е дека нашите односи и тоа колку сме среќни во нив имаат силно влијание врз нашето здравје“, објасни Роберт Волдингер, професор по психијатрија на Харвард и четврти директор на оваа најдолга научна студија за среќата.
Се покажа дека блиските и квалитетни односи се подобри показатели за долг и среќен живот отколку општествената класа, коефициентот на интелигенција, па дури и гените.

Податоците открија дека нивото на задоволство од односите на 50-годишна возраст било подобар показател за физичкото здравје на 80 години отколку нивото на холестерол. Моделот користен во студијата вклучува нумерички процени од анкетните податоци, кои покажуваат како секој аспект на среќата е поврзан со другите.
Се покажа дека среќните бракови дејствуваат како заштита од менталното опаѓање. Така, паровите во осмата деценија од животот, кои биле задоволни од својата врска, изјавувале дека расположението не им се влошува дури ни во деновите кога чувствуваат посилна физичка болка.
Од друга страна, оние во несреќни врски чувствувале и засилена емоционална и физичка болка.
Волдингер истакнува дека осаменоста може да биде смртоносна, споредувајќи го нејзиното влијание со пушењето или алкохолизмот.
„Социјалната кондиција“ се одржува со вежбање
Исто како што на телото му е потребно вежбање, така и на нашите општествени односи им се потребни свесен труд и посветеност.
Волдингер го воведува поимот „социјална кондиција“, кој подразбира способност да ги процениме нашите односи и активно да работиме на нивното подобрување.
Тоа значи да си ги поставиме следниве прашања: Кои односи ми даваат енергија? Кого ценам и како можам повеќе да ја вклучам таа личност во мојот живот? Дали сакам да создадам нови познанства?
Дури и блиските пријатели можат полека да исчезнат од листата на наши приоритети ако свесно не ги негуваме односите со нив.
Најдобриот начин за подобрување на „социјалната кондиција“ е времето за односите да го внесеме во неделниот распоред, исто како одењето во теретана или деловниот состанок.
Чувството на среќа за подолг живот
Волдингер и неговиот коавтор, кој воедно му е и пријател, разговараат телефонски секој петок напладне.
„Тоа стана автоматска навика. Разговараме за работата, но и за децата, за личните проблеми, за сè. Тој повик е огромен фактор за одржување на нашата блискост“, нагласи Волдингер.
Чувството на контрола како клучна состојка
Покрај силните врски, поновите истражувања укажуваат на уште еден клучен елемент на среќата – автономијата.
Една студија објавена во списанието The Journal of Positive Psychology прави разлика меѓу хедонистичкиот поглед на животот, кој ја гледа среќата како потрага по задоволство, и еудаимонискиот пристап, кој ја дефинира преку смислата и активностите што имаат цел.
Истражувачите од Универзитетот во Торонто анкетирале повеќе од 1.200 возрасни лица и откриле дека, иако поврзаноста со другите и чувството на компетентност се важни, автономијата е единствената психолошка потреба што придонесува за задоволството од животот независно од моменталните позитивни чувства.
Со други зборови, луѓето не го оценуваат својот живот само врз основа на прашањето „Како се чувствувам?“, туку и преку прашањето „Дали ова е мојот живот?“.
Чувството дека самите сме ги донеле одлуките, дури и тешките одлуки што не ни носат моментално задоволство, има пресудно влијание врз долгорочното чувство на исполнетост.
Иако често се вели дека парите не можат да ја купат среќата, истражувањата за улогата на богатството покажуваат посложена слика.
Додека финансиската стабилност секако придонесува за благосостојбата, нејзиното влијание слабее откако ќе се достигне одредено ниво на приходи што ги покрива основните потреби.
Истражувањата спроведени во мали, рурални заедници, кои имаат мал или никаков контакт со парите, покажале изненадувачки високо ниво на задоволство од животот.
Ова укажува дека факторите како блискоста со природата, силната меѓусебна зависност во заедницата и отсуството на општествени споредувања можат да бидат помоќни извори на среќа од материјалното богатство.
На крајот, квалитетниот живот не се сведува на собирање моменти на уживање, туку на градење темели што ги сочинуваат цврстите врски со другите и чувството дека управуваме со сопствениот животен пат.
Како што вели Волдингер, односите не гарантираат среќа секој ден, но „го градат темелот на благосостојбата, заштитната мрежа и чувството дека во животот имаме луѓе на кои можеме да се потпреме кога ќе ни затребаат“.