Причините за зголемување или губење на телесната тежина се многубројни. Првенствено, тоа се начинот на живот и исхрана. Меѓутоа, кај некои личности ни должината на сонот не е за занемарување. Експертите оддамна утврдиле дека, спротивно на очекувањата, помалку сон доведува до поголем број на килограми.
На дебелеење повеќе се наклонети „ноќните птици“ отколку оние кои спијат од седум до девет часови. Само четири часа сон опасноста од дебелеење ја зголемува дури за седумдесет отсто, а само еден час подолго ја намалува за педесет отсто.
Причината се крие во пореметувањето на взаемното делување на два хормона – лептин и грелин кои влијаат на апетитот. Хормонот лептин во мозокот создава чувство на ситост, а грелинот на глад. Благодарение на нив, кога се урамнотежени, човек знае кога и колку треба да јаде.
Недоволното спиење ги „потсетува“ хормоните на праисконскиот нагон за одржување, потиснатото наследство од дамнешните времиња на цивилизацијата кога човечкиот организам се прилагодувал на промените во природата. За време на летните месеци, долгите сончеви денови и куси ноќи, храна имало во изобилие, па се јадело повеќе за да се создадат резерви за долгата и студена зима. Значи, човекот јадел кога имал што, а спиел кога немало храна.
Така, надвор од човечката волја, краткотрајниот сон неминовно го наведува лептинот во мали количини да пристигнува во крвта, а грелинот поттикнува предизвикување на чувство на глад. Поради ова, оние што поголемиот дел од ноќта го поминуваат во бдеење и во глуво доба посегнуваат по храната и се дебелеат бидејќи се што ќе изедат се претвора во залихи.