Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Миро и Аднан

Тоа попладне кон крајот на јуни Миро го ослушнувнуваше тивкото заоѓање на сонцето и уште потивкиот шепот на лисјето кое се нишаше на дрвото под кое ја допушуваше цигарата. Штотуку штурците се јавија од оближните џбунчиња му заринка телефонот. Од другата страна му јавија дека треба да оди до градот. Пред паѓање на ноќта по напорниот ден некако не му беше мило да го прекине својот одмор.

„Тежок е селскиот живот, ама го сакам. Мирисот на штотуку складираното жито во амбарот и сламата која во бали го чека тракторот да ја собере и да ја смести во пластови е тоа што тука постојано ме влече и не ми дава ни да помислам да го напуштам селото. А и кога од блиска далечина ќе го слушам блеењето на овците кои со своите истрижени руна повеќе мирисаат на млеко,одошто на волна,… Хм!“

Му се вртеа мислите на овој 40 годишник. Млад, а стар. Висок и исправен, строен. Допадлив маж.
Миро погледна на часовникот и без многу размислување го сврте клучот во својот нов автомобил. По тесниот асфалт се движеше помалку од ограничената брзина. Знаеше дека тоа е времето кога сточарите го прибираат добитокот.

Полјоделците се враќаат од нивите, па може да изненади некое заталкано грло да му се испречи на патот, или некој работник со до последен атом исцедена сила да се затетерави пред тркалата. Не сака Миро да има неприлики ниту со овчари, ниту со некој друг. Да не му префрлуваат како вози.

Автомобилот ги преминуваше километрите. Надалеку Миро од својата десна страна здогледа двајца мажи и паркиран автомобил. Беа загледани во автомобилот, та Миро ја намали брзината, а погледот целосно го сосредоточи кон луѓето. За миг заборави да гледа право или десно, или во ретровизорот. Помисли дека луѓето се во невоља и дека треба да запре и да им помогне. Наеднаш со дел од окото во близина токму од десната страна здогледа момче кое наумило да го премине патот и што поскоро да дотрча кон паркираниот автомобил, без поглед лево-десно. Или така изгледаше. Миро како да се разбуди.

Наеднаш ја притисна сопирачката, авотомобилот почна да се тетерави во банкината, се преврте неколку пати и застана на кровот, со трите тркала од горе, а едното отфрлено неколку метри подалеку. Низ лицето од пределот на слепоочницата, од раскрвавена аркада се разлеа топлина. Миро се обиде да ја избрише, ја окрвави раката, а потоа се испипка по телото. Сфати дека е цел и жив и молскавично тргна да излезе од распарчениот авотмобил. „Детето, дали е живо детето?!“ Му пролете мисла како молња низ веќе повредената глава. Некако се извлече од сега веќе крнтијата, додека кон него трчаше едниот од двајцата мажи покрај паркираниот автомобил од спротивната страна.

-Детето? Каде е?

Човекот застана пред него исплашен и вчудовиден. Не му се веруваше дека од распарталавениот автомобил се појавил жив човек кој се движи. Уште и зборува. Очевидецот тешко прибирајќи се зачудено изустува: „Кое дете?“, и тоа тивко. Со мутиран глас.

Миро не запира. Го здогледува детето легнато недалеку од сега веќе само куп од остатоци од автомобилот. Го пушта подолго чекорот и со сета силина го зема в раце. Во тој миг на Миро му се „пресекуваат колената“. Му треперат нозете, а тој се’ посилно го стега детето плашејќи се да не го испушти. Детето пак се тресе од страв што го видело превртувањето на автомобилот, а не ни сфатило дека причината е неговата небрежност.
Двајцата мажи од паркираниот автомобил стаписани од глетката не знаат што да прават.

Tree

-Викајте итна медицинска помош! Детето е преплашено, им вели Миро.

Петнаесет годишниот Аднан од соседното село на Миро, прекриен со бели болнички чаршафи липа со главата под перница. Првин потивко, а потоа и погласно. Не може да се соземе. Во главата му е конфузија. Не знае дали му е страв од прекорите на татко му за невнимание, па можел да загине. Ниту дали од тоа што Миро можел да загине, та тој цел живот да го носи на душа како единствен виновник за нечија смрт. Не знае дали му е страв од треската што му го зафатила целото тело, та неконтролирано го дрма како да е вклучен во електрично коло. Над него надвиснале некакви шишиња поврзани со црева. Од иглите Аднан не чувствува никаква болка.

Во болницата во која и на Миро му ја превиткале главата со завои, тој се јавува по телефон и прашува за детето чие име во севкупната турканица му останало непознато. Откако му кажуваат дека Аднан е во стабилна состојба Миро го зема својот син, без да знае дека е врсник со Аднан и во првата јувелирница купува златно синџирче.

-Тоа! Да, токму тоа! Најубавото дајте ми го! Не прашувам колку чини, оти животот нема цена! – му вели на дуќанџијата. Трговецот немо го погледнува човекот со замотана глава и момчето покрај него. Во најубава паковка го става синџирчето и вкочането ги испраќа. Ништо не му е јасно, иако како стар трговец се нагледал се’ и сешто.

Нема ли да те нападнат неговите родители за тоа што се случило со нивното дете? Можно е за нив ти да си виновен што момчето сега е во болница! Го потпрашува Миле, постариот син на Миро.
-Не знам, а и не е важно. Важно е дека момчето е добро, а и тоа ќе знае дека не е моја грешка. Господ не’ зачува двајцата за да не спои…, нераскинливо. Од сега натаму ти и брат ти ќе имате побратим. А ова момче јас ќе го доживувам како мое ново чедо, оти Севишниот ми го дари на крвав начин, како што жените крварат при раѓање.
-Хм! Се накашла Миле, климна со главата придружувајќи го татка си.

Во болничката чекална пред времето за посети врвулица од луѓе. Во нивниот џагор и прераскажување што се случило претходната приквечерина го пропуштија од видоглед доаѓањето на Миро и Миле. Штотуку двајцата се приближија на групата, сестра ја отвори вратата и рече дека кај болните можат да останат еден час. Пред Миро се туркаа многу луѓе, но тој помалку поткревајќи ја чалмата од завој, се џареше во бројките на вратите и ја бараше собата број пет. Штом ја здогледа петката се поттргна за да не се турне во другите посетители и зачекори во собата. Миле беше зад неговите петици.

Аднан почувствува нови морници. Ја извади главата од под перницата и кога го здогледа Миро, заборави на сите тие црева и игли, на шишињата со медикаменти. Скокна како мачка од дрво и му се обеси на вратот на Миро. Со мокро лице од солзи го стегаше и липаше. Олабавуваше па пак го стегаше. Со река солзи слеани низ голобрадото лице ја погледнуваше врзаната глава на Миро, подливите и модринките по лицето. Родителите и другите роднини на Адо стоеа запрепастени. Вкопани во местото. Миро со едната рака го извади кутивчето од џебот и полека без да гледа го одмота.

-Не грижи се! Живи сме двајцата, а сето ова ќе помине. Не е страшно. Ова е за тебе. Синџирче какво што имаат и моите синови – го отвори Миро кутивчето, а потоа на подадениот исправен тенок врат му го закопча на Аднан. Аднан повторно немо му се фрли во прегратка бришејќи ги солзите од кошулата на Миро. Најблиските на Адо со насолзени очи се џареа во глетката. Миг за незаборав.
А потоа се’ уште недоволно приберен таткото на Аднан го запраша Миро, како се вика татко му. Од кое семејство е, оти во тоа село и неговиот сега покоен татко, дедото на Аднан имал некој многу добар пријател од војска, со кого си помагале и си ги споделувале маките.

-Бранков сум јас. Бранко селскиот шивач. Покоен е -пропелтечи Миро.

-Ех, знаев дека си Бранков! Како нешто да ми кажуваше. Ете, ова не е случајно. Бранко се разболе, јас го посетував додека беше болен, а потоа, потоа почна онаа несреќна војна, па не ми беше пријатно да доаѓам во вашата куќа. Не му дојдов на погребот. А кога разбрав за сообраќајката ноќеска и денеска ми се мотаа сликите токму на нашето пријателство. Ти беше тогаш мал, а сестрите малку поголеми. Велам, не е случајно зашто ете нашите две семејства Господ и на овој начин сакал пак да ги поврзе.

-А ти си Решат, татко ти Суљо? Оф, побратиме, сум слушал за вас. И да сум те видел во она што ни се случи вчера не би можел да те препознам. Најважно е што момчето е живо, а од шокот ќе зацели – рече Миро и му се фрли во прегратка на Решат.
Решат и Миро речиси две децении секој ден се прашуваат за здравјето. Споделуваат и арно и лошо. Се посетуваат. Семејствата го негуваат пријателството.

-Ова е од тоа поубавото сирење, носи го на Решатови кога ќе минуваш низ неговото село за в град – вели Јана.

-Аа, имам јас нешто за вас. Вие немате козјо сирење. Специјално го издвоив, за твоите деца – му вели Хатиџе на Миро, додека си ги разменуваат пратките.

-Миро, убав ден и внимавај по патот. Никогаш не знаеш каква заспиена „будала“ ќе излета – низ насмевка го испраќа Решат. Аха, заборавам да те прашам, ја чувате ли машината за шиење од татко ти. Не знам дали знаеш, кога Бранко ја купувал татко ми Суљо му позајмил пари.

Миро го вклучува радиото во автомобилот и од таму го слуша гласот на спикерката која вели дека политичарите од двете страни се сретнале и разговарале за спроведување на проекти за помирување, за соживот…

-Хм! -поткашлува Миро и мрмори – Политичари и помирување! Каква иронија!
Го исклучува радиото.

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *