Сутерен.мк

Владимир Милчин: Прецизен анархист

Се е ништо.

Ова не го кажа Владимир Милчин, но судејќи според неговата животна кариера, со шеесетосмашката идеја како интелектуално упориште, преку „револуционерните“ театри: „Свети Никита Голтарот“ и „Зелената гуска“, до денешните дни, испаѓа како во насловот на овој текст. Секогаш нова провокација.

Сепак, за него се чини битна е уште една работа: тој е претпазлив човек. Претпазлив во јавните настапи, со своите контроверзи, работење, па дури и со својот шарм.

Претпазлив е и кога одговара на обвинувањата. А го обвинуваат за разно – разни нешта. На дел од нив, без никакви пазарења и мафтосувања одговара денес…

  • Помина подолго време, а Вие се уште немате нова претстава…?

– Последно што режирав беше „Лепа Ангелина“, а од неа поминаа 18 месеци… Во меѓувреме режирав во Националниот театар во Тирана. „Смртта на Дантон“ од Георг Бихнер. А тоа значеше многу патување на релација Скопје – Тирана. Покрај другите мои обврски овде, и тоа ми одзеде прилично време. Тоа, би рекол е некоја конкретна причина.

Она што е потешко да се објасни е моментот на прашање: има ли си сето тоа смисла?

Има ли смисла да се режира и, ако ја има, што е тоа што би се режирало? Инстинктот ми вели дека – нема смисла!

  • Ова е од Вас, неочекуван одговор…?

– Зошто? Некои тоа го нарекуваат како внатрешна емиграција. Има моменти кога на човека му се чини дека се помалку разбира од светот во кој живее. Дека тоа што го мисли и чувствува е премногу лично за да биде поделено со другите. А, и ако биде поделено, дека нема да биде разбрано. Човек понекогаш молчи и чека момент (или начин) да го каже она што е во него, за да може да допре до другите. А сега, колку ќе се молчи…

  • Имаат ли Вашите должности во „Сорос“ и Градскиот совет некаква врска со „молчењето„?

– „Сорос“ постоел и порано. Влијаел можеби, врз интезитетот на работењето, но не…Никогаш не бил директна причина за тоа дали и кога ќе режирам. Јас  сум еден од 39 – те членови на Градскиот совет, ама обврските не се завршени, а и го нема интезитетот што го има на пример, Републичкиот парламент.

Така што, тоа не ми одзема којзнае колку време. Таму работите се извршуваат во еден налет. И еве ајде… Имам на ум неколку проекти, но ќе видиме…

  • Ве обвинуваат за фамилијарности во „Сорос“?

– Во Институтот и во Управниот одбор работат многу луѓе со кои немам никаков друг контакт освен овде. Со нив сум на една нагласена дистанца, која можеби е и преголема, дури. Од вработените има само две лица кои се во некакви роднински врски, но тие се на такви работни места, на кои се невозможни било какви, што знам…

Едно време ме обвинуваа дека ми се роднини семејството Костовски (кои се сопственици на издавачката куќа „Ѓурѓа“), па некому му се виде тоа малку глупаво, па работата пропадна…

Сите тие муабети, спаѓаат во она што би го нарекол малограѓански фолклор.

  • Ве бие глас на автократ…

– Ја знам таа приказна… „Сорос“ има прилично прецизно формулирани правила, што спаѓа во чиј мандат! Тешко е притоа да се биде автократ, дури и кога би имал такви претензии. Работите сакам да се изработат, а не да се „претрчаат“. Ако автократизмот е спротивно на импровизација, доцнења, непедантност… тогаш сум автократ!

  • Велат и дека Вашите претстави се „студени“…?

– Ми се чини дека има еден проблем кај нас. Дека ако е нешто неуредно, нејасно, збркано, нечисто… дека тогаш, и дека само таму, гледаме емоции.

Прецизноста не е спротивна на емоциите. Всушност, мислам дека само со прецизост може да се дојде до специфичност, конкретност и несекојдневност ма емоциите. До тоа, на сцената  да не се случуваат општи емоции. Не е тоа мое откритие…

Тоа го откриле многу поголеми режисери од мене. А и тоа, дека речиси е неможмо до крај да се биде прецизен во градењето на претставата, во нејзината разработка и склопување. Се обидувам на секоја претстава да и пристапам како на нешто самосвојно, дури и виза ви мојот сопствен режисерски ракопис, доколку го имам.

Не сакам ниту актерите да личат во новата, како од некоја претходна моја претстава. Не сум љубител на општото во театарот. Ако тоа некој го подразбира како недостиг на емоции, тука јас не можам ништо.

  • Значи ли тоа дека сте перфекционист?

– Дури ни таму каде што живеам не владее совршен ред. Не мислам за себе дека сум педантен човек. Кога тоа би бил, веројатно би ми требало помалку енергија за некои работи, од оваа што сега ја трошам. Се движам постојано во некој обид да воспоставам ред, и постојано ми се случува – нередот.

Немам време да се средам себеси, ниту својата околина. Тоа е можеби последица на тоа што се уште сум многу љубопитен човек, кој не сака да пропушти некои нови нешта во животот.

  • Анархист ли сте?

– Најблиску до мојот хабитус е и мене ми се чини, филозофијата на анархизмот, која кај нас за жал, лошо се разбира. Не е тоа хаос. Ако е хаос, тогаш е тоа димензија на слободата, а не на уривањето во хаосот.

Кога би го следел рациото, би избегнал многу непријатни ситуации. Следењето на инстинктот, тој анархоид, од кој немам намера да се откажам, го сметам за битна димензија на тоа, како јас чувствувам и размислувам за она што е индивидуа.

Тоа е прашање ма индивидуална слобода и се разбира, на индивидуална одговорност. Се обидувам да ја одбегнам рутината, инерцијата, иако таа е најкомфорна.  Човек е најсигурен кога е во колотечението. Зашто, кога се излегува од него, се станува ранлив. Мене не ми се потребни (туку напротив) тие „безбедни“ состојби.

  • Велат и дека сте привилегиран режисер во МНТ?

– Ако седнете и изброите колку претстави за овие години сум режирал во МНТ, тоа „обвинение“веднаш паѓа во вода.  Понекогаш се наоѓам во ситуација кога правам редукција на своите барања од тој тип, само поради тоа да не бидам обвинет за ова што го велите. Најпоразителното е тоа што ништо, не помага!

  • И за Вашите студенти го велат истото…

– Дека се привилегирани!? Најпрвин, студентите не ги делам на мои и нечии. Многумина почнале кај мене, па завршиле кај друг професор и обратно, така што…

Нејсе. Што е со една Ана Костовска која беше студентка на Владимир Милчин, а, како впрочем и целата нејзина класа, мораше да замине одовде? Што е со еден Трајче Георгиев или една Маја Вељковиќ, кои се мои студенти, а кои чинам, се уште се невработени!?

Многу ми е мило што тие млади луѓе играат, но како и многумина нивни колеги, тие го носат репертоарот на еден театар, а немаат никаков решен статус во тие куќи. А и кога ќе ги добијат тие „решенија“, платите се толку мали што…

Тоа прашање не ги засега студентите на Владимир Милчин, туку студентите нас ФДУ. Тешко е да се каже во една ваква ситуација дека е „некој“ привилегиран.

Исто  така, не сметам дека театарот е нешто што (и) треба да биде привилегирано, но верувајте ми, кога ќе ги видам – откако ќе се изгаснат рефлекторите – сите тие актери, балерини, музичари… ме фаќа едноставно, жал!

Да не зборувам пак, за сите оние уметници од внатрешноста кои работат и премногу, без никаква сатисфакција! Привилегирани!? Таа „теза“ ви е на многу расклатени нозе.

  • Покрај сите до сега изнесени обвиненија: за што сте виновен?

– Толку од различни страни ме обвинуваат, толку различни етикети сум добил, што единствен заеднички именител што можам од тоа да го извлечам е дека сум свој. Никогаш не сум создал ситуација, ниту сум дошол во таква, да барам нешто од некого. Тоа што го имам, а не е многу, сум го создал сам. Никој ништо не ми подарил.

Се она како моја сопственост или како референца, како минато, е само моја заслуга. Чеасто сум бил во немилост и никогаш – привилегиран!

Кога сум бил во подобра положба, тоа не ми било подарено, туку сум се изборил. Што не значи дека некој друг идтото не го заслужувал, но јас не сум направил  ништо за да го елиминирам. Тоа што изборот паднал на мене, можеби е прашање на среќа иако, не мислам дека во животот често ме следела среќа:

А тоа што не должам микому ништо, ми дава едно чувство на слобода, кое немам никаква намера да го продавам!

  • Значи, не сте виновен за ништо…

– Освен за тоа што сум токму таков, каков што сум.

 

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1997 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *