Сутерен.мк

Гордост и предрасуди

Гордоста е инфантилно чувство т.е. горди сме кога ќе направиме нешто што очекуваме дека ќе го одобри или пофали некој авторитет или некоја родителска фигура, како и кога некој кој го сметаме за „наш“ ќе направи такво нешто.

Всушност, велат експертите, кога сме горди, тоа сугерира дека ни е потребна потврда од некој авторитет, некој надвор од нас, дека сме направиле нешто добро, а потоа добрата постапка или успехот се изедначува со личната вредност.

Возрасните, за разлика од децата, би требало да се способни се да ги раздвојат овие две работи – себе како суштество од своето однесување, а тоа е неопходно за секогаш кога нешто ќе погрешиме да не се прогласуваме себе си за лоши луѓе, а секогаш кога ќе направиме нешто добро, за добри или во случајот со гордоста, како супериорни, односно многу повредни од другите.

Сите луѓе имаат еднаква базична вредност т.е. подеднакво се вредни и заслужуваат подеднаков третман „пред Бога и пред луѓето“ без разлика на верските, националните и останатите обележја, но според некои карактеристики не се еднакви.

\

Сите знаеме какви импликации низ историјата имало извртувањето на оваа теза. Секогаш кога поединец или група се почувствуваат како суштества или нација „повредни“ од другите, тогаш можат да си земат за право „оние другите“ да ги прогласат за помалку вредни, а со тоа и со помалку права. Од тоа можат да произлезат непочит, па дури и насилство.

Понекогаш луѓето се гордеат со дамнешни случки од минатото кога освоиле прво место на некој натпревар во основно или возеле некаков си автомобил во раната младост и се навраќаат на тоа за да не размислуваат за сегашниот живот, кој веќе не е толку успешен. Или некој особено се гордее со функцијата на работа, егзотично патување на кое бил, но избегнува да размислува за неуспесите на другите полиња. Ваквите личности се „заглавени“ и не напредуваат.

Накусо: важно е како мали да чувствуваме гордост (додека растеме реално да не фалат) и таа да прераснува со текот на годините во самозадоволство и самодоверба. Така, како возрасни ќе знаеме дека вредиме само затоа што сме задоволни од некој свој квалитет, без разлика колку други луѓе тоа го прават подобро од нас и дали не тапкаат по рамо!

За менталното здравје важно е реално да се видиме себе си. Ако знаеме кои се нашите квалитети, а во што сме помалку способни, ако се себепочитуваме и сакаме, ќе знаеме да препознаеме и грешка, да си се искритикуваме, извиниме кога некому ќе му наштетиме (намерно или не, сеедно) и да почувствуваме вина поради својата постапка.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *