„…Конечно, без оглед што и како мислиме за моралната одговорност и оставките, Македонија нема толку сиромашна традиција на ова поле колку што се мисли. Некои од оставките се давани од морални прични, а некои од сосема други.
И во владите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ имаше, сега веќе подзаборавени, повеќе министерски оставки.
Без да прејудицираме што ќе се случи со понудените оставки на министерот за здравство Венко Филипче и на неговиот заменик Илир Хасани и без да навлегуваме во нивните досегашни заслуги, изјавата на премиерот Зоран Заев дека за оставките ќе решава врз основа на резултатите од истрагата мораме да ја оквалификуваме, најблаго речено, како несоодветна. А богами и како притисок врз истражните органи.
Како прво, истрагата не ја утврдува, ниту ја препознава политичката одговорност, туку политичките фактори и органи. Ако веќе премиерот не може да препознае дали има или нема политичка одговорност кај функционерите во оставка, тогаш нека се формира владина или парламентарна комисија што ќе ги провери мерките што (не) ги презеле апострофираните функционери или други политички фактори.
Како второ, притисокот врз истражните органи се состои во инсистирањето на брзо завршување на истрагата. Случајот со тетовската болница е комплексен. Постојат низа очевидци, но и посредни сведоци во извршувањето на градежните работи, техничкиот прием и слично. Натаму постои опсежна документација, почнувајќи од тендерската, па сѐ до одлуката во болницата да се пуштаат придружници на болните, со што директно се кршат протоколите за пандемија. На крајот на краиштата, истрагата сѐ уште нема резултати од случајот со сечењето на цевките за кислород во истата болница.
Инсистирањето истрагата да ги даде првичните резултати во рок од нецели десетина дена, и тоа од страна на премиерот, влегува во доменот, или на целосно неразбирање на работите, или на замајување на јавноста до некоја следна тема.
Се разбира дека и двете опции се доволно несериозни и недозреани за ваков сериозен момент. Натаму, премиерот вели дека „одговорност има и ќе има“, и тоа „врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки“, изјава која повторно збунува или претставува мешање „баби и жаби“. Одговорноста „врз основа на непобитни форензички факти“ ја утврдува судот, а фактите (доказите) ги прибира и презентира обвинителството. Политичките пресметки, кои очигледно ги има, немаат никаква врска со форензичките факти, како што впрочем може да се види и со случајот со Латвија.
Пожарот во тетовската болница може (но и не мора) да биде пресвртен случај во македонската политика, токму околу прашањето на сфаќањето на одговорноста, транспарентноста на политичките одлуки, а богами и како поука за неселективна примена на правилата и протоколите. Осебоно кога станува збор за одлуки што чинат човечки животи.“
Повеќе на prizma.mk…