На своите 23 години вели дека, ако не била актерка, ќе била амбасадор. Затоа што многу и се допаѓал зборот!? А зборот „амернис“ на арапски значи „жена – владетел“. Нејзиното лице пак, значи „Со гордост од Македонија“ т.е. „Купувајте македонски производи“, па сега на улица и се обраќаат со „Здраво комшивке, како сте?“
Таа е се уште студентка на скопскиот Факултет за драмски уметности (во класата на Владимир Милчин), но на сцената е од 1992 година, кога е и избрана за „Мис Дарданија“, по што ќе следат и други вакви натпревари, манекенски ангажмани, ТВ, филмски и театарски улоги, реклами…
Тврди дека и да не и биле родителите театарски луѓе (мајка и е актерката Ајетја Реџепи од Театарот на националностите во Скопје, а татко и е кореограф и професор по сценски движења и танци на ФДУ во Приштина) пак, ќе ја изберела глумата за професија…
– Отсекогаш сум сакала да бидам актер! Моите дури и беа против тоа, првенствено поради финансиската неперспективност на оваа професија, но кога видоа дека сум цврсто решена, ме поддржаа во одлуката. (Тука нејзиниот мобилен ни го прекинува разговорот нов. заб.)
- Уште студирате, а веќе имате мобилен!?
– Мобилниот си го плаќам од стипендијата, а го „доплатувам“ од хонорарот од рекламите. Го имам затоа што ми врши работа, а не од снобизам. Со него луѓето можат полесно да ме најдат, а со тоа и да ме ангажираат. Тоа не значи дека кога ќе се вработам како актер (ако воопшто се вработам, зашто маса дипломирани актери чекаат вработување) со таа плата ќе можам да си дозволам мобилен. Затоа и моите се опираа околу глумата…
- Велите нема врска професијата на вашите родители, но сепак, доколку се нема семејна традиција, ретко кој од албанската популација ја избира оваа професија?
– Добро сега… Сигурно дека тоа што отсекогаш театарот бил присутен во мојот дом, тоа што од мала сум глумела во театарски претстави за деца, што постојано сум била во театар влијаело врз мојата определба. Но сигурна сум и да беше инаку, пак ќе бев актерка!
А ова што го велите, може да се каже за било која националност, но да, поочигледно е кај Албанците. Меѓутоа, работите веќе забележително се менуваат. Во мојата класа има и девојки кои се од многу конзервативна средина, чии родители не се никако инволвирани во уметноста.
- Сепак, има ли неодобрување од околината?
– Видете, реакциите на луѓето зависат од тоа од каква средина доаѓаат, нивото на култура, воспитувањето и од количеството на духот што секој го поседува, без разлика на расата, религијата и националноста.
Можеби јас се движам во такви кругови, но досега никој немал забелешки на ништо што сум направила. Мислам, критики да, ама не и префрлања. Напротив, сите што се во мојот круг на живеење ме поддржуваат безрезервно во тоа што го работам.
- И после провокативните фотографии што се појавија во јавноста?
– Многу ми е мило што сум дел од проектот на „Форум“ – „Македонска убавина“ и мислам дека тоа е многу добра работа. Тоа не се провокативни фотографии, туку уметнички! Ми се допадна сето тоа и повторно би го направила, доколку би ги имала истите услови.
Малограѓанштината секогаш се притресува кога нешто не и влегува во однапред зацртаните рамки. Дури и кога се работи за уметност и чиста естетика! Можеби и имало некакви коментари, но до мене не дошле. Можеби им било срам да ми кажат, можеби… Секој реагира како и колку што му фаќа умот! Колку е тој потесен, толку се и коментарите почести и пожестоки. А доколку и имало такви, воопшто не ме засегаат!
Се сметам себеси за човек кој живее свој живот и се обидувам да сторам нешто со него онака како што мене ми се допаѓа. А, ако и има такви озборувачи, ај да ги видам нив да покажат храброст и да го сторат истото!? Не можат, се плашат, а стравот е тој што создава предрасуди!
- Неодамна една поранешна учесничка на избори за убавина изјави дека до титула на ваквите натпревари се доаѓа само преку нечиј кревет?
– Сум учествувала на многу избори, неколкупати и високо сум котирала, но никогаш, никој не ми предложил ништо непристојно! Нитуа пак, сум била сведок да му се случило нешто слично другому!
На тие натпревари одлучуваат субјективни ставови, а убавината е релативна работа. Од тие избори имам само убави спомени. Секогаш се работело за висок професионализам, орфганизираност и максимален респект кон нас! Се разбира, најубавото нешто од таквите манифестации се патувањата, дружбите. Јас затоа и одев на тие „мисови“!
- Каде е тука самобендисаноста?
– Секој е суетен, помалку или повеќе. Без суета нема ни креативност, нели!? Меѓутоа, не би требало таа да излегува од „контрола“. Актерите се познати како прилично суетни луѓе, но не се толку колку што се мисли. Сигурно дека годи кога ќе те препознаат на улица, кога ќе ти кажат дека убаво изгледаш, кога ќе се допаднеш, ама тоа важи за секого без оглед на професијата. За себе мислам дека сум самобендисана во сосема нормални граници и, верувајте дека е така!
- Наредната година ќе дипломирате. Што дотогаш, што потоа?
– Дотогаш треба да ја сработам улогата на Етута во претставата „Генти“ во Албанската драма. Потоа, ако биде се во ред, да продолжам со снимањето на нови епизоди од „Погрешно време“, да се дружам со колегите од серијата и да учам од нив, да…
А по дипломата? Мене ми е малку и жал што само уште една година ќе бидам на Академијата! Ние од класата му предложивме на професорот дури и да ја повториме годината! Затоа што не сакаме да се разделиме ни со колегите, ни од професорот Милчин, ни од асистентката Сузана Киранџиска, ќе правиме две дипломски!
Морам да кажам: се определив за глумата заради слободата и креативноста, но што значи актерството сфатив од професорот Милчин. Тој ни е и професор и другар и татко! Треба уште многу да учам, но кога базата ја добивате од еден учител како него, од човек со хоризонти, кој е „енциклопедија во движење“, прецизен, со кого се е интересно, мислам дека нема да ми биде премногу тешко во иднина.
Професорот не е само умен човек, туку и добар. Затоа и не ми се излегува од Академија. Зашто, не се среќаваат пречесто во животот луѓе кои од вас сакаат и можат да го испровоцираат најдоброто!
Бранка Н. Доневска
„Старт“, 2000 година