Сутерен.мк

Ана Бунтеска: Малата принцеза

Нора ги имаше најзелените очи што некогаш ги бевме виделе. Крупни, со златни и црни точки во кои тоневме, чудно распоредени и исполнети со некаква мистика.
Кога беше помала, нејзините ја облекуваа во свилени фустани со многу карнери, бели или небесно сини, а само за празниците Нора беше сета во розово со мали лакирани чевличиња.
Ја викавме “принцеза”.
Ја презиравме и и завидувавме на нејзината убавина. Не се дружеше со нас. Ние бевме банда со раскрвавени коленици на кои веќе почнуваа да се формираат корки кои со сласт ги откорнувавме, за да се открие розеникава кожичка оздола. Се тепавме со други банди, крадевме кајсии и сливи. Косите ни беа кратко потстрижани заради вошките, а Нора…Нора имаше долга, свиленкаста коса, сета блескава и фатена со панделки кои се нишаа на ветрот и мали разнобојни шноли кои светеа на сонцето.
Бевме како ден и ноќ, како обичен сив песок и благороден камен…едноставно, “принцезата” не беше како нас, или можеби ние не бевме како неа.
Учеше да свири на пијано… Тажни звуци допираа до нас низ отворениот прозорец, тажни како што беше и таа. А ние, седевме стуткани позади големиот лешник во нејзиниот двор и слушавме како пијаното плаче под нејзините прсти. Честопати се насолзувавме, а не знаевме зошто. Солзите кришум ги бришевме, а неа ја задевавме.
Ја чуваа како капка вода на дланка. Никаде не излегуваше без да биде со неа барем еден од родителите. Кога врвеше покрај нас, главата и беше наведната, а чекорот забрзан. Беше чудна и недопирлива. Знаеше дека не ја сакаме и никогаш не се обиде да ни се приближи.
Принцезата Нора…
Години одминуваа. Станавме помалку или повеќе искусни. Се дружевме се уште, повеќе или помалку од порано. Имавме момчиња и девојки, темните ќошиња од куќите знаеја за нашите први бакнежи.
И Нора се измени. Стана поубава од кога и да е. Висока, бела, нежна, со истите тажни очи, но сега уште потажни и златна коса со црвенкасти прамени.
Ретко излегуваше од дома, а секојпат кога поминувавме покрај нејзината куќа го слушавме ветрот обоен со музика. Понекогаш ми се чинеше дека меѓу звуците на пијаното го наслушнував и нејзиниот плач, скоро нечуен.
Нора беше ретко во моите мисли. Ја среќавав одвреме – навреме, а таа ја задржа навиката од детството. Ја нурнуваше главата гледајќи в земја и забрзано одминуваше покрај мене. Секојпат кога ќе го направеше тоа се потсетував на нашите злобни, детски довикувања…”Нора принцезата, Нора принцезата”, но со нејзиното одминување заборавав на неа.
Дојдоа матурите.
Таа толку посебна, совршена ноќ. Го облеков мојот нов, бисерно бел фустан и првите чевли со високи потпетици.
Се движев полека и внимателно, чувствувајќи мала несигурност, тагувајќи по удобните балетанки.
Во далечината од куќата на Нора се слушаше музика. Како што наближував, звуците беа се погласни и потажни. Со ветрот се мешаше и некое чудно цвилење, како на мало кученце. Наеднаш зачув силен тресок, проследен со животински вик. Нозете ми останаа закопани в место и почувствував како ме облева ладна пот. Кожата ми беше наморничена, а дишењето испрекинато и забрзано. Стоев пред нејзината врата вкочането и немо.
Вратата се отвори, а сликата што ја видов остана да ме прогонува за цел живот…
Пред мене стоеше Нора, со отсечени прамени коса кои лежеа на нејзините рамена. Очите и беа ширум отворени и преплашени, а црвениот кармин размачкан околу усните и се впиваше во порите. Погледот ми се спушти на нејзините раце…прстите и беа облеани во крв.
Мајка и истрча, со згрчени раце и солзи ја повлече внатре во куќата, а јас се вратив дома и легнав облечена, тресејќи се цела ноќ. Потоа разбрав дека ја однеле во болница. Некоја стара, со генерации провлекувана болест, за која никој не се знае кога и каде ќе се појави. Сама си ги беше искршила прстите од капакот на пијаното.
Ја сонував одвреме – навреме. Малата Нора, со небесно сино фустанче и свилени, долги коси обвиткани во панделки. На ногата и беше врзано мало пијано кое се влечеше по неа, удирајќи во земјата и испуштајќи пискави звуци. И наеднаш, во моите соништа, Нора стануваше возрасна, прамени коса и паѓаа по грбот, очите и се ширеа во страв, а пијаното стануваше огромно, со капки крв кои се цедеа низ дирките. Нора немаше прсти во моите соништа, Нора беше безгласна…Нора…Нора.
Одминаа години. Се отселив од старата улица, не ги гледав старите пријатели. Одев да ги видам моите, но не често.
Поминував покрај нејзината куќа. Тишината како да ја имаше завиткано во чаура. Прозорците беа цврсто затворени, дрвените ќепенци правливи, дворот неуреден. Погледнав внатре….Нора.
Седеше на сламена столица и со нозете ги туркаше есенските лисја. Рацете и беа во ракавици, а погледот и луташе по земја. Влегов, турната од некоја необјаснива сила и клекнав крај неа.
Ја допрев нежно по лицето. Ме погледна со празен, детски поглед. Не се сеќавам дури и на нејзините црни и златни точки.
“Нора, ме паметиш ли?”- прошепотив.
Таа трепна, ја отвори устата и промрмори: “Имаат боја на скршена душа, листовите есенски”.
Почувствував огромна тага. Станав со голема тежина и ја погалив по главата. Косата и беше мека, како што ја замислував кога бевме деца. Се завртив и тргнав накај вратата од градината, кога ја слушнав како воздивнува. Застанав и ја погледнав. Нора ме гледаше, а а црно – златните точки и светеа, заедно со солзата која и’ се стркала по белиот образ.
“Нора принцезата”- и се исцеди низ грлото.
Во истиот момент како магла да падна врз нејзиниот поглед и пак како да гледаше нешто што само таа можеше да го види.
Отидов…
Никогаш повеќе не ја видов. Набрзо починала, сама, во градината. Во раката и нашле сноп панделки кои се вееле на ветрот. Велат дека очите и биле отворени, насмевнати со црно-златни точки кои не го изгубиле својот сјај.
Јас никогаш не ја заборавив. Понекогаш оставам цвеќе на нејзиниот гроб… Сега почесто разговарам со неа… Дури чинам дека Нора ме познава подобро од било кој друг… Малата принцеза.

(Авторката не е “жена, мајка, кралица”, туку мајка, економист и пишувач. Родена е во 1972 година. Со цел.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *