Шпанскиот фудбал се враќа на програмата по едномесечната пауза поради мундијалот и денеска се играат три натпревари во Ла Лига, а 15-то коло ќе се комплетира со пресметки утре и задутре.
Реал Мадрид го продолжува свој пат со дуел против Валјадолид на гостински терен утревечер во 21:30 часот и Карло Анчелоти најави дека најголема шанса ќе им даде на играчите кои тренираа со тимот во изминатите три недели, ставајќи ги во втор план оние што неодамна пристигнаа од Катар.

Италијанскиот стручњак на денешниот прес не можеше да ги избегне и прашањата поврзани за епилогот на мундијалот, по кој многумина почнаа да заклучуваат дека Лионел Меси е најдобриот играч на сите времиња.
– За мене тешко е да се каже тоа, не знам дали Меси е најдобар во историјата. Според мене, не е фер да се каже тоа бидејќи секоја ера си има свои многу добри играчи.
– Од мојата уста никогаш нема да слушнете дека Меси е надјобар во историјата. Го велам тоа бидејќи јас уживав и тренирав со многу добри играчи. Сега во Реал секојдневно ја тренирам „Златната топка“, а во минатото имав можност да гледам во живо играчи како Кројф и Марадона – порачува Дон Карло.