Батухан Ибрахим е млад режисер кој зад себе има многу интересни проекти. Неговиот независен краток игран филм „Мавера“ го доби специјалното признание во ракмите на ИФФК „ Браќа Манаки“ од познатиот кинематографер Питер Бижу. На премиерата во Скопје, во склоп на филмскиот фестивал „Сирни“ филмот ја доби и наградата за најдобар филм – “Данчо Чеврески”, а беше претставен и на маркетот за кратки филмови во склоп на интернационалниот филмски фестивал Цлермонт-Ферранд. Батухан Ибрахим се потпишува и на мултимедијалниот проект „Сеќавања“, како и на филмовите „Големата ноќ“, „Тишина“, „На ситно или на крупно“ и на „Твистед“, кој е наградуван и прикажан на повеќе од 15 фестивалии. Годинава тој е дел од жирито на „ЅИРНИ – Фестивал на Филм и музика“, кој во организација на „Котур“ започнува во понеделник и ќе трае десет дена. Со него разговаравме за фестивалот, за филмот и за неговите минати и идни проекти.
– Минатата година на филмскиот фестивал „Сирни“ ја добивте наградата за најдобар филм – “Данчо Чеврески”, годинава сте дел од жирито. Во која улога се чувствувате подобро?
* Чувството е многу различно. Добивањето на наградата “Данчо Чеврески” за мене има многу големо значење, но сум многу среќен и горд што имав некаков природен пат да стигнам до позицијата жири и за тоа сум многу благодарен на тимот на „Сирни“ за нивната доверба. Сметам дека иницијативата на „Сирни“ е многу битна и многу сум горд што веќе неколку години на различни начини сум дел од фестивалот.
– Кажете ни што мислите за годинешната селекција на филмови на „Ѕирни“. Дали имавте прилика да погледенте некои од нив?
* Мислам дека селекторите завршиле одлична работа, во програмата имаме многу добри филмови. Исто така избрани се највпечатливите домашни филмови, но секако си оставам простор да ги гледам на платно, заедно со публиката и да ги почуствувам на вистински начин. Но, морам да кажам дека работата ќе ни биде многу тешка на нас како жири, од сите селектирани прекрасни филмови да избереме кои ќе бидат победниците.
– Што е пресудно за да се направи еден добар филм што ќе го сака и публиката и критиката?
* Искрен да бидам никогаш немам размислено за тоа како да направам добар филм и фокусот секогаш ми е да го направам тоа што го чувствувам и мислам. Пред се, публиката ми е приоритет, но верувам дека ако филмот е прифатен од публиката истото ќе важи и за критиката, а реалноста е дека најголемата критка е од публиката. Така да, не би имал конкретен одговор за ова прашање освен да кажам дека, јас го правам тоа што сакам да го гледам и го правам на начинот на кој сакам да го гледам.
– Какви филмови сакате да правите, кои теми ве привлекуваат?
* Тематиките кои ме привлекуваат се менуваат многу често и не можам да кажам баш дека константно имам некоја конкретна насока. Во еден момент нешто се менува во мене, нешто ме допира, нештото го чувствувам интензивно и тогаш знам дека треба да направам филм. Тоа е една голема неизвесност за мене и затоа и многу ја сакам оваа професија. Но генерално, до сега, ме привлекуваат бизарностите во нашето општество, нештото што е абсурдно но некако го прифаќаме како нормално и секојдневно. Темната страна на човекот кој се појавува во екстремни околности.
– На кои филмски проекти работите во моментов?
* Во моментов сум во подготовка на мојот нов краток филм „Големата Ноќ”. Веќе 3 години го развивам и на макотрпен начин бараме начини како да го финансираме филмот, но ете сето тоа ме мотивира. Исто така работам на документарниот филм „Водата”, кој е активистичка локална тема и ја разработува борбата за вода. Секако дека имаме уште многу проекти, но сметам дека се ќе дојде во свое време.