Сутерен.мк

Бесплатното студирање поскапува

Најавите за покачување на сумите за партиципација ги разгневија студентите. Повеќе студентски организации излегоа со остри реакции, а некои дури се заканија и со протести. Ректоратот на УКИМ побарал став од факултетите за покачување на партиципациите, но одлука уште нема

На факултетите на најголемиот државен Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ каде студирањето законски треба да биде бесплатно, се разгледува предлогот за зголемување на партиципацијата. Во моментот студентите плаќаат по 100 евра од семестар, а во приватна квота по 200 евра семестар. Најавите се дека оваа сума ќе се зголеми двојно.

Како резултат на зголемените трошоци за работа, овој предлог за покачување на партиципациите до факултетите го доставил ректоратот на УКИМ.

За најголем дел од студентите какво било покачување на партиципациите би било неприфатливо.

„Сè е покачено, имаме висока инфлација, а некој сака да удри по грбот на студентите. Ако плаќа владата добро, но како што знам партиципацијата за жал секогаш си ја плаќаат студентите. Студирањето на државните факултети треба да биде бесплатно“, вели Дејан Ангелов, студент од втора година при економскиот факултет на УКИМ.
Други студенти со кои разговаравме сметаат дека неопходна е мобилизација на студентските организации за да се спречи имплементацијата на оваа идеја.

„Слушнав дека ќе се зголемува партиципацијата и веднаш треба да се реагира. Сите студентски организации додека се ова е во почетна фаза да се сплотат и да се спротивстават на овој предлог“, смета Симона Ќировска, студентка на Филозофскиот факултет на УКИМ.

Ректоратот бара начин да ги покрие трошоците

Сите трошоци за работа се покачени, се одржуваат вежби на факултетите кои се скапи и тоа е основната причина, вели Биљана Ангелова, ректор на УКИМ, образложувајќи го предлогот кој доаѓа токму од ректоратот за можно зголемување на квотите за партиципација на овој Универзитет.

Таа истакна и дека заложбите на ректорската управа се ако дојде до зголемување на износите за партиципација тие да бидат покриени од Владата, а не тоа да падне на грбот на студентите.

„Ќе бараме согласност од Владата да се зголемат трошоците кога ќе се објават конкурсите за упис. Ќе бараме да се покријат трошоците за студирање школарина и партиципација, меѓутоа единствен услов е тоа да биде на товар на Владата, односно на МОН, а не на товар на студентите“, додаде Ангелова.
Сепак, ректорката рече и дека сето ова е во фаза на разгледување и се уште не е ништо официјално, а во наредниот период студентските собранија во склоп на сите факултети на УКИМ ќе одржат и седница на која ќе се разговара токму за овој предлог.

На Филозофскиот факултет попладнево ќе се разгледува овој предлог.

„Претседателот на Факултетското студентско собрание на Филозофскиот факултет (ФСС) Дејан Бужаровски ја свикува Втората редовна седница. Дневен ред на седницата е усвојување на записникот од втората вонредна седница на ФСС и дискусија за предлогот за покачување на партиципацијата која ја плаќаат студентите“, стои во известувањето на студентското собрание на Филозофски.

Студентите револтирани, се закануваат и со протести

Иако се уште нема одлука за поскапување, студентите и студентските организации се изјаснуваат против идејата за воведување повисоки квоти за партиципација на државните факултети при УКИМ.

Меѓу студентите се шпекулира дека наводно станува збор за двојно зголемување на цените за партиципации – односно дека ректоратот на УКИМ ќе побара наместо досегашните 100 евра за семестар во државна квота, тој да чини 200 евра, додека семестар во приватна квота да чини 400 евра.

„За нас од страна ова е најлошо. Немаме услови да студираме во својот град, мораме да дојдеме овде и наместо државата да ни ги намали трошоците на државните универзитети таа ни ги зголемува. Мислам дека ако ова се случи многу матуранти од другите градови воопшто нема да се запишат на факултет и ќе почнат да работат, бидејќи немаат сите по 400 евра годишно за државна квота, тоа е премногу“, вели за РСЕ студентка од правниот факултет „Јустинијан Први“ која побара да остане анонимна.

Првични реакции пристигнаа и од Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ преку видео на социјалните мрежи.
„Ставот на УСС и на членовите на ректорската управа беше дека финансискиот товар за ова решение не смее никако да падне врз грбот на студентите туку финансиските барања да бидат упатени кон владата. Ова е единствен прифатлив услов за членовите на УСС за да не се наруши студентскиот стандард“, се вели во реакцијата на УСС.

Најрадикални во својот одговор доколку се случи покачувањето беа студентите организирани преку движењето „Студентски отпор“, од каде најавија и протести.
„Како најавтентична студентска организација која ги застапува правата на студентите, ова сериозно не загрижува затоа што на ваков начин би се спречила можноста за пристап до високото образование на оние посиромашни и студенти од социјално ранливи категории. Апелираме итно да се повлече овој предлог и оваа идеја, во спротивно ќе мора да се гледаме на улиците како што тоа го правевме кога сакаа да го укинат оброкот“, велат од „Студентски отпор“.

МОН смирува: Студентите ќе плаќаат иста квота

Министерство за образование знае за целата постапка, но смета дека засега е само интерна на Универзитетот, но сепак одговорија дека за поскапување на партиципацијата ќе треба да се согласат сите.

„Министерството за образование и наука го почитува принципот на инклузивност при креирањето на политиките и носењето на одлуки, така што ги уверуваме студентите дека ниту една одлука која го засега нивниот образовен процес нема да биде донесена без да бидат вклучени организациите кои ги застапуваат идните академски граѓани. Износите за партиципација остануваат идентични како и досега“, велат од МОН.
Во Влада прашавме дали досега таму било иницирано ова прашање, како и дали доколку дојде до зголемување на студентските партиципации тие ќе бидат на државен трошок, но до објавување на овој текст не добивме одговори.

Според актуелниот Закон за високо образование, партиципацијата е износ кој го определува Владата, а кој се наплаќа од студентите запишани на јавна високообразовна установа чие образование се финансира од буџетската каса.

„Свети Кирил и Методиј“ е најстариот најголемиот Универзитет во државата, на коиј има 23 факулети. некои од овие факултети воопшто ги нема на нитуе еден друг Универзитет. Само годинава на УКИМ се запишале вкупно 4.738 студенти. Актуелната сума која се плаќа за партиципација пак е утврдена од академската 2010/11 година и до сега не е променета. Во 2010 е намалена и приватната квотата за кофинансирање на 400 евра, откако претходно на некои факултети таа достигнуваше и до сума од над 1 000 евра.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *