Во книгата „Леонардо да Винчи и неговото време“ (издание на „Македоника литера“), авторот Атле Нес раскажува инспиративно, возбудливо и документирано за безграничната фантазија и генијалниот талент на Леонардо, за неговите ремек-дела, за скиците и цртежите, за кодираните белешки, за познати и малку познати нешта поврзани со неговото творештво и со неговата личност.
Нес на импресивен начин го опишува необичниот животен пат на Леонардо, од момче од најниските слоеви од местото Винчи кај Тоскана, до градењето на неговата кариера на популарен и култен уметник во Европа. Но истовремено многу детално и прецизно го претставува историскиот контекст, односно настаните од неговото време во градовите и местата во коишто живеел.
Леонардо да Винчи е генијален уметник и пронаоѓач, најжестокиот претставник на ренесансата, еден од најконтроверзните и мистериозните уметници во светот. Тој е сликар, вајар, архитект, инженер, анатом, астроном, ботаничар…, сестран талент и голем гениј – но и голема мистерија. Сè уште е предизвик за многу истражувачи на неговото дело и неговиот творечки пат.
И по пет века од смртта, Леонардо да Винчи (1452 – 1519) е актуелен и е едно од најпознатите имиња во историјата на уметноста во светот. Денес тој сè уште привлекува големо внимание кај проучувачите на историјата на уметноста, кај современите уметници, но и кај биографите.
Една од најпознатите биографии напишани за него е биографијата на норвешкиот писател, историчар на уметноста и биограф Атле Нес. Неговата книга поради компактноста, темелноста и новите согледувања и сознанија за најпознатиот уметник на ренесансата, веќе е преведен на повеќе јазици во светот.
Нес одблиску на читателите им го покажува човекот скриен зад митот за творецот и историскиот контекст во кој се создадени ремек-делата на Леонардо. Атле Нес се одликува со големи познавања на историјата на уметноста, историјата, јазиците и математиката.
Атле Нес (1949) е автор е на биографии и за Галилео Галилеј Галилеј, Едвард Мунк и Хенрик Ибзен, но и на романи, книги за деца и есеи за уметноста. Носител е на неколку награди, меѓу кои и на највисоката книжевна награда во Норвешка – „Браги“ за неговата биографија за Галилео Галилеј.
Биографијата на Леонардо да Винчи има монографска форма. Илустрирана е со голем број цртежи, слики и скици на пронајдоци на да Винчи, а еден дел на крајот е печатен во боја, во кој се сместени репродукции на најпознатите дела на уметникот. Преводот е на Ленче Тосева и Елена Саздовска.