Сутерен.мк

Боемството во транзиција

„Пишувањето ми е алиби за пиењето“, му рече еден наш познат писател на вашиот новинар во момент на практикување „вештачки рај“ (или како што би рекол Бодлер, во „состојба преполна со средства што ја умножуваат индивидуалноста“). Писателот одамна го нема меѓу нас, но не од преголемото користење на општопознатиот течен релаксатор, туку од многу попрозаични причини.


Споменатата сентенца е во контекст на тоа дека, многу често, на алкохолот се гледа како на нешто што оди рака под рака со уметникот. Како начин на живеење или само приклучение, сеедно. Но, притоа секогаш, се чини, малограѓанската средина оваа „врска“ знае да ја преувеличи. Како и погледот на самата уметност, впрочем.

За волја на вистината, додека на креативците ваквото „хоби“ преќутно и им се простува, на оние другите, „обичните“ луѓе, кои ја практикуваат оваа навика, се гледа, најблаго речено, со недоверба. Колку е тоа порок, слабост, болест или само сегмент од меѓучовечките релации се расправало и ќе се расправа се додека има спротивставени страни.

Во меѓувреме, останува фактот дека алкохолот е дел од граѓанското секојдневје, некој вид „урбан стандард“ или, што би рекле колегите, „социјална помош во културниот натпревар меѓу масите“. Кафеански, се разбира.

На зборот алкохол (ал-кохл) – кој, патем, е од арапско потекло (што значи, припаѓа на култура каде што пиењето е табу) – му се припишуваат повеќе значења, како што се „многу фин“ или она што „пали – жари“, а проблемот на неговата употреба и злоупотреба е стар колку и човештвото. Масовната прифатеност и благонаклонетоста кон неговото консумирање е вткаено во религиозните, културните, економските и правните односи на луѓето.

Паралелно со откривањето на алкохолното дејство, кое штити и поттикнува, човекот ја откри и опасноста од оваа супстанција, што го нарушува функционирањето на поединецот и цели групи на човековата заедница. Така, во текот на историјата, многу мислители, филозофи, лекари ќе се обидуваат (пречесто безуспешно) низ своите дела да ја пренесат пораката за заблудата дека алкохолот му помага на човекот.

Морал

Последиците од пиењето немале големо социјално-економско значење се до ерата на индустријализацијата. Во 20 век наголемо се опишувани медицинските нарушувања и последиците од употребата на алкохолните пијалаци, но на алкохолот, пред се, се гледало од морален аспект – љубителот на добрата капка е сметан за помалку вредна личност. Следуваат репресивни мерки, т.е. различни степени на забрани.

По Втората светска војна, конечно, разбиено е стереотипното сфаќање на мераклиите, кои им припаѓаат на маргините на општеството. Со уочувањето на фактот дека нив ги има во сите општествени слоеви, дефинитивно, се напушта моралистичкиот пристап и се прифаќа медицинскиот, според кој алкохолизмот е болест.

Денес пиењето, без разлика на фреквенцијата на консумирање, се смета за комплексен психосоцијален феномен. Што значи, на уживателот на возбудливите течности се гледа во контекст на неговата потесна и поширока социјална средина – се разбира, со почит на медицинскиот аспект.

Но, да се вратиме на нашата тема: алкохолот и креативците. Речиси секое културно творештво е следено од внатрешните „нарушувања“ на творците, кои често се склони кон уживање алкохол и(ли) наркотични средства. Велат, тие еуфорични отрови ги дразнат нервите и носат кус занес, чувство на „рај на земјата“, фантастични мисли и им даваат на духовните способности нова димензија, богатејќи го така творечкиот дух.

Тезата е дека опијатите провоцираат инспирација – таа недофатна и таинствена духовна состојба, која доколку ја нема (природно), мора да се предизвика вештачки, а тоа се постигнува со чепкање по нервниот систем, на пример, со алкохол.

Пушкин го опишува ова како „момент на восхит“, како „напор на душата“, а со испивањето на некоја чашка се олеснува творештвото, бидејќи тогаш „стиховите течат“ бележејќи го „веселиот шум на мислите“. Сето тоа поминува во некаков транс или сон, затоа што се пишува „по малку со дремлива рака, насред пријатниот заборав“.

Јавна тајна е употребата на лекови во совладувањето на сценската трема во светот на класичната музика или театарот. Како и во секојдневниот живот, поради анксиозност, срцебиења, тресење на рацете, вознемиреност. Пред појавата на бета-блокаторите се пронаоѓаа други начини за релаксација, како што е алкохолот. Меѓутоа, ако Едгар Алан По велел дека „за време на творењето пијам бог знае по кој пат и колку. Моите пријатели, се разбира, сметаат дека моето лудило е поради пиењето, а не пиењето поради лудилото“, денешните аналитичари ставаат голем знак прашање пред ваквите „визионери“.

Визионери

Најголемиот број на овие визионери, поради своето слепо верување дека „колку повеќе кошмари имаат толку ’приказната’ ќе им биде повпечатлива и осветлена од изгледот на стварноста“, својот живот го завршија прерано и трагично. Значи, станува збор за една опасна играчка, а кога играњето станува кобно, баналниот збор „боем“ станува патетичен. (Патем, овој збор е преземен од францускиот јазик и значи „човек кој живее од денес до утре“ – боемијата значела бунт против статусот кој, главно, бил мотивиран од сериозни причини: социјални, трагање по идеалот, копнежот по слободата.)

Како и да е, шанкот, што би рекла една позната новинарка од балканските простори, останува „де факто институција сама за себе. Не се дава никому, додека нему сите му се предаваат, се потпираат на него, му се поклонуваат, го допираат и оставаат пари на него. Како пред олтар. Тоа е супериорен ентитет без емоции кој своите деца ги соединува или спротивставува – едните ги раѓа, а другите ги погребува“.

Некои ќе речат дека пиењето е последица на човековата исконска потреба да се заштити од преголемите барања на реалноста, од непознатите случувања во нас и околу нас, од мачнината и несигурноста, до желбата да си обезбеди мир и задоволство за себе. Повеќето се согласуваат дека алкохолот може привремено да исполни многу од овие потреби, па затоа бил еднакво прифатен некогаш, кога човештвото се соочувало со непознатите и страшни сили на природата, но и денес, кога на хомо сапиенсот му стана претесна планетата Земја. Или, прездодевна. Ова последново особено важи кога зборуваме за пијачи „sub speciis“: за интелектуалци, уметници, креативци, воопшто за луѓе што не го менуваат светот со своите раце, ами со своите глави.

Би рекле дека нема средина каде што не се распространети приказни за некогашните кафеански амбиенти, бучните дискусии, исповедите, досетките, анегдотите, афоризмите, бунтовништвото, егзистенцијалните проблеми, придружени со алкохолот вметнат во физичкиот и духовниот багаж на интелектуалците. Така, впрочем, е и во Скопје. Барем, така беше судејќи според тоа дека транзицијава остава свои последици и во воспоставените градски норми и за ова прашање.

Имено, од „новопридојдените“ уметнички „ѕвезди“ (поточно, новите групи граѓани), се чини, никој особено не се „истакнува“ во оваа староградска дисциплина. „Младите“ сили изгледа немаат нерви за заморните движења со шишињата и чашите, па предност му даваат на кафето (да не речеме на други поефектни и побрзи стимуланси) „еспресо“ од 120 денари што го пијат по цел ден, а за кое познавачите велат дека, исто така, создава зависност.

Владимир Светиев, актер
Неговото височество – шанкот!

  • За мене отсекогаш бил и ќе остане осамено место за размислување. За жал, од малограѓанинот тој многу често е наречен „столб на срамот“. Место, каде што уметниците се опиваат, кршат, лумпуваат, се тепаат и што се не друго. Од озборувањата на таквите ѕверки може да се направи убава збирка басни.
  • Не ретко сум бил очевидец кога неговото височество „Ш“ својата кафеанска магичност, својот трон го претворал во „ѕид на плачот“. Тоа е место каде што актерот по претставата се радува или тагува. Место на успеси или порази. Завршената проба на сцената безброј пати продолжувала на сцената на шанкот (кафеаната). Тука, на овој престол, се случувале безброј вљубувања и изневерувања. Како сега да го слушам Бранко Варошлија, кој потпрен на него, тивко, речиси шепотејќи, ги говори стиховите на Бранко Миљковиќ:
  • „Оние што го имаат светот, нека мислат што ќе прават со него. Ние имаме само Зборови и најубаво се снајдовме во оваа Бедотија!“ Или Ван Гог, кој целиот свој живот другарувал со шанкот и напишал: „Драги мој брате, денеска ја завршив мојата слика ’Ноќно кафе’. Ти знаеш дека отсекогаш ме прогонувале ноќните мрачни кафеани и разните биртии. Во оваа слика се обидов да прикажам дека кафеаната е место каде што е можно да се загине, едноставно, некој идиот да ти го забоде ножот во стомакот без никаков повод. Исто така, во кафеаната може и да се полуди. Со еден збор, се обидов мојата слика – спротивставувајќи ги контрастите: нежно розовата боја со крваво црвената и нежно зелената со жолтозелената. Сакав со контрастите на овие бои да ја предизвикам атмосферата на Пеколот, бојата на бледиот сулфур, да ја насликам демонската моќ на крчмата“.
  • Да не бидам погрешно разбран. Кога зборувам за кафеаната и за шанкот, не мислам од нив да се отиде на сцена. По една успешна проба или претстава, јас секогаш сакам да останам во бифето со колегите. Тоа ме олабавува. Разговараме каде сме згрешиле, која сцена била подобра…
  • Значи, неговото височество – шанкот само по завршената работа. Зашто, доколку се измешаат овие две нешта, ќе биде кобно за актерот: алкохолот и дава сосема друга „линија“ на улогата. Се губи „зрното“ на ликот, што би рекол, Станиславски. Бидејќи актерот е човек со изострена психа, со изострен нервен систем, тој не само што мора да умее да чувствува, туку тој мора во себе да има и магичен апарат преку кој ќе му ги предава тие емоции на гледачот.

Мирослав Масин, сликар
Во кафеана одам за дружба!

  • Не пијам од тага, ниту од среќа, едноставно, тоа е начин на живеење, на социјализација. Некој оди на Водно, друг на фудбал, јас во меана. Не се дружам со оние што се губат од две пијачки, туку со „истомисленици“, со кои муабетот трае. Тоа не значи дека им забележувам на оние што не помирисуваат алкохол, напротив! Повеќе не им верувам на оние што уживале во него, па се откажале.
  • Многу често седам на шанк, особено кога сакам да се осамам, т.е. кога не ми се прави муабет, но, сепак, немам желба за тотална изолација. Не размислувам кој што коментира за оваа „навика“. Знаете, играчите играат, а публиката гледа – зашто нема поумна работа. Мене ми е најважно што вели мама, а мама е една фина, градска госпоѓа…
  • Алкохолот е стимулативен, но и токсичен и може да биде опасно ако не се препознае границата на „бездната“. Обично сите мислат дека имаат контрола врз него, но оваа супстанција умее многу ненаметливо и полека да те повлече, да го преминеш работ и да потонеш. Всушност, се зависи од „капацитетот и менталната кондиција“ на личноста. Навреме треба да се препознаат „маркерите“ што ги дава алкохолот за да не те надвладее. Меѓутоа, кога се прават математики, подалеку од чашата!
  • Не мислам дека алкохолот е машка работа и воопшто не ми е битно дали жената сака да се напие или не. Сепак, бидејќи сум гурман кој сака да готви, кој сака убав прибор за јадење, убави чаши и уживам мераклиски да им приготвувам вечери на моите пријателки, може страшно да ме изнервира кога дамата, по сиот тој „труд“, ќе ми побара „јупа“ за пиење!? Бог го создал виното, а таа бара „јупа“!?
  • Предрасуда е тоа дека алкохолот и уметноста одат заедно. Барем кај сликарите, ситуацијата е пола – пола. Впрочем, како и кај архитектите, лекарите, електричарите… Патем, јас пиев, па почнав да се занимавам со уметност, а не обратно. Овој вид на стимуланс според мене, не помага во творештвото. Можеби е мала „поддршка“ во самата креација, но не станува збор за не знам каква помош! Тоа е сепак, само дел од чаршискиот живот, од конверзацијата, поврзувањето меѓу луѓето.

Винка Саздова, издавач
Алкохолот не е само за креативците

  • Алкохолот нема никаква врска со инспиративните разговори. Во средбата со другиот битни се просторите што духовно се освојуваат, темите што се отвораат. Јас можам со часови да седам со некого и ниту да пијам, ниту да јадам. Се разбира, доколку имаме што да си кажеме, што да поделиме.
  • Алкохолот, како придружник во разговорите, ми изгледа како ментален програм што го создава личноста, мислејќи дека така ќе каже многу поубави нешта. За добра конверзација е потребно, всушност, само отвореност: да сакаш и да умееш да ја кажеш вистината и да сакаш и умееш да ја слушнеш. Меѓутоа, факт е дека многумина мислат, (а тоа и им се случува) дека со алкохолот се уриваат бариерите, дека полесно или можеби, пострасно се комуницира. Како тој да внесува во еден поимагинативен, поинтересен и послободен свет.
  • Сиот свој живот сум се движела во кругови каде дружбата меѓу писателите, новинарите, актерите, сликарите, музичарите била проследена со чашка. Тие муабети, тогаш,т аму, не биле воопшто поинспиративни, од овие сегашниве. Сега се движам во кругови каде се водат чудесни разговори, каде се споделуваат духовни светови, каде… само за вистината се зборува, а не се пие ништо, или пак се пие само чај. Ми се чини „обичните“ луѓе се фаќаат за чашката за да избегаат од сопствениот свет, а уметниците обратно: за да се втурнат во својот, за да откријат нови приказни! Ова е само претпоставка, нема правило.

Снежана Стамеска, актерка
Ако не седнеш во бифето, не си бил на работа!

  • Еден од најсериозните простори за работа во театарот е бифето! По проба, по претстава, ако не седнеш во бифето, како да не си бил на работа! Многу ретко се случило некој колега да пие алкохол пред стапнувањето на сцена. Со чашка се разговара, дискутира, анализира… Особено по одиграна претстава, со „седнувањето“ со колегите го продолжуваш задоволството од направеното, но тоа не значи дека мора да се пие кога се седи во него. Инаку, да, полесно се „отвора“ човек со алкохолен пијалак, муабетот оди помазно, почесто се раѓаат идеи…
  • Знаете, мене станот ми е неподобен, инаку, би си направила шанк и дома. Првпат седнав на таква „направа“ во Париз (мислам дека беше 1973 или 1974) во една куќа, каде што отидов затоа што ми рекоа дека ќе има забава на која ќе се пуши „трева“. Како што си сум одговорна, отидов точно навреме и токму затоа, освен газдата, немаше дојдено никој. Си седнав на шанкот, ми понуди човекот виски, ми даде слушалки и ми пушти џез. Слушам јас музика пиејќи си го вискито и по извесно време се вртам околу себе да разгледам и гледам куп луѓе исполегнати на подот. Си велам: „Снеже и така си склона на пороци, ај седи си тука со слушалките и вискито, така си многу побезбедна!“ Така и бидна. Кога ми беше доста пиење, си отидов. Ете, алкохолот знае и да те спаси од некои многу потешки „гревови“.

Бранка Д. Најдовска
„Глбус“, 2007 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *