Бразил воведе нов „закон на Тејлор Свифт“, три години откако обожавателка на американската пејачка Тејлор Свифт почина како последица на екстремните горештини на еден од концертите од нејзината турнеја „Eras Tour“.
Ана Клара Беневидес, која имала 23 години, се онесвестила за време на концертот во ноември 2023 година, кога температурата во тој регион достигнувала околу 38 степени Целзиусови. Починала неколку часа подоцна во локална болница, а подоцна било потврдено дека причина за смртта била исцрпеност предизвикана од горештината, која довела до срцев застој. Свифт тогаш се огласи на социјалните мрежи и порача дека веста ја оставила „скршена“, а потоа го откажа следниот концерт во тој град поради екстремно високите температури, пренесува „Vijesti.me“.

Во тоа време нашироко се известуваше дека на обожавателите не им било дозволено да внесат вода на стадионот „Нилтон Сантос“, по што фановите се здружија и покренаа иницијатива за промена на правилата на стадионот.
Сега, речиси три години подоцна, претседателот на Бразил, Луиз Инасио Лула да Силва, потпиша две уредби кои го добија називот „закон на Тејлор Свифт“.
Првата уредба сега пропишува дека објектите и настаните со повеќе од 1.000 посетители мора да обезбедат бесплатна вода за пиење, како и да им овозможат на посетителите да внесат свои шишиња и садови со вода на концертите.
Втората уредба се однесува на препродавачите на билети и високите цени на влезниците. Според новите правила, платформите за продажба на билети мора однапред јасно да ги прикажат сите дополнителни трошоци во текот на процесот на купување, со цел да се избегнат скриените надоместоци кои се појавуваат непосредно пред плаќањето. Исто така, преносот на билетот на друго лице мора да биде овозможен без дополнителни трошоци.
Бразилскиот весник „O Globo“ наведува дека законот стапил во сила за време на церемонијата на потпишување во Бразилија, на која присуствувале фанови на Тејлор Свифт, Лејди Гага, Хари Стајлс, BTS и други изведувачи, кои во текот на изминатите три години се залагале за законски промени.