Во последниве 11 месеци купив седум (и со бројки – 7) книги за самопомош! Иако, упорно и доследно ги следев нивните упатства на „позитивно мислење“ не се случи чудо: и понатаму ме болат рацете и нозете кога чистам по дома! Дури и да пеам кога работам, ми се воспалуваат мускулите. Моите, не на Опра Винфри!
Имам една постара пријателка (постара од мене, не дај боже да и кажеш дека е онака, општо постара!), која редовно кога ќе ме види, ми ги повторува истите „мантри“: „Родена си во минус, а види до кај стигна!? И, пак, не си задоволна!? Мрчиш, мизантроп си, иронична, саркастична… Дај малку заблагодари му се на животот! Многумина се родени во плус, па ’успеаја’ да завршат во минус!“
Мојот одговор секогаш е ист: „Мислам дека балгодарност заслужуваат само моиве две раце и нозе и ова троа мозоков. Ништо апстрактно не работело во мое име, додека јас сум се излежавала гледајќи ги деветте продолженија на ’Сам дома’!?“
Меѓутоа, кога и други почнаа така да ми зборуваат за момент (добро, и подолго од тоа), помислив дека нешто не е во ред со мене: сите нешто и покрај пандемијава, се ќезат, само трубат „супер сум!“, нашминкани весело, исфризирани уште повесело, накитени највесело (до шизофренија), само јас сум – мрак!? Дрш – недај, тоа е: јас имам проблем. И се изнакупував книги за self – help.
За да станам општествено поприфатлива. Зашто очигледно моето – “нема да ни биде подобро, ако се преправаме дека ни е добро и не треба да се убедувама дека сме О.К. ни кога сме, а камоли кога не сме”, не важи! Така, се изначитав и изнаизнервирав.
Сфатив дека теророт на позитивниот животен став завладеал насекаде и дека психо – финтите продреле дури и кај 80-годишните пријателки на мајка ми. Негативните животни состојби во меѓувреме се претвориле најблаго речено, во проблематични, ако не и психопатолошки.
Најобичните егзистенцијални проблеми луѓето веќе ги доживуваат како клинички примери. Безобразно е распространет митот дека сите се раѓаме среќни, а за тоа што не сме останале такви сме виновни само ние самите! (Уште малку и казниво ќе стане да бидеш тажен.)
Демек, јас треба со песна и дајре да го славам секое чистење, пеглање, рата за кредит, тужбите од легалните лихвари т.е. банките, немањето лекови, вакцини…. Зашто така нема да ме болат мускулите! Шипки! Колку јас и да потпевнувам, грижите и обврските остануваат тука. Цените на пазар не се намалуваат, претпоставените не се цивилизираат. Остај се, кога ќе дојдам дома, не смеам ни поштено да се испокарам со скапоцениот ми животен сопатник!
Треба со насмевка да ги проследам неговите нозе испружени врз масичката за кафе и послушно, целата преплавена од благопријатни вибрации, да ги соберам неговите веќе употребени чорапи од изминатата недела, така арогантно распослани низ цела куќа и уште поозабена да ги дочекам тестовите со двојки од онлајн училиштево и разно – разните пубертетски состојби со идиотски имиња за кои не ни знаев дека постојат и дека требало широкоградо да се толерираат!
Кога сме кај децата, во служба на позитивното мислење, завладеано е и правилото дека гласни се само оние поколенија чии родители се нетокму. Што ќе рече, што помутаво дете, тоа поасален родител. Имено, веќе ни дете ко дете не може да се изнаплаче како што е редот. Комшиите веднаш викаат полиција!
Во денешно време треба да изнајмиш викендичка на пола пат за никаде, за на раат да извадиш грам нервоза од себе!? (Мене честопати ми доаѓа да се затворам во подрумот меѓу теглите со ајвар и расолот и да не излезам никогаш во овој исчашен свет.)
Зашто веќе секаде постојат заповеди: „Мисли позитивно!“
Мисли позитивно и се ќе биде во ред. Во кој ред?! Кога, како, каде?!
Ако им веруваме на веќе споменатите книги, изгледа доволно е само да замислиш и на тој начин да испратиш сигнал до космосот и твојата желба ќе се исполни. Или, ако ја купиш таа и таа книга, ти во десет чекори ќе се ослободиш од секоја зависност, несоница, прекумерна тежина, болест… Е, сега, ако не ти успее, не е вината во книгата, туку во твоите негативни мисли. Инаку, доброто здравје, љубовта, богатството и воскреснувањето од мртвите е возможно само, ако вистински го посакувате тоа! А вие се колебате, нели!?
Не знам за вас, но јас сфатив дека популарната психологија не им се обраќа на личностите со пореметувања, туку ги лечи нормалните! Со нормални проблеми, кои до вчера беа ептен, нормални. Кои не се самозалажуваат дека ќе биде подобро само, ако седат и читаат трудови од типот „Десет чекори до милионер“ и „Страниците што ќе ви го променат животот“.
Всушност, книгите за самопомош се како тикети за лото. За многу малку пари купуваме надеж. Шансата дека желбата ќе ни се реализира е никаква, ама надежта е огромна. Сеедно што е лажна. Важно е дека таа прави да се чувствуваме подобро.
Меѓутоа, ретко која од нив ќе ви каже дека е сосема во ред да бидеме луѓе – обични, живи.
И дека е легитимно и легално кога ќе ви дојде преку глава глупирањето на василевсот т.е. главата на куќата илимити домаќинот ни наш насушен, да му удрите по некоја заушка.
Само притоа употребете старо тавче.
И не мислете позитивно.
Не мислете ништо.
Пишуј книга мрзо една!