Се школувал во две осмолетки, четири гимназии, два факултета и едно стручно школо, не секогаш по своја волја. Живеел и работел во Лондон, Амстердам, Норвешка… како келнер, возач на виљушкар, продавач на бензин, диск-џокеј… Засадил 17 дрвја пред зградата во која живее и носител е на мус таци од 1971 година.
Денес е постојан апсолвент на книжевност и драматург во Македонскиот народен театар. Познат е како колумнист, но и како основач на правецот „џукелизам“, заедно со Петар Темелковски и Петар Мирчевски
*Како реагирате кога добивате некоја награда?
-Носталгично. Ех… на времето кога ќе добиев награда сите ми честитаа. Сега морам да одам „од врата на врата“.
*Што правите кога сте многу убаво расположени?
– Се обидувам да ги расположам и другите.
*На кои две-три свои навики сте особено горди?
– Има многу, но јас се одлучив за овие: јас сум најпаметен, јас сум најубав и јас сум најсилен. И сето ова јас самиот го открив.
* Која историска личност Ве вади од такт?
– Владимир Ендровски-Љац. Секогаш кога íе купи нов автомобил, морам со часови да го слушам како раскажува за неговите спектакуларни перформанси. А после морам да слушам кој лимар и фарбар е најдобар во Скопје.
* Омилен херој/хероина од кој и да било медиум?
– Не знаев дека има медиуми.
* Што најмногу Ви оди на нерви?
– Ништо. Јас одамна немам нерви.
*Најубавото нешто што може да ми се случи е…
– Постојано да сум во потрага по убавото.
* Книга која не ја испуштате од раце?
– „Народен кувар“. Се уште е најдобро напишаната книга.
* Со што од Вашата домашна кујна лазањите би ги тепале со 5:0?
– Под услов жена ми да не ме тепа мене, нејзината дроб-сарма ги тепа сите лазањи и во секое време.
* Што мислите за тие кои упорно ја следат модата?
– Тие се нарцисоидни суштества што сакаат постојано да бидат во центар на внимание. Кога одат на погреб, жалат што не се покојникот.
*Што му фали на Скопје?
– Ништо. Скопје е еден ретките градови во светот каде што се уште има интензивно дружење, гласно смеење, солидарност, милост, сомилост… И што е најважно, скопјани се духовни аристократи. Тие без никаков повод и причина, тепаат време во неограничено количество.
*На кој начин Ви годи славата што ја имате (барем) во театарско литературните кругови?
– Случајот е ироничен. Луѓето цел живот се борат да станат славни, а после носат големи и темни очила за да не ги препознаат.
*Во Вашата гардероба мора да има…
– Паричник.
*Што прво Ви паѓа во очи кај луѓето?
– Мислите на луѓето? Ако.
*Омилен цитат од книга, драма, филм…?
– „Често пати во животот мораш кратките патеки да ги поминеш погрешно, за да можеш при враќањето долгите да ги поминеш правилно“. Еве уште една, гратис: „Наше е само тоа што им го даваме на другите“.
*Да можете, кој момент од животот би го проживеале уште еднаш?
– Не дај боже! Моментот е величествено убав затоа што никогаш не се повторува.
* Кога сте сами сакате да…
– Сакам да ја заслужам самотијата.
*Каков споменик би подигнале пред Вашата (нашата) зграда?
– На Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Голем човек во секоја смисла. Според моето мислење, од шапката на Џинот, Клинт Иствуд може да си сошие капут.
*Која е според Вас добра идеја за да се живее подостоинствено?
– Најдобрата идеја за да се живее подостоинствено е воопшто да не се родиш. Но кога веќе некој сперматозоид залутал…
*Без што не тргнувате на пат?
– Некој мора да фрли леген вода зад мене.
*Кое Ваше дело/проект Ви е особено драго?
– Тоа што никогаш не сум го напишал. Сепак, најмногу ќе ми биде драго да напишам
чек од милион долари.
* Во кој град (освен Скопје, се како) би сакале да живеете и да работите?
– Сакам да живеам во село и не сакам да работам.
* Што Ви е најсекси кај личноста што физички Ве привлекува?
– Не смеам да одговорам на ова прашање. Имам многу строга сопруга, не ми дозволува да имам девојка.
*Затворен или отворен простор Ве тера на посуптилни размислу вања?
– Суптилните размислувања секогаш се поврзани со внатрешниот простор. Некои, во шега, тој простор го нарекуваат и „душа“.
* Што најмногу Ве тера да бидете тажен или барем меланхоличен?
– Неправда, глупост, насилство…
* Што најмногу Ви пречи во комуникацијата со обичниот човек?
-Мене во комуникацијата со обичниот човек единствено ми пречи тоа што веќе е невозможно да се пронајде обичен човек.
* Како дете што најмногу Ве одушевувало?
– Скокам со отворен чадор од некоја височинка, болен сум од сипаници, а сите дома (на смена) ми ја чешкаат тимбата и ми даваат колачиња и сокови, додека моите другарчиња се потат над тестот по математика. Седам „кркуш“ на рамениците на тато и одозгора го гледам светот како со двоглед свртен наопаку.
* Во кој спорт како член на македонската репрезентација би посакале осво јување златен медал?
– Во турска гимнастика.
* Со што може да Ве шокира една личност од спротивниот пол?
– Јас сум старомоден и конзервативен човек и се уште ме интересира спротивниот пол. Единствено ме шокира отсуството на спротивниот пол.
* Кои очекувања Ви се нереални, а сепак Вие и понатаму ги имате?
– Очекувам од себе да бидам подобар човек и никогаш не се откажувам .
* Како се борите против своите стравови, ако ги имате?
– Секогаш го правам тоа од што најмногу се плашам.
*Во Вашата соба мора да има…
– Па морам да бидам јас. А кој дојде – секогаш е добредојден!
*Како се борите (или реагирате) против неправдите околу нас?
– На овие години се обидувам да не се борам против никого и ништо. Искрено се надевам дека со мојот приватен и професионален живот, понекогаш успевам да предизвикам малку повеíе убавина и добрина.
* Која особина би сакале да ја имате, а ја немате?
– Да научам креативно да молам и внимателно да слушам.
* Од каков сон не би сакале веднаш да Ве разбудат?
– Попладневната дремка за мене е институција од посебен личен интерес.
* Можете ли себеси да се опишете со стих?
– Разбира се дека можам. Токму тој мој стих е преведен на многу светски јазици, а еве ви еден пример: „Два лоша убише Милоша, а мене је један што му жену гледам.“
*Што мислите за луѓето кои пишуваат колумни?
– На ова прашање одамна е даден одговорот: „Незапослен поп, јариња крштева!“
„Теа модерна“, 2010 година