Сутерен.мк

Брачна здодевност

Неколку години сум во брак, но иако, емоциите кон сопругата ми се се уште сигурни, сексуалната желба по неа како да ми се намалува. Се поретко ја посакувам, а згора на се, поради тоа се чувствувам лошо односно, како да ја изневерувам својата љубов кон неа, како да ја потценувам, навредувам… Таа нема поим што ми се случува во главава, ама јас не знам како да ја поправам ситуацијата, како да го освежам нашиот интимен живот!?

Златко, Валандово

Златко дарлинг, кој тоа ве излажал дека во бракот има секс!? Па уште и добар!? По свадбата, следниот план е каде ќе живеете по пензионирањето, а не како да се забавувате во кревет. Водењето љубов е предизвик се додека не ги ставите бурмите на прстите, а потоа, други се приоритетите. Впрочем, освен од глупаци, не сум чула дека некој се венчава заради играрии во спалната. Тоа се прави заради други привилегии.
Живци немам за совети од типот „облечете секси гардероба, направете интимна атмосфера, измислете поза…“
Да бе, цел ден ќе кинеш нерви на работа, па потоа ќе влечкаш торби од пазар, па ќе потрошиш непотребно пари на глупости, па ќе готвиш, чистиш и на крај ќе најдеш сила и желба и мотив (?!) за да се дотераш и да се изнаводиш љубов како четвртата жена на аздисан шеик!? Онака, спонтано, со акробатски ќерефекии!?
Ве лажат за сите пари! И, алал да им е.
Е сега… За тоа ли се женевте? Да полагате дипломски работи или да бидете тој што сте, таков каков што сте, со оној кого го сакате!? Меѓутоа, да, кога се живее со една личност особено, ако тоа секојдневие е добро, лесно се препуштаме на луксузот да бидеме мрзеливи, немарни, конформисти и да дозволиме да не нагризе монотонијата. Има чаре: земете некој филм, по чие гледање ќе се удавите од солзи и липање па ќе почнете да си доверувате детали од вашето несреќно детство. Гарант по тие плачки, ќе завршите в кревет. Успева и добра кавга. Толку добра, што едниот од вас ќе преспие надвор од дома. Нема подобар секс од оној по мирењето.
Последното и веројатно, најубедливото е да излезете заедно, некаде каде што има многу народ и музика. Ноќен клуб, на пример. Кога ќе сфатите дека вашата сопруга многу лесно може да си најде подобра варијанта од вас, не да ќе ви стане секси…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *