Македонскиот весник „Илинден“ стана дел од платформата Алијанса за етички медиуми (АЕМ) каде членуваат 29 печатени и аудиовизуелни медиуми во Република Албанија.
„Алијансата ги штити своите членки од не фер притисоци и напади. Таа е доброволна група албански медиуми посветени на строго спроведување на етичкиот кодекс на новинарите. Мисијата на Алијансата за етички медиуми е да промовира квалитетно известување во сите форми со цел да и покаже на јавноста дека членовите на Алијансата се сигурни извори на информации“, изјави за МИА Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник на весникот.
„Илинден“ е првиот весник на македонското малцинство во Република Албанија, кој е дел од платформата на АЕМ, а воедно и првиот весник на националните малцинства во Република Албанија.
„Од мое и од име на целата редакција искажувам благодарност до Одборот на АЕМ што одлучи македонскиот весник ‘Илинден’ да биде нејзин член“, додава Ѓурѓај.
Весникот „Илинден“, првпат излезе од печат во февруари 2011 година во Тирана. Весникот е на македонското друштво „Илинден“ – Тирана и е единствениот македонски весник во Република Албанија што излегува во печатена и електронска форма.
Продуцира и објавува информации на македонски јазик, за Македонците во Албанија, Македонија, Балканот, Европа и светот, и тоа политички, економски, културни, спортски вести, како и интервјуа.
Во изминатите 11 години отпечатени се 53 изданија на весникот.