Со „Екрановиот“ најдобар актер на филм за 1998 година, планиравме еден сосема поинаков разговор. На крајот се потврди народната дека „домашниот есап на пазар не излегува“. Со актерите, особено! Пазарот си беше пазар, а есапот следи…
Екрановата награда за најдобро актерко остварување на филм или ТВ за 1998 година му припадна на актерот Владо Јовановски за улогата на Пророкот во филмот „Збогум на 20 – от век!“ на Александар Поповски и Дарко Митревским која ја добива по вторпат (претходно, за улогата во „Последната македонска сага“ на Бранко Гапо).
Покрај ова, беше номиниран и за Најдобра епизодна улога, за ликот на Михаил во претставата „Мурлин Мурло“ на МНТ. Јовановски, постојано вработен при Драмата на МНТ зад себе има околу 25 претстави, пет играни филма, гостувања, награди… Ова беше нешто како лична карта, а сега нешто како „слободен превод“ на ликот на овој актер:
Долупотпишаниот новинар е навикнат на Владо Јовановски, како на неповторлив козер. Како на човек, кој редовно од својата појава умее да направи настан. Настан што ги расположува присутните. Овојпат беше некако поинаку. Не дека му недостасуваше духовитост или речитост, туку… Едноставно тоа беше еден поинаков Владо: малку тажен, малку замислен, малку колеблив.
На прашањето „зошто е таков?“ вели: „А каков да бидеш во едно вакво време!?“ И се чинеше дека нема муабет понатаму. Ама ни тргна и ете ти! А како испадна…
- Нешто не сте расположен, па… што би сакале да ве прашам?
– Имам толку многу работи да кажам, а никој не сака да праша. Прашај бе, да му се невиди, што сакаш!
- Бидејќи вечерта имавте претстава, не стигнавте да ја примите наградата лично. Доколку стигневте, кому ќе му се заблагодаревте за неа?
– Ќе им се „заблагодарев“ на оние што го крадеа културниот денар. И ќе прашав, ако се уште тоа се прави, дали знаат дека крадат од иднината на сопствените внуци!
- Во филмот глумите пророк. Немаше ли и да „проречете“ нешто?
– Во филмот Кузман го проверува Пророкот и го прашува: „Како се викаше мајка ми?“ Овој одговара: „Надежда!“ Кузман му акнува бокс, „Нема врска!“ „Па, нема врска, фала богу дека нема врска! Јас сум пророк, не гледам тоа што било, гледам што ќе биде!“ Што ќе биде?
Ако некој каже дека ќе се случи тоа и тоа, прашање е колку тој го насочува настанот да се случи. Ако стигнев на време за да ја примам наградата, кога ќе излезев, ќе му се извинев на апостол Јован. Затоа што само него сакам да го признаам за повикан да зборува што ќе биде во иднината.
Поради мојата улога како пророк, му се извинувам што дадов едно толкување за идните настани. Тоа е само филм, но само Господ знае што ќе се случи! А ти оди, па погаѓај колку сакаш, што ќе биде.
- Верувате ли дека ќе биде подобро?
– Ако не верувам, нема да можам да живеам! Можеме само да ја констатираме реалноста и да продолжиме понатаму. Да ги констатираме проблемите кои се последица на многу минати случувања. Нерешени проблеми. Ако пак, ги бараме причините, тоа ќе значи многу изгубено време. По принцип правото понедува. Животот победува!
- Бевте номинирани во две категории. Ќе ви беше ли помило да ја добиевте втората наместо оваа?
– Сеедно ми е дали ќе ја добиев едната или другата и дали воопшто ќе добиев. И двете улоги ми се драги.
Меѓутоа, да бидам искрен, пред пет години повеќе ми значеше, но сега… сега е се поинаку. Станаа многу работи второстепени.
Мислам О.К. се наградите. Нормално, сега да не почне секоја крчма да дели награди и, ако може, да се сочува минимум достоинство т.е. да не се претвораат манифестациите во награди за најспонзор! Ова, вам ви се обраќам. Како на Редакција „Екран“.
Ако веќе правите таква работа, направете ја до крај како што треба или не ја правете! Таа манифестација секогаш страдала од разностилие и од жанровска измешаност. Малку е тоа, па оваа година отидовте понатаму во потрага по естетиката – ја споивте со „Глумците пеат“!? Манифестација што не се дури ни „Актерите пеат“! Парите ли се проблем?
Па земете ги од Министерството за култура! Ама ставете во жирито и луѓе од Министерството, па и некој од Факултетот за драмски уметности, па ставете и некоја позната и призната личност. Нека биде од поширок состав. Така ќе си олесните себеси, а и наградите ќе имаат поголема тежина. Вака, ќе напишете дека наградените ќе добијат толку и толку илјади германски марки, тоа ќе го објавите и на ТВ и после нема да им ги дадете. Се плашам да не испадне народната: „Аман немој да ме наградуваш!“ Како и да е…
Повеќе би сакал да има поголема продукција отколку награди. Вака, еден филм… Повеќе би требало да создаваме култура, отколку да се занимаваме со тоа кој, колку и како добил награда. Поважно е да си оддадеме еден на друг признание, да се испочитуваме конечно, меѓусебно.
Еве, на пример, со новите програми во образованието, не им ставаш на децата оценки во првите години на школувањето. Што е добро. Зошто да го фустрираш детето со оценки, кога е поважно да научи нешто, отколку… А актерите се исто како мали деца. Така што, подобро е да не се наградуваме, зашто секогаш ќе има незадоволни и задоволни.
- Сепак, наградите се и некаква сатисфакција?
– Така е, ама стана доминантно ова со наградите. Патем, зошто ја одложивте манифестацијата на 26 –ти март?
- Поради ситуацијата што не опкружува…
– Можеби не е мое да кажувам, ама… Актер на годината требаше да се одржи кога беше закажано. Што значеше тоа!? Некакво солидаризирање!? Па тие, кои беа најзагрозени – пееја!
Се сеќавате каква психоза имаше тогаш во Скопје: и релна, а некои и најдиректно ја ширеа! Секое неодржување на закажан настан работеше во корист на таквата состојба. На хаосот не треба да се одговори до хаос.
- Да се вратиме на нашево: имаше поделени мислења околу „Збогум…“ Ви се допаѓа ли вам филмот?
– Дали е добар или не, јас не сакам и не можам да кажам. Филмот покрена некои прашања. Се дрзна да каже нешто! Дека времето без војна не значи дека е нешто многу пдобро од времето во војна. Дека иднината е заебана како и минатото. Дека е време на параноја.
Затоа и не ми беше многу до муабетење. Јавно кажаниот збор има голема тежина. Се е измешано, нема вредносни системи, везден има незадоволни… Каков е филмот, ќе каже публиката. За мене тој филм е феномен!
- Двапати добивате награда за филмска улога. Мислите ли дека сте повеќе за пред камера отколку…?
– Што да зборуваме за тоа, кога филмови се снимаат еднаш годишно! Тоа се два медиума и нема … Побргу би требало д се анализира што нудат како израз, а не дали сум јас ваму или таму подобар! Проблем е, ако даваат само сува информација. Не се случува секој ден вистински проект. А тоа ни треба – вистински проекти!
- Како до вистински проекти?
– Секој да си ја работи својата работа. Да не го лажеме народот демек, утре ќе влеземе во Европска унија и сите проблеми ќе исчезнат. Што и, ако влеземе!? И не сакам баш многу да влеземе. Таа Европа, барем јас она што сум го видел е во поголема криза – уметничка, морална – отколку ние овде на Балканот!
Треба сопствениот двор да си го гледаме, а не да се занимаваме со Европа! Или парите се главната причина за немањето вистински проекти!? Не знам. Многу е глупаво за пари да зборуваме. Штоправиме, ако имаме пари, а утврдиме дека немаме мозок!? Зар ќе ја следиме потрошувачката индустрија што го слави доаѓањето на новиот милениум!? Таа ќе го прослави дури двапати!
- Што ве лути толку многу?
– Немам јас време да се лутам.
- Па…?
– Па… Минатото никако да помине, иднината никако да дојде, а ние глумиме сегашност.
- Значи, па – па!
– Ех, рано е за па – па, ама доцна е за каење.
- За какво каење?
– Не можам да си го простам своето изгубено време, што сум го потрошил со погрешни луѓе, на погрешни места. Целото време што единствено требало да го поминам со син ми Григор. Затоа и единствената благодарност за тој филм, и за се друго, му ја должам нему и на мојата сопруга, Силвана.
Ристо Шишков пред да умре, знаејќи што му се случува, на Владимир Светиев му рекол: „Се било џабе!“ Само тој знаел на што мисли, но сигурен сум дека мислел на тоа изгубено време со погрешните! Освен семејството, ништо друго нема смисла. На идеја сум да се дистанцирам од сево ова, да се вратам кон корените. Би требало сите тоа да го направиме.
- Да се дистанцирате и од театар?
– Не, не од театар! Да се одалечам од урбаните мешаници. Меѓу нас речено, се ми се чини дека и да си одам од театар – та јас, та некој друг – никој нема да се обиде да ме задржи! Пола народ изгубивме зашто никој не се обиде да ги задржи луѓето да не си одат од овде. Тоа е проблемот: што правиме за некого да задржиме, а не дали тој си оки или не.
- Да се свртиме конечно, кон тој до нас?
– Да. Ние постојано се занимаваме со некои туѓинци. Со туѓи војни, со туѓи планови, желби, судбини… Кога ќе почнеме да се занимаваме со нас? Со оваа почва, со овој народ!
- Патриотизам ли е ова или…?
– Не знам што е патриотизам и слични „изми“! Што би рекол Михалков: „Ја родину љубљу!“ Јас земјата си ја сакам. Не е тоа фалење, тоа е така. И не би требало да е никако поинаку.
- Да се вратиме на „губењето“ време. Може ли тоа да се сфати дека и в театар сте губеле време?
– Пробата не е губење време, туку глупостите. Правењето муабети за театар! Тој или треба да се прави или не! Високофрекбентно разговараме за тоа, а всушност, никој вистински не се жести за театар.
Само уметноста има смисла. Вистинската уметност. Глумењето уметност е глумење време. Сакам да видам активна уметност. Не да плаши, не да кара, да суди, туку да лекува. Со збор, движење, израз… Апсурдно е, ако апсурдот е модерен, да очекуваш дека апсурдот ќе укаже на апсурдот! Сакам да кажам: кога има толку апсурд надвор, ќе ги доотепаш луѓето со апсурдот и в театар.
- Дали „Мурлин Мурло“ е една од активните уметности?
– „Мурлин Мурло“ е една добра претстава. Претстава, што може „одново“ да се игра. Со други актери. Всушност, секојаизведба да биде поинаква. Од текст до сценографија, актери, костими… Која укажува на нештата, која предупредува. Не за џабе и се вика така. Што е искарикирано името на Мерилин Монро. Мурлин Мунро можеби било најубавото суштество во тој град, но средината направила од неа карикатура, односно единица мерка за исфрустрираност.
Во претставата се вели: „Баба Ванѓа кажа дека ќе се случи земјотрес! По два дена или две недели, накусо речено, по неколку дена!“ На крајот на претставата и се случува земјотрес. Дали навистина или само во нивните глави, сеедно. ФГлавно, се случува.Опаснис е „предвидувањата“. Како и прашањата.
- Опасно, неопасно – дали е ова време за театар?
– Во овој пад на духовни вредности, уште како е време за театар! Ова е највреме за треатар. И театар може да се направи. Се разбира, ако во меѓувреме не си ги ископаме очите меѓусебно и заборавиме дека сме уште само милиоодвеста илјади глумци во земјава, не сметајќи на дијаспората, нели!?
Ако конечно, се досетиме, па ни текне некако, дека во мали народи има голем сублимат на талент, кој не ги трпи тезите од типот: „Без секого се може!“ Не се може без секого и не се може со секого.
- Кога би можеле да бирате повторно, би ја избрале ли пак, глумата?
– Да! Би избрал повторно да бидам актер, ама би бил помудар.
- Во која смисла?
– Би се однесувал порационално. Не заслужил секој проект во кој сум учествувал толку многу ангажман од моја страна. Толку потрошена енергија, толку давање. Ама кога е човек помлад… Сега знам дека единственото нешто што го заслужува целото мое внимание, целиот мене е само син ми.
- Колку многу си го сакате синот?
– Еден пријател ми вели: „Знаеш ли колку ја сакам ќерка ми?“ И така едно пет – шест пати. Едно време му велам, „Знам.“ Тоа е тоа. Само оној што го почувствувал тоа, може да го знае чувството. Инаку, колку и да објаснуваш, не можеш да го пренесеш.
- Што очекувате од себеси како татко?
– Да „создадам“ подобар човек од мене. Дај Боже, да успеам.
Бранка Н. Доневска
„Екран“, 1999 година