Сутерен.мк

Влатко Стефановски: Големиот маг на гитарата и, штрафцигерот

Пред самиот старт на егзотичната турнеја на „Кингс од стрингс“, нашиот најрепрезентативен рок музичар не прими во својот дом. Првпат дозволувајќи му на некој медиум да влезе во неговата дневна соба, каде исклучиво се слушаат и негуваат трајните вредности…

Непосредно пред првиот (на 24 овој месец, во Универзалната сала во Скопје) од низата концерти на “Кингс оф стрингс”, бранителот на македонските бои во ова спектакуларно трио на гитаристи, Влатко Стефановски, не прими во својата куќа, во скопската населба Тафталиџе 2, правејќи исклучок од правилото да не прима новинари во неговиот семеен простор.

– Приватноста е многу важна и навистина, за прв пат некој медиум влегува во мојата дневна соба. Обично, интервјуата ги правам по кафулиња или на друго место. Не ги сакам, а ни моето семејство не покажало желба за таквите „разоткривања“. Лично, им се чудам на таканаречените естрадни ѕвезди, кои како едвај да чекаат да извадат од плакар алишта и да се сликаат покрај нив за весниците. Знам дека народот бара да гледа такви пикантерии, ама и нашиве познати личности не се опираат баш на барањата – вели тој и признава дека можеби неговиот став е ригиден особено во однос на децата и нивното вклучување во она што значи јавен живот.

Претпазливо всушност, се однесува воопшто кон популарноста и се што таа со себе носи, сиве овие четири децении, колку што се занимава со музика. Уште повнимателен е откако е родител.

– Моите деца имаат здрав однос кон тоа. Знаат дека татко им е познат, но не паѓаат во несвест од тој податок. Ниту пак, јас правам фама од тоа. Тоа е дел од мојата работа и така го прифаќам, со големо разграничување на животот на сцена и надвор од неа. Во оваа куќа никој никого нема намера да клонира. Зашто, секоја личност носи некој квалитет. Не сме сите за пејачи, актери, водители или НБА кошаркари. Некои одлично ќе поминат во наука, како просветни работници или медицинари или технолози. Никогаш не сум ги терал на ништо. Имаат дома клавир, имаат студио, ако сакаат да се бават со музика, нека се бават. Мислам дека на децата, ако можеш, треба да им понудиш избор, а тие сами да го одберат својот пат. При неговото изодување пак, ако можам ќе помогнам, секако.

Ќерката Ана (22 години) која дипломирала италијански и шпански јазик со највисоки оценки и шестооделенецот Јан потврдуваат дека немаат никаков притисок од родителите во формирањето на својот вкус и идни вокации. Ја сакаат добрата музика и имаат одличен слух (синот свири и на тапани, а Ана пеела во хор), но барем за сега, таа е повеќе по науката, а тинејџерот по кошарката. Меѓутоа, помладата дама во семејството од мали нозе го следи татко и на турнеите па така ќе оди и на оваа што претстои па и повеќе од тоа. Ана му е верен и незаменлив асистент за време на концертите, секогаш подготвена да одговори на непредвидливите предизвици на овие рок патувања. Всушност, Влатко многу често на настапите е придружуван од своите најблиски, но тие секогаш се зад бината, во бекстејџот, но вели дека не се восхитуваат од него на начин на кој би требало публиката да се восхити. Сопругата Гордана, неговата маалска љубов, со која е 27 години, откако е роден Јан поретко е во тимот на подршката за на пат, но се уште, кога има можност и време за организација со голема страст е покрај него на големите свирки.

– Ја сакам музиката и една од причините која не зближи со Влатко беше и мојата голема колекција на плочи – шеговито раскажува Гордана, која своевремено се занимавала и со манекенство, но заради проширувањето на семејството, престанала да гради „официјален работен век“ и се посветила на грижата на децата и организирањето на фамилијарниот живот. Свесна е дека егзистира во сенка на виртуозниот гитарист.

– Да се ставите во втор план не е лесно баш секогаш, но тоа е мој избор, никој не ме натерал на него. Мене дури и ми годи, го сакам тој свој полуилегален статус. Не се чувствувам пријатно да ме препознаваат, да сакаат да се сликаат со мене, да ме застануваат за да помуабетат… на некој начин, треба да сте и предодреден за популарноста, да имате потенцијал да се носите со неа, а јас не сум тоа. Затоа и многу ретко сум била во медиумите. Впрочем, треба и да има причина зошто се сликате, а не само желба да ве има во весниците или телевизијата, нели!?- вели таа, нагласувајќи дека иако е поприсутна т.е. дежурна во растењето на нивните деца, Влатко не е странец во домот туку напротив, кога е тука, тој е целосно предаден на нив и обврските околу членовите на семејството. Признава дека неговите отсуства и се дури и потребни. Да одморат еден од друг, за кога пак, ќе се видат да се зближат повеќе.

– Навикната сум да го нема на одредени периоди. Секако дека имало моменти кога многу ми значело да е тука, а не можел. Децата биле болни, се градело, а јас сама сум одлучувала што ќе се превземе. Таквите стресни ситуации бараат споделување со партнерот. Не можам и не сакам да го заменам присуството на Владе.

Влатко се согласува дека теретот е врз неговата сопруга кога е надвор од земјава меѓутоа, кога е дома голем дел од него превзема тој.
– Јас не сум постојано на пат. Еве последниве два месеца не сум мрднал никаде. А кога сум тука, тука сум. Од носење деца на училиште, помагање дома, расчистување… Ги поправам сите можни „ситни“ дефекти. Многу сум мераклија на штрафцигер и ме бива. Домаќин сум од прва класа. И секој ден сум на пазар.

Попладнињата пак, обично им се резервирани за семејните дружби кога се дискутира најчесто, За обврските, за филмовите што помладите членови ги изгледале, прочитаните книги и слушнатата музика.
– Во оваа дневна се пушта само класична музика, а останатите дискови се „проверуваат“ на други места – на ајфон, автомобил, приватните соби… Постојано полемизираме и не ретко летаат искри! Всушност, според тоа колку се сакаме, а сите сме големи индивидуалци, малку се караме.

Влатко тврди дека во куќата има двајца спартанци – тој и Ана и двајца анархисти – Гордана и Јан, но сите четворица се крајно одговорни личности без разлика на тоа, на каков начин го манифестираат својот темперамент. Воспитан во космополитски дух, се труди и своите деца да ги насочи кон истите вредности на кои го учеле неговите родители, актерката Нада и режисерот Мирко Стефановски, значајни театарски ликови во македонската култура и тоа, токму овде, каде живееле од 1964 година и каде на местото на финската барака тој го (пре)изгради својот дом. На влезот пак, на пространата куќа има апликација на маска од стариот Скопски театар што беше руиниран за време на Земјотресот. Кажува дека тоа е своевидна посвета на неговата мајка и татко, но и на сите генерации од фамилијата Стефановски, за нивната уметност и отворен ум.

– Родителите за жал, оддамна не ми се живи, но очигледно извршија големо влијание врз брат ми Горан и мене, со нивната работа и начин на живот. Татко ми работеше пет години во Народниот театар во Битола, каде е роден Горан и пет години потоа во Прилепскиот театар, каде сум роден јас. Не било едноставно еден скопјанец да отиде во внатрешноста и да се бави со тоа со што се бави. Времињата не биле лесни, но не можеш да бираш каде и кога се раѓаш! Тоа се случува така, како што треба. Татко ми последните 15 години професионално ги помина во Театарот на народности во Скопје односно, во Албанската и Турската драма. Најголемиот дар од нив ни е всаденото почитување на сите раси, националности и професии и воопшто, на сите различности. Тие беа луѓе кои помируваа многу контрасти и светови – со многу емоции раскажува Влатко, но и со цврст став дека токму тоа е патот за неговите деца, но и сите нас, кои егзистираме на ова парче земја.

– Она што ни се случува денес, таа нетрпеливост, небитно од кој вид е, го доживувам како лична навреда за мене и моето семејство и нас четворицата тоа многу не загрижува. Апелирам до сите кои живееме овде да ги смириме страстите и конечно, да направиме од оваа држава пристојно место за живеење како што и беше идејата во 1991 година. Граѓанска, а не конфликтна средина. Секој родител треба во корен да го исече и најмалиот знак на расизам или национализам кај своето дете. Јас тоа го правам. По тие прашања, не попуштам ни за милиметар.

Исто како што не си прави отстапки ни кога е професионалниот ангажман во прашање. Со своите повеќе од пет децении живот, на организираноста, перфекционизмот, професионалноста, но и физичката кондиција можат да му позавидат и многу помладите колеги. Освен што пешачи и игра баскет со Јан, тврди дека други специјални подготовки нема за концертите.

– Станува збор за адреналин и нема ништо со билдање на мускули. Не одам во фитнес сали, тоа не ме интересира. За жал, денешниве музичари се повеќе се во теретани, а се помалку во студио. Изгледот им е поважен од содржината што ја пеат или свират и тоа е по малку смешно. Меѓутоа, такво е времето…

Нашиот најпознат рокер, кој како еден од ретките од овие простори, го почувствувал професионално, но и приватно, заедно со сопругата, гламурот на светските културни и џет – сет центри, категоричен е дека во сета таа работа со популарноста најважно е да не те вознемири славата.

– Не сум јас баш, толкава ѕвезда и немам којзнае колку многу прес конференции во текот на годината, но сепак, заштитата е неопходна, ако сакаш да останеш „здрав“. Лесно сето тоа „удира во глава“ и после тешко е да се вратиш на колосек… Всушност, мислам дека музичарите се едни од „најнормалните“ во светот на таканаречените популарни личности зашто буквално, се случува денес да спиете во хотел со пет ѕвезди, а следната вечер да се најдеш на перон на железничка станица и да чекаш воз за кој не знаеш, не кога туку, дали ќе дојде!? А кога е дома, во Скопје, ако не се во театар или кино, со Гордана најчесто, се во „Пелистер“, на плоштадот, а навечер во „Џубокс“.

– Тоа се местата што ни се омилени и каде ги носиме и гостите кои ни доаѓаат од странство. Нив ги држат наши пријатели, но сепак, пресуден е стандардниот квалитет на услуга и однесување што го нудат. Не ги водиме децата со нас, тие се во друг „филм“. Тие излегуваат на Фејсбук – вели, Влатко смеејќи се, кој нема профил на оваа позната социјална интернет мрежа иако, претпоставува дека тоа и би му користело во професијата, но смета дека тоа и не е баш најнеопходно за успешно егзистирање во денешниот, премногу себепосветен свет.

– Ова е френетично време кога секој сака и може да биде познат. Па и тој Фејсбук е направен по онаа идеја на Енди Ворхол дека секому му следуваат пет минути слава. Сите тие лајкови што ги добиваат е потврда дека постојат. Не го осудувам, но мене ми е сето тоа толку излишно… – без резигнација коментира Влатко, кој ги следи трендовите, но нема намера да живее според нивните правила.

Кралеви на жиците!

Нашиот член од „Кингс од стрингс“, покрај Томи Емануел и Строкело Розенберг, вели дека е многу возбуден заради концертите што го очекуваат. Веќе од јуни минатата година се подготвуваат за оваа туреја и темелно и исцрпно се бавеле со материјалот што ќе го свират.

– Се „бркавме“ постојано по Будимпешта, Софија, Торино, Диселдорф, Белград, Амстердам, за да се сретнеме и да вежбаме. Кој ваму, кој таму, се утепавме од среќавања за усогласувања и размислувања. Уверен сум дека ќе биде многу добро и возбудливо зашто овие луѓе се светски прваци во тоа што го работат. Емануел е и официјално прогласен за ас во акустична гитара. Ова е изјава на Ерик Клептон, јас само цитирам. Магионичар е. Не само технички, туку и како инспирација. Стокело пак, свири џипси џез, една боемска музика, што е многу лесна за слушање, но тешка за свирење. Врвен музичар. Двајцата се и како личности прекрасни. Заедно сме јас од нив нешто да научам, а тие од мене и да направиме една синергија, што ќе ја возбуди публиката.

Турнејата започнува во Скопје, по што следат два концерти во Белград, па Загреб, Марибор, Подгорица, Упсала… Ќе настапат со дел од авторските композиции, дел од лектирата на светската популарна класика. Веќе е готово ЦД со нивната музика, насловено како „Прв чекор“, што го снимале во Холандија и Белград, а во издание на „Гитар арт фестивал“.

Ми фали брат ми!

На Влатко многу му недостасува неговиот брат, нашиот познат драмски писател и професор, академик Горан Стефановски, кој веќе две децении живее и работи во Англија. Сепак, тие двајцата и покрај далечината, многу се блиски и редовно комуницираат на Скајп, по меил и телефонски.

– Речиси, секојдневно сме во контакт, но се гледаме кога доаѓа или кога ние одиме таму. Горан кога не посетува е како празник за нас. Доаѓа со преубави подароци – со музика, книги. Имаме наш, приватен хумор и носталгија што ја споделуваме и не држи врзани. Ми фали, жал ми е што не е тука. Се надевам дека ќе дојде наскоро на подолго. Баш би било добро.

Бришам се што е зад мене

Влатко Стефановски е носталгичен, но не жали за минатото. Вели дека брише се што е зад него, за да може да погледне напред. Сепак, од концертите што многу му значат ги споменува оние на „Леб и сол“ во Драмски театар, во 1977 – ма, како еден од најмоќните – енергетски и инспиративно. Многу му било мило што во една прилика и нашиот претседател Ѓорѓе Иванов му признал дека присуствувал на него и дека уште ја чува влезницата.

– Имало многу важни за мене настапи. Не мислам поради бројот на публика туку пред се, заради адреналинот, комуникацијата со присутните, занесот… Меѓу нив е секако и оној на „Леб и сол“ во 1977 година, на Хајдучка чешма во Белград, пред сто илјади луѓе, кога настапивме како предгрупа на „Бјело дугме“. Сме имале убави концерти со Мирослав Тадиќ. Еден од највозбудливите е во Виена со Тадиќ, Теодосиј Спасов и со Виенскиот симфониски оркестар во златната салата каде се држат новогодишните концерти. И Гордана беше таму. Таа одамна сакаше да и се случи Виенски концерт за Нова година, но испадна, еден таков сличен да и одржи сопругот. И тоа, на голема врата, во еден од најголемите храмови на европската музика. Неверојатни се тие искуства. А туѓи концерти што нема да ги заборавам се секако оној на Јан Гарбарек и Еберхарт Вебер во 89 – та на Скопскиот џез фестивал, на „Клеш“ во ’82-ра во Чикаго, „Полис“ во Лондон, во 1980 година, Ролинг Стоунси“ во Виена ’82-ра и на Дејвид Силвијан во 1987 – ма, Мајлс Дејвис во Белград ’87-ма… Она што исто ќе го паметам е кога во 2010-та бевме предгрупа на „Симпл Мајндс“ со „Влатко Стефановски трио“ во Белград, Сплит и Бања Лука. Тоа беше фантастично дружење и прекрасни свирки. Поминувавме доста време и ние во нивните гардероби, но и тие во нашите.

Бранка Д. Најдовска

„Теа модерна“, 2012 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *