Сутерен.мк

Глаголива именка

Абе, дарлинг, те гледам многу мудруваш понекогаш па, да те прашам, како експерт: што е љубов? Конкретно, се уште го сакам партнерот, но немам некои силни чувства кон него?! Не размислувам за разделби и неверства, порај него останувам, грижејќи се за него и чувајќи ја нашата релација, но само сакав да прашам.
С.М.

С.М. дарлинг, да бев некаков експерт ќе седев во министерска фотелја и ќе забранев да носат хеланки лица кои се постари од дванаесет години. Бидејќи не сум ете, ќе оправаме во недоглед што значи љубов и слични тракатанци.

Поп културата не убеди дека љубовта е чувство. Притоа, пропуштајќи да ни нагласи дека емоциите доаѓаат и си заминуваат. Како лутина, тага, немир, радост… А нели, знаеме дека кога ќе направиме нешто водени од вакви чувства обично, потоа се каеме за постапката!?

Оние на кои професионална определба им е занимавањето со човековите состојби знаат да речат дека љубовта е најдлабоката емоционална потреба, а личноста што ќе ја задоволи неа има најголемо влијание врз нашиот живот, но дека таа не е именка туку, глагол. Љубовта е нешто што правиме, а не нешто што се случува. Таа е одлука, начин на размислување и однесување.

Сигурно дека го сакате партнерот. Страстите, сексот се само придружни и непостојани ефекти на Глаголот. Емоции кои како и останатите, бледнеат и исчезнуваат. Поважен е ставот кој вели дека сте одлучиле да ги штитите интересите на оној што го љубите. Не е на одмет секако, да се врати нежноста во меѓусебните односи, но тоа никогаш нема да се случи, ако само чекаме не правејќи ништо.

Превземете чекори кои ќе го придвижат кругот што ги стимулира убавите чувства. Колку и да ви изгледаат бесмислени или тешки, вреди да се направат.

Зашто, како што би рекле филозофите, љубовта е единствениот разумен избор во било каква ситуација и единствена задача достојна на животот. Останете така…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *