Сутерен.мк

Гори депонијата Буково меѓу Ресен и Охрид

Депонијата Буково гори секоја година, посебно во лето, а најчесто се работи за намерно потпалување. Густиот чад и неподносливата миризба ги вознемирува жителите во околината на Ресен и Охрид кои често прават протести и блокади на патиштата и бараат итно затворање на депонијата. Досега никој не е фатен ни казнет

Заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиновски преку својата фејсбук страница информираше дека во периодот од 29 до 31 јули годинава, од засега непознати сторители се подметнати два пожари на депонија Буково. Тој уште информираше дека екипи од ЈП „Охридски Комуналец” веќе една недела се обидуваат целосно да го изгаснат пожарот.

„На 29 јули во попладневните часови од страна на непознато лице е подметнат пожар на депонија Буково. Екипи на ЈП „Охридски Комуналец” веднаш излегоа на терен и ги презедоа сите неопходни мерки за локализирање и гаснење на истиот и нормализирање на состојбата во соработка со екипите на ТППЕ од Охрид и Ресен.

Истиот ден пожарот беше стабилизиран и изолиран. На 31 јули исто така беше подметнат друг пожар на сосема друга страна од депонијата Буково. И за двата случаи беше поднесена пријава до СВР Охрид за подметнат пожар од непознат сторител. Екипи на ЈП ,,Охридски Комуналец” повторно излегоа на терен и депонијата е под секојдневен мониторинг. Депонијата преку дрон беше третирана со алги со цел задушување на пожарот. Изминативе денови со специјална механизација делот од депонијата кој е зафатен со пожар се покрива со големи количини земја“, напиша на фејсбук Божиновски.

Пожарот за кој надлежните служби се сомневаат дека е подметнат е изгасен, но чадот е се уште присутен, а неподносливата миризба се чувствува веќе два дена и во Охрид и во Ресен особено наутро и навечер.

Унеско уште во 2017 година бараше до декември 2020 депонијата на Буково да е затворена и санирана. Тоа не беше сторено, делумно поради немање локација за регионална депонија. Унеско а и екологистите алармираат дека депонијата во Буково е со висок ризик за животната средина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *