Сутерен.мк

Гоце Николовски: Осамените умираат први

Тој е од оној вид луѓе на кои автоматски им верувате. Едноставно, неговото меланхолично лице влева доверба. Човек е кој го почитува длабоко минатото и не ги заборава лекциите на кои тоа го научило. Патриот кој останува доследен на себе.

Тврдоглав е, лесно ќе ве збуни, а сепак, соговорник покрај кого се чувствувате опуштено. Делува помладо од своите години (48). Ги обожува Вивалди, Ниче…

Тој е еден од најхаризматичните на македонската музичка (и забавна и фолк) сцена.

Романтичен сонувач, но и доволно разумен и практичен. Барем, така се чини…

  • По „Бисер балкански“, која е речиси, неофицијална национална химна, ве снема!?

– Еден дел од одговорот секако се должи на мојата инертност. . Не сум човек кој по секоја цена мора да успее. Не сум ниту човек кому животот му се сведува во трчање по престиж, по обезбедување на место на врвот. Освен тоа, моето пеење имаше некоја идеолошка заднинам а сега некои работи се средија, па не се чувствувам многу „потребен“.

Малку сум и уморен. Малку и интуитивно чувствувам дека треба да сум „настрана“. Но, факт е дека и не ме бараат. Јас дури сега ја издадов својата прва касета (пред оваа, имам само една, но за љубљанска продуцентска куќа) и тоа не со нови песни, туку со она што се вели: „најдоброто од…“

Тоа е… не ми нудат песни, не ме викаат на концерти, на фестивали… По некое гостување во странство, некој хуманитарен настап… и, толку.

  • Што е причината за тоа?

– Ако сакате да градите кариера, а во исто време се обидувате да си го задржите правото на гордост, ќе ви биде многу тешко. Никогаш во животот не сум платил песна, а допрва тоа сигурно нема да го сторам. Ако некој чувствува дека Гоце Николовски може да испее негова песна, треба да ми ја даде, а не да ја купувам. Со тоа купопродажбите ќе се најдете во еден затворен круг на „јас тебе, ти мене“, во кој се губат вистинските вредности. Јас моите не сакам да ги изгубам. Всушност, стојам зад нив.

Ми понудија песни за последниве два фестивала. Едната, сигурен сум, не би ја пеел ни почетник! Другата беше просечна – не ги задоволува моите барања. Песната треба да ме возбуди, а не еднаш испеј ја и, толку! Имам почит кон песните што сум ги пеел, па не можам да пеам нешто што нив ќе ги омаловажи. Ми треба песна, што ќе ја почитувам, која мене ќе ме почитува, зад која ќе застане композиторот, па јас, а на крајот и публиката! Петпарачкото однесување, работење е несмислено! Не можам да најдам сатисфакција во пеењето некакви хитчиња што ќе донесат денар плус! Јас почитувам – музика!

  • Што е за Вас, музика?

– Претерувате. Тоа не може да се објасни со неколку реченици. Тоа е пред се, чувство. Можеби, највисокото човечко чувство! Музиката е нешто што е директно пресликано од вселената.

  • Тоа „чувство“ едно време го подзаборавивте, па отидовте во политика…

– Ништо јас не сум заборавил! И никаде не сум отишол. Мене ме повикаа. Не се наметнав. И не гледам ништо чудно што се најдов таму. Животот се состои од одлуки. Доаѓаат ситуации кога треба да се избере страна. Да се застане некаде. Меѓу некои редови, меѓу некои луѓе, кои ви се блиски во размислувањата, ставовите, стремежите… Јас само го сторив тоа што го мислев за потребно, што го чувствував.

Го направив својот избор уште кога се отселив од Ниш, а се отселив бидејќи во еден момент почувствував дека моето лично достоинство и достоинството на моето семејство беа доведени во прашање. Тоа го сторив и кога достоинството на мојата земја беше доведено во прашање. Тоа е класичен поглед на лојалноста кон нешто, што е твое! Пеев некои песни кои, ако не друго, барем натераа некого на патриотско размислување. Тоа беше мојата лична борба за ова што го имаме денес. Така што не беше нелогично тоа што се случи – да и пристапам на Демократската партија. А зошто токму таму? Затоа што тие луѓе беа најблиску до моите идеи за Македонија, за себе, за нас – граѓаните на оваа држава!

  • Не Ве привлекува власта?

– Јас бев само декор, но декор со цел! Благородна. Никогаш не ме интересирало владеењето! Власт да, но само, ако тоа значи придонес за опстанокот на Македонија!

Јас не сум политичар! Не сум способен за препреденост, толкава недоверба, лажење… Ја немам потребната прагматичност што ја бара политиката.

Инаку, се е борба за власт. И овој наш разговор е борба за власт…

  • Никогаш не сте излажале?

– Секако дека да, како и секој човек. За лажењето во политиката зборувам како за секојдневно, како начин на живот.

  • Што е со практичноста?

– Сум практичен, но сепак, повеќе емотивец. А во оваа беспарица, во која моментно се наоѓам, практичната страна се повеќе ми „проработува“. И, колку повеќе ми проработува, се поосамен сум. Едноставно, немам кому да се обратам.

  • Немате пријатели?

– Кога доаѓав во Скопје, моето семејство мислеше дека се ќе биде лесно, зашто јас сум Гоце Николовски. Не беше така. Не ми пријдоа. Јас бев сам! Се селевме постојано, немав стан, немав работа…

Имам неколкумина пријатели кои ми се тука, мислам, во Скопје. Меѓу колегите, тоа се еден, двајца…

Можеби тоа е последица бидејќи припаѓам на оние луѓе кои ги почитуваат своите ставови и не отстапуваат лесно одн нив, а тоа ја отежнува комуникацијата со другите.

Тоа има и добра страна: барем знаете со кого, на што сте.

Сепак, дел од „вината“ лежи и во мојот карактер. Во мене постои еден несклад за снаоѓање во просторот. Имам некоја срамежливост, што ме кочи во напредувањето.

 

  • Може ли со тоа да се објасни и таа тага, што просто „зрачи“ од Вас?

– Веројатно, еден дел. Како што веројатно, еден дел од таа тага е вродена. Само, кога бев помлад, тоа не се забележуваше толку. Како стареам, таа се зголемува. Јас сум сериозен човек, кој дадениот збор го сфаќа како животна обврска. Што значи, сите сериозни луѓе се тажни. Зашто, ретко кој се држи до ветеното!

Не сум песимист и не го сакам песимизмот, тој е многу деструктивен. Умеам да го одвојам позитивното од негативното. Сакам да гледам во иднината, не му робувам на минатото кое знае да растажи. Можеби повеќе во мене има меланхолија отколку тага, која пак е последица на работите што ми се случија последниве години.

Сепак, јас сум мошне среќен човек, бидејќи се остварија некои од моите најголеми желби и цели. Значи, јас сум некаков си, позитивно тажен човек.

  • Како оние „легендарни осамени јавачи низ пустината“…

– Добро е кога не рековте, на Дон Кихот!

Не знам на кого потсетувам! Знам дека тоа што го правев во својот живот – вредеше. Дека имаше смисол, дека не одев против себе, против своите чувства. Јас сум јас. Па бил и осамен јавач во некоја пустина. Што и не е така лошо…

  • Не е, но осамените први умираат…

– Да, ама барем знаат зошто!

 

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1995 година

 

 

 

 

 

 

                             

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *