Балетскиот уметник од Скопје, пред повеќе од пет децении ја напушти татковината и во меѓувреме изгради респектабилна интернационална кариера. Низ сите овие години на негови успеси, овде само малкумина знаеја за подемите на овој исклучителен креативец. Тој всушност, ја делеше судбината на својата вокација во родната земја. Скромен, како и самиот балет, никогаш не побарал аплауз од своите некогашни сограѓани, за светските достигнувања. Сепак, деновиве уметничкиот директор на Големиот канадски балет од Монтреал е во својот роден град за да прими конечно, многу важно признание…
Кога шеснаесетгодишниот Градимир Панков (1938 година), талентиран скопски пливач кого го „подготвувале“ за иден стоматолог, ќе го гледа перформансот “Шопенијана”, изведуван од страна на Американскиот балетски театар во Скопје, ќе остане вчудоневиден од данскиот балетан Eric Bruhn на сцената. Фасцинацијата од балетанот не била само затоа што станувало збор за извонреден танчар, туку тој бил и единствениот маж меѓу 22 прекрасни жени. Тогаш, младиот Панков си рекол себеси: “Мора да се најдам на негово место, опкружен од овие девојки”. Така и би. Во децениите што следат, тој не само што постојано ќе биде опкружен со балерини туку ќе го достигне и самиот врв на интернационалната, европска и северноамериканска балетска сцена.
Градимир Панков е еден од ретките македонски уметници од областа на танцот, кој направил блескава кариера на светско ниво, како танчер, но уште повеќе како педагог и уметнички директор. Тој во својата долгогодишна кариера бил уметнички директор на Нидерланд денс театар, Националниот балет на Финска, Кулберг балет од Шведска, Балет Женева од Швајцарија и на Големиот канадски балет од Монтреал, каде што се уште работи. Со својата работа во областа на танцот, оставил неизбришлива трага во развојот на танцовата уметност на светско ниво, при што, секогаш останал верен на своите корени, истакнувајќи го своето потекло и придонесувајќи за промоција на Македонија во светот. Токму затоа, следејќи ја традицијата започната во 2005 година, со желба оваа награда да ги опфати сите сегменти на танцовата уметност, со што ќе се потврди нејзината комплексност, Советот на ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ донесе едногласна одлука да му ја додели Наградата за врвни достигнувања во областа на танцот “МЕНАДА“ на Панков.
-Почестен сум што Фестивалот одлучи токму мене да ми ја додели оваа награда и што имам можност да допатувам во Македонија годинава. Од друга страна сум малку и разочаран што не успеав да ја презентирам мојата компанија на Фестивалот. Би бил мошне исполнет доколку имам можност да го сторам тоа во друга прилика – вели тој и емотивно додава дека доаѓањето во Скопје за да присуствува на Фестивалот му ги буди спомените на неговите рани години како млад танчер во Националниот театар на Македонија.
– Помислувам на сите мои колеги таму и присуството на сцена со неверојатни уметници кои постојано ги охрабруваа помладите генерации. И покрај фактот што сега имам американско и канадско државјанство, во моето срце сум се уште Македонец! Покрај посетата на Фестивалот, исто така сум среќен и за можноста да го посетам моето семејство и се надевам да видам некој од моите поранешни колеги! – Панков доаѓал во Македонија честопати, да ја посети мајка си и останатото семејство, а со сопругата многу време поминувале и во Охрид и околијата. Меѓутоа, тоа секогаш биле приватни посети… Сепак, тој во себе не носи горчина што татковината баш и не обрнувала внимание на неговите успеси надвор од неа:
– Никогаш не сум и бил лут на Македонија, но понекогаш во минатото сум бил изненаден затоа што се чинеше дека покажуваат многу мал интерес за мојата работа откако го напуштив Скопје! – Признава дека не му било ни малку лесно да си замине од родната земја, но како млад танчер полн со амбиции и желба за нови искуства, по многуте гостувања во странство, во 1967 година ќе замине за северно европските земји. Исто така признава и дека, ако останел тука никогаш немаше да ги открие можностите за напредок или да ја постигне оваа кареира која во моментот ја има.
-Сум бил танчер, педагог, кореограф и уметнички директор на крај. Сум уживал во секој аспект од мојата професија, моите години на настапување како танчер, а подоцна предавајќи на други танчари и креирајќи кореографии за нив. Во последно време сфатив дека сум најзадоволен кога поврзувам уметници од разни страни на светот да функционираат во хармонија при еден креативен процес, за бенефиција на компаниите кои сум ги водел – потенцира нашиот соговорник, кој им се восхитува на Наполеон и Александар Македонски заради нивната смелост да превземат ризици, духот да се соочат со предизвици и да ги победат противниците. И двајцата вели, биле големи стратези, квалитет кој секому е потребен за подем во било која професија. А неговиот „рецепт“ за успех е во постојаното следење на личната, основна уметничка филозофија: создавање на оригинален и единствен репертоар со покана на талентирани кореографи да креираат нови дела за неговата компанија, и ангажирање на група танчери кои се индивидуалци како луѓе и имаат силен карактер како изведувачи.
Со својот исклучителен талент и посветеност на танцот, во својата долга кариера, која ја започнал во Скопје, како член на Националниот балет, по завршување на своето образование во Средното балетско училиште кај професорите Мила Јовановиќ и Олга Милосавлева, Панков работел во најпрестижните европски и светски танцови компании, во кои, подоцна ја внел својата креативност како уметнички директор. Тој соработувал како педагог со најдобрите светски танцови компании од типот на Париската опера, Американ балет театар и многу други. Со својата работа во областа на танцот, оставил неизбришлива трага во развојот на танцовата уметност на светско ниво, при што, секогаш останал верен на своите корени, истакнувајќи го своето потекло и придонесувајќи за промоција на Македонија во светот.
-Мора да признаам дека најмногу научив од моите професори во Скопје, кои ми дадоа елементарни знаења што претставуваа основа за мојот понатамошен развој како уметник. Во секој случај, целокупниот прогрес во мојата кариера е процес на постојано учење, преку мојата работа, контактирањето со мноштво артисти и дури и преку грешките што сум ги направил и тешките времиња кои сум ги искусил.
Таа негова отвореност ќе доведе до се уште блиска соработка со уметници како Jiri Kylian, Mats Ek, Christopher Bruce и Ohad Naharin, но и помладата генерација на негови поранешни танчери кои сега се успешни кореографи, како Stijn Celis и Dids Veldman. Секоја компанија со која соработувал како Уметнички директор има постигнато високо уметничко ниво, но тој особено е горд на она што го достигнале во Les Grands Ballets Canadiens (“Големиот Канадаски Балет” од Монтреал).
-За создавањето на една одлична танцова компанија се потребни многу години. Треба да се избере најдобриот репертоар, најдобрите танчери, кореографи кои креираат нови дела за компанијата, дела кои се предизвик за танчерите. Од витална важност е исто така да се изгради заинтересирана и лојална публика, која е мотивирана да се враќа одново за да ги проследи нашите продукции – нагласува Панков, според кого за една врвна танцова компанија најважни се три работи: уметничката визија на Уметничкиот директор, развојот на разновиден и возбудлив репертоар и изборот на интелигентни и слободоумни танчери, кои имаат солидна техника во класичниот балет и се способни да се изразат со нивните тела во секаква кореографска насока – класична, нео-класична и современа. А како најважен атрибут за еден балетски уметник, покрај физичкиот талент и техника, истакнува дека тоа е искреноста во интерпретацијата.
– Емоцијата прикажана од танчерот не смее да биде клише. Кога ги обучувам моите танчери, сакам да видам дека изразот на движењата произлегува од душата и сакам да се сигурни дека точно знаат што прават во даден момент. Танчерот треба да е способен да комуницира со публиката дури и кога е свртен со грбот кон нив. Кај вистинскиот балетски уметник емоцијата во движењето е секогаш во согласност со неговото односно нејзиното физичко присуство.
На крајот на кусата средба со овој наш, а светски балетски мајстор тој изрази големо жалење дека со години не контактирал со Македонската опера и б и дека едвај чека да види некој нивни настап.
Добрата врска зависи од довербата!
Со својот исклучителен талент и посветеност на танцот, во својата долга кариера, која ја започнал во Скопје, како член на Националниот балет, по завршување на своето образование во Средното балетско училиште кај професорите Мила Јовановиќ и Олга Милосавлева, Панков работел во најпрестижните европски и светски танцови компании, во кои, подоцна ја внел својата креативност како уметнички директор. Тој соработувал како педагог со најдобрите светски танцови компании од типот на Париската опера, Американ балет театар и многу други. Со својата работа во областа на танцот, оставил неизбришлива трага во развојот на танцовата уметност на светско ниво, при што, секогаш останал верен на своите корени, истакнувајќи го своето потекло и придонесувајќи за промоција на Македонија во светот. Со неговото доаѓање во Канадскиот балет од Монтреал оваа компанија стана една од најуспешните во светот:
– На почетокот кога ја преземав компанијата, ја анализирав ситуацијата и оформив идеја за промените кои треба да бидат направени. Потоа, со тек на време, ги воспоставив овие промени. Важно е да се опкружите себеси со колеги за кои знаете дека се посветени на просперитет на компанијата и кои ја поддржуваат вашата визија. Го земам во предвид она што имаат да го кажат и мојата екипа и танчери. Ги слушам нивните идеи и мислења. На крајот, добрата врска зависи од имањето доверба и проценката на другиот.
Главни дома се мачките!
Градимир Панков ќе остане без татко кога бил уште мало дете, но бил многу близок со својата мајка се додека не починала во 2003 година. За време на војните и додека растел, го одгледувал дедо му, кој имал многу силно влијание во неговиот живот, како и неговите двајца чичковци и двете тетки. Во Скопје се уште има многу роднини со кои негува блиски односи. Со сопругата Маргрет Кауфманн заедно се 36 години, од кои 32 во официјален брак. Немаат сопствени деца, но велат дека ги имаат 35, колку што брои членови и нивната компанија. Инаку, во нивниот дом велат, главни се двете мачки кои ги чуваат.
Бранка Д. Најдовска
„Теа модерна“, 2012 година