Се е релативно, но мислам дека имам се што една просечна личност би требало да има. Работам, имам семејство, пријателки, кариера. Се грижам за другите, давам се од себе да ги усреќам тие околу мене. Мислам дека изгледам пристојно, така ми велат тие околу мене. Сепак, не сум среќна. Не се сакам себе си. Не сум задоволна од себе. Немам ниту време, ниту пари за психијатри, психолози, социолози. Ама сакам да слушнам едно така да речам, независно мислење, зошто е тоа така?
Жана, 34, Скопје
Жана дарлинг, зарем не си ги сакате рацете со кои ги прегрнувате блиските? Сигурно си го сакате (би требало) и својот ум, без разлика што ве заморува постојано со непотребни и тешки мисли, прашања и сомневања. Без него, таков каков што е, вие не би биле вие, туку некој друг. Секој ваш дел, секоја емоција, секој гест сте вие, единствен, уникатен скапоцен камен кој грее. Можеби не целиот свет, но многумина околу вас.
Свеста за личната вредност во секој од нас постои, но не секој се среќава со неа во исто време. Меѓутоа, таа кога – тогаш ќе излезе на виделина. Околностите најпресудни се за тоа. Можат да бидат брутални или крајно нежни, но човек во еден миг мора да си спомне за себе. (Знаете, тоа е онаа сцена, кога довчерашниот мирен, невротичен, молчалив или гласен сеедно, познаник, навидум за ништо, ќе избувне и ќе истреска некому се в лице. Па следи прашањето: „Што му стана?“ Епа, тоа му стана – си приспомни дека се сака себе си и дека му е доста од потценување и потиснување на својата вредност.)
Во себесакањето, фундаменталните критериуми се клучни. Секој има свои и треба да ги почитува. На пример, пријателите во мојот живот треба да бидат внимателни, сочуствителни, лојални. Сите кои не ги задоволуваат овие норми се аут од моето секојдневие. Доколку се такви пак, сосема ми е неважно дали се тоа богати луѓе, образовани или убави, пушат или пијат, но основните мои стандарди мора да бидат исполнети. Тоа е почитување на себе си. Тука нема компромиси. Не постојат исклучителни ситуации. Да се биде доследен значи да се почитуваш себе си и да истраеш во своите критериуми, дозволувајќи шареноликост и слобода, но не и да прифатиш нешто што е вон тие, базични, лични норми.
Многу ме нервираат оние изјави од типот „ја најдов сродната душа“, „тој/таа ме надополнува“, „не можам да живеам без тебе“.
Со тоа всушност, се вели дека ни е потребна патерица за да станеме цели. А кога таа личност ќе ја снема, што? Се преполовуваш, помалку вредиш? Можеби ваквите „сентенци“ звучат романтично, но се сосема неточни.
Експертите велат дека на патот на градењето самодоверба важни се неколку правила: да се запознаваш себеси без страв, да се негуваш без чувство на вина, да не се сфаќаш себеси премногу сериозно.
А можеме и малку да подзастанеме и уживаме во моментот, а не само да трчаме од обврска во обврска. И да се запрашаме: дали се однесуваме кон себе како кон најсакана личност? Дали се почитуваме колку и своите најблиски? Дали се грижиме за себе како и за најблиските? Ако постојано се даваме на другите, а себеси се забораваме, се празниме, стануваме уморни, фрустрирани и несреќни.
Разгалете си се понекогаш, кажете си убав збор, опуштете се.
Бара малку работа, но вреди…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)