Сутерен.мк

Дарко Јаневски: Воскреснатиот Исус прво и се јавил на Марија Магдалена

Нема никаква дилема дека суштината на христијанството е во воскреснувањето на Исус. Без тоа, христијанството не постои. Но, дали тоа започнува со Марија Магдалена, а не со Исусовите апостоли чие челно место го зазема Петар, карпата врз која Исус ја изградил својата црква? Тоа е прашање кое се чини намерно се поттурнува под тепих, зашто ако евангелијата се вистина, тогаш христијанството навистина започнува со Марија Магдалена, а не со некој од 12-те Исусови апостоли, бидејќи според три од четирите евангелија, Исус најпрво и се појавува токму на Марија.

Така, во Матеј (28, 8-10) се вели дека “Марија Магдалена и другата Марија излегоа брзо од гробот, тие со страв и голема радост отрчаа да им соопштат на учениците Негови“ (дека гробот е празен). “И кога одеа да им јават на Неговите ученици, Исус ги пресретна и рече: „Радувајте се!” А тие се приближија, ги опфатија нозете Негови и Му се поклонија. Тогаш Исус им кажа: „Не бојте се; одете и соопштете им на браќата Мои, да отидат во Галилеја, и таму ќе Ме видат.”

Значи според Матеј, Марија Магдалена и другите жени се први кои го гледаат воскреснатиот Исус и тие од него добиваат задача да ги известат Петар и другите апостоли и да им пренесат да заминат за Галилеја каде ќе се сретнат со Исус.

Во Евангелието по Марко (16, 9-10), се вели дека „Исус, кога воскресна во првиот ден од седмицата, ѝ се јави најнапред на Марија Магдалена, од која беше истерал седум демони. Таа отиде и им јави на оние, што беа со Него и што плачеа и ридаа“.

Практично, истата приказна како кај Матеј но во скратена верзија. Со оглед на тоа што Евангелието по Марко е прво напишано, работите би оделе по обратен редослед: прво се јавува кратката верзија на Марко, а дури потоа следи проширената приказна кај Матеј.

Во Евангелието по Јован (20, 11-18), Марија Магдалена е прикажана како во неделата наутро стои однадвор од гробот и плаче. Тогаш се симнуваат два ангели од небото и ја прашуваат зошто плаче, а таа им се пожалува: „Го кренале Господа мој и не знам каде Го положиле.”

Значи дотука, Марија се уште мисли дека некој го скрил телото на Исус. Тогаш Исус се појавува, а таа мисли дека е градинарот. “… Марија се заврти назад и Го виде Исуса како стои; но не знаеше оти е Исус.

Исус ѝ рече: „Жено, зошто плачеш? Кого го бараш?” Таа, мислејќи дека е градинарот, Му рече: „Господине, ако си Го зел Ти, кажи ми каде си Го положил, и јас ќе Го земам.”

Исус ѝ рече: „Марија!” Таа се заврти и Му рече: „Равуни” – што значи „Учителе!”
И рече Исус: „Не допирај се до Мене, оти уште не сум се вратил при Мојот Отец; туку отиди при браќата Мои и кажи им: се враќам при Својот Отец и вашиот Отец, при Својот Бог и при вашиот Бог.”
И дојде Марија Магдалена и им кажа на учениците, дека Го видела Господа и дека тоа ѝ рекол.“

Значи ова е трето евангелие во кое воскреснатиот Исус и се јавува најпрво на Марија Магдалена.

Единственo кај Лука приказната е поинаква. Жените, Марија Магдалена и Јоана, и Марија Јаковова и други со нив, доаѓаат на гробот, го наоѓаат празен и им го кажуваат тоа на апостолите. Тие не веруваат, но Петар оди до гробот и ја наоѓа само плаштеницата во која телото на Исус било завиткано, а телото го нема. Малку потоа, Исус им се јавува на двајца од поширокиот круг апостоли од кои едниот се вика Клеопа, води дијалог со нив, потоа дури и јаде со нив се додека тие не сфатат кој е непознатиот кој им се придружил, но тогаш тој е веќе невидлив.

Накратко, тоа се приказните за појавувањето на воскреснатиот Исус. Прво, прашање е кој е во право: Матеј, Марко и Јован или Лука? Не можеме да знаеме, но веројатноста е поголема дека Исус прво и се појавил на Марија Магдалена бидејќи тоа го тврдат дури тројца од евангелистите. Приказната на Лука изгледа помалку веројатна.

Ако тоа е така, ако Исус прво и се појавил на жена, тогаш од таа жена може да се смета како зачетник на христијанството. Зошто тогаш жените немаат еднаква улога како и мажите во црквата, ако токму со Марија Магдалена христијанството започнува? Зошто Исус и се јавил прво на неа?

Мала забуна внесува Павле во Првото послание до Коринтјаните, глава 15, каде вели дека Исус „најпрво му се појави на Кифа“ односно на Петар, а потоа на другите, не споменувајќи ја воопшто Марија. Но, Павле во животот не се сретнал со Марија Магдалена, а своите сознинија во голема мера ги црпи од двете средби со Петар: првата во 35 година во Ерусалим, кога со него и со братот на Исус, Јаков, поминува 15 дена разговарајќи за се што се случило за време на животот на Исус и вториот пат 14 години подоцна кога доаѓа во Ерусалим за да ги провери своите ставови, односно за да провери дали тоа што го проповеда соодветствува со ставовите на другите апостоли.

Така што, може да се претпостави дека сознанието дека Исус прво му се појавил на Петар го добил лично од него, па прашање е со кој степен на веројатност може тоа да се земе како вистинито, ако наспроти тоа тврдење се постават трите тврдења на Матеј, Марко и Јован и ако се има предвид дека Матеј и Јован, доколку се тие навистина автори на евангелијата, имале можност да бидат непосредни сведоци на случувањата и да бидат присутни тогаш кога Марија Магдалена дотрчала да има каже дека Исус и се појавил, а научниците сметаат дека извор на Марко за неговото Евангелие е самиот Петар.

Постои и уште еден аргумент во полза на Марија Магдалена. Имено, Католичката црква уште одамна сфаќајќи ја „опасноста“ од Марија ја сместува меѓу грешниците, а еден од нејзините папи ја прогласува и за проститутка, грев кој Ватикан го призна како грешка дури во 20. век. Тој однос кон Марија Магдалена сам по себе е доказ дека тројцата евангелисти биле во право и дека на челното место на Ватикан треба и може да биде и жена, ако ништо друго, барем да се поремети машката доминација. Можете да замислите жена за папа или во православието жена за челник на некоја од црквите? Тешко оди нели? Иако, нема причина за тоа!?

(Авторот е новинар.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *