Сутерен.мк

Диме Илиев: Во простото нема предизвик!

Иако, на театарската сцена е цели пет децении (првата претстава – едночинка, ја одиграл уште во прво одделение, во училиштето во Неготино, за да продолжи со актерството континуирано во гимназиските денови, како аматерска кариера, а по студиите на ФДУ во Скопје и веднаш се вработува во Драмски театар), со стотина одиграни улоги, покрај театарот и на телевизија, радиото и големото платно, Диме Илиев, се уште за македонската јавност е Петко од култниот „Исправи се Делфина“ на Александар Ѓурчинов.

Во осумдесеттите години на минатиот век, таа негова прва филмска улога му донесе изненадувачки голема слава, што го направи Илиев автентична македонска ѕвезда, по која воздивнуваа младите девојки, жените од кариера и пензионерките од цела поранешна Југославија, а тој си „обезбеди“ врвно место во историјата на македонската кинематографија.

Повеќе од три децении подоцна, пошироката публика повторно го „откри“ преку улогата на Игњат Перков во „Сенки“ на Милчо Манчевски. Во меѓувреме, на матичната сцена тој изгради ликови, кои останаа трајно меморирани од вљубениците во „театарските штици“. Особено успешна за него беше минатата година, кога ги одигра дуодрамата „Црна птица“ ( со партнерката Милијана Ленак, во режија на Бојан Трифуновски), во Градскиот театар по втор пат заигра на премиера на „Р“ од Јордан Плевнеш, а пред оваа нова година во „Ангели во Америка“ од Тони Кушнер, во режија на Џаред Џ. Стајн.

Македонскиот Ален Делон (како што го нарекувале своевремено белграѓанките) низ сите овие години, па и кога тие биле „најѕвездени“, се чини, не ја изгубил својата „нормалност“. Диме Илиев е истиот – и пред и после Петко, и пред и после Рој Кон, адвокатот – хомосексуалец што го глуми во последната претстава (улога што критиката високо ја оцени). Вели, никогаш не се чувствувал како ѕвезда освен, додека е на сцената, но, откако ќе заврши претставата, веќе – не.

  • Сепак, нели годи тоа што ете, еден сте од ретките македонски актери кого со децении го знаат, препознаваат и паметат?

– Сигурно дека е убава популарноста. На крајот, на краиштата за што работиме!? За таа слава, се разбира! Пари, ионака, нема од оваа професија. Годи секако иако, знае на моменти и да запречи… Меѓутоа, секој што се занимава со актерство, ја посакува неа.

Мене ми се случи сосема неочекувано, кога бев многу млад и секако, убаво е чувството и тогаш, а и сега, но никогаш не сум се „занел“. Напротив. Понекогаш и денес, кога се возам во автобус некоја жена ќе ме препознае и туку ќе рече „Леле, колку бевме вљубени во Петко!?“ Дури и мои колешки знаат да ми „признаат“ дека Петко им бил „голема љубов“ во нивните тинејџерски години. Велат, „се редевме во маало кај што живееше за да те видиме“.

Е сега, не било секогаш тоа најпријатно. Се сеќавам, еднаш кога бев во Куманово на гости, и кога буквално, како околу мајмун, цела зграда се собра за да ме види. Мислам, навистина се чувствував како некое „егзотично животно“ што дошло во градот!

  • Сега, од оваа временска дистанца, како ви изгледа „Исправи се Делфина“?

– Па, по малку наивно. Којзнае дали исто би ја одиграл улогата денес, но тогаш, тоа се бараше од мене, така се режираа филмовите, такво беше времето. Сигурно дека можело и подобро, но тој филм за тоа време постигна голем успех. До тогаш се снимаа филмови само за „Турците“ и „партизаните“. „Исправи се Делфина“ е првиот урбан филм кај нас. Мислам дека по комерцијалност го надмина и „Мис Стон“. Филмот совршено си ја заврши својата функција.

  • Нели е по малку неправедно, што после тој голем публицитет како Петко, требаше да поминат триесет години, за повторно да добиете голема улога на филм?

– Не, воопшто. Јас во меѓувреме, многу работев. Во мојот, Драмски театар, во театарите низ Македонија, на тв, на радио… Така што, не се чувствувам „обесправено“. Никако. Не сум од оние што мислат за себе дека постојано треба да бидат во центарот на вниманието, постојано главни. Работите, случувањата во животот и кариерата ги прифаќам како што ќе дојдат. Само се обидувам во секој случај, во секоја прилика, да дадам се од себе. Раат сум дека сум го дал својот максимум, а што ќе произлезе од тоа… Многупати не ни зависи од нас…

  • Сепак, се чини, како токму „Сенки“ да ве „извади“ повторно на „површина“? Како да имаше некое „затишје“ во вашата кариера?

– Не знам каков е впечатокот „од страна“, но јас практично, никогаш не сум отсуствувал од театарската сцена. Снимања немаше зашто, ништо и не се снима последниве години. Македонската телевизија своевремено снимаше по една тв драма неделно, а сега буквално, не се снима ништо. Не мислам дека Манчевски ме „извади“ во јавноста зашто јас си бев присутен, тука, во Драмски. Меѓутоа, да, таа улога е забележителна, како и самиот филм впрочем и сите што играа во него.

Инаку, сега, освен како водители, ретко кој актер работи на телевизија. Не снима никој ништо, па ни јас. Како и да е, ако и имало некакво, како што велите „затишје“, тоа се исто така, нормални појави во сечија кариера, живот…

  • Како е да се работи со Манчевски? Имате повторно улога во неговиот нов филм…?

– Да. Во „Како бебе“ играм еден полициски началник и многу ме радува што пак (ќе) работам со Милчо зашто, имав ептен позитивно искуство и одлично соработувавме. Не можам во никој поглед да се пожалам на него. Напротив!

  • Во последната претстава работевте со интернационална екипа, режисерот беше Американец. Какво ви е тоа искуство?

– Па, тоа беше секако, интересен режисерски пристап. Инаку, редовно се случува тоа, овде да доаѓаат странците со цел нас, да не научат нешто, а кога ќе видат дека имаме театарска традиција, добри занаетчии, врвни професионалци, шокирани се! Пристигнуваат со предрасуди за земјата, за степенот на образованието, со сомневање во талентираноста…

Кога ќе им кажеме кој се режирал во овој театар и какви режисери ние имаме, каде се тие пак, режирале, остануваат со подзината уста. Си заминуваат, јас мислам, со „добро научена лекција“. Вели, режисерот дека во Америка актерите не мислат, туку само зборуваат. Е, му велам јас, ние тука и мислиме малку. Имавме од време на време „директни контакти“.

  • Научивте ли нешто од странците?

– Не научив ништо особено освен, што се зачудив колку тие многу го ценат времето и не го губат непотребно. Се е точно пресметано, со кого, колку ќе се работи… Не се прават мангупи демек, јас сум режисер и сега ќе гњавам луѓе, колку да се знае кој е шеф. Иако, од друга страна пак, по цел ден не држеа во театарот, форсираа „присутност“ што лично сметам дека е тоатално непотребна и контрапродуктивна.

  • Во претставата играте хомосексуалец. Лесно ли беше „влегувањето во таква кожа“?

– Во „Ангели во Америка“ речиси сите сме „извртени“. Патем, мојот лик е вистински, а починал во 80 – тите години во САД. Бил адвокат, со големо влијание што досегало дури до Белата куќа, до Реган, лично, но бил болен од СИДА. Го замолил лекарот да му напише во извештајот дека има рак на црниот дроб, наместо вистинската дијагноза, затоа што не смеел да си дозволи да се дознае дека е хомосексуалец. Тој дури ни на смртната постела не сака да признае дека е таков, каков што е. (Секоја алузија на американското општество и ја препуштам на публиката.). Бидејќи тој својот вистински живот го негира, јас всушност, глумев хетеросексуалевц. Значи, немам никакви гестикулации, ниту пак, правам било какви назнаки, што ги сметаме за „типично“ хомосексуални.

Што се однесува до мојот личен став кон хомосексуалците можам да кажам само дека немам ништо против, а уште помалку, за – нив.

  • Кои улоги повеќе ги сакате: оние како Петко или вакви, коплицирани ликови?

– Не сум од оние актери, кои копнеат по некоја неостварена улога или пак, издвојуваат најдраги, најуспешни… Сум работел она што ми понудиле и секогаш сум давал се од себе. Сум бил чист во тој поглед кон себе си, зашто знам, дека сум го вложил максимумот, а на другите е да оценат, како е тоа сработено.

Додека бев помлад, како што впрочем, обично бива со сите актери, ми даваа улоги на љубовници и тој период верувајте, сакате да го заборавите. Тоа се главно, површни личности, без некој внатрешен живот во нив. Вистински провокација е кога ликот е тежок, конфликтен. Во простото, лесното, како и во животот, нема предизвик.

Што да правите со еден Спасе или Цвета од „Бегалка“? Тие се вљубени и – толку!? Меѓутоа, со Досе на пример, друга е „приказната“! Во принцип, ваква претстава, како последнава е многу тешка, затоа што е многу прецизна. Тоа се „опасни“ претстави. Сум играл во такви и не можете просто да се „ослободите“ од ликот. Гледам телевизија, а умот во претставата. Стрес е тоа. Опасни се. Ликот е прекрасен, го сакам, но тоа е опасно. Особено, кога работите во репертоарен театар. Не се излегува лесно од таков лик, за да влезете наредниот, во некој сосема поинаков. Сепак, тоа е реков, предизвикот! Таа вознемиреност, тој неспокој, што го нудат таквите ликови. Како и во животот, нели!?

  • Во популарната серија „ 1001 ноќ“ го позајмивате гласот на Гани. Колку има глума во тоа „читање“?

– Многу малку. Барем, кај мене. Патем, покрај Гани, „глумам“ уште неколку имиња. Мене ова ми е прв пат да надсихронизирам, не сум го правел тоа ниту во цртан филм. Инаку, не менувам ништо во мојот глас. Можеби само малку го развлекувам зашто, Гани е ете, таков, влечко…Се разбира дека се обидуваме ја доловиме ситуацијата, расположението, но некоја особена глума нема.

  • Ја гледате ли серијата?

– Само првите неколку епизоди, колку да видам до кај сме, што сме, а потоа не. Меѓутоа, забележувам дека е многу популарна и што е интересно, дури и кај мажите. Таксисти си купуваат телевизорчиња за да ја гледаат додека се на должност.

  • Долго време сте на сцената. Направете една споредба на актерскиот живот воопшто, сега и пред неколку децении?

– Па, вака: она што сум го учел за десет денови, сега го учам за дваесеттина. Ни физички, ни психички, не сме исти. Старееме. Тоа е прво, а како второ и наредно… Голема е разликата. Некогаш сите имавме пари. Сега, имаат малкумина. Пред дваесеттина години имаше дружба, знаевме сите кој што прави. Кој што буквално, јадел дента. Овде, во театаров, живеевме како едно семејство. Денес се е растрчано на сите страни, во брзање, нервозно.

Оваа бескрајна транзиција не оттуѓи, не направи студени, агресивни, лакоми, претенциозни. Порано, театрите беа преполни, имаше претстави за секчиј вкус – од лектирни, преку комедии, модерни, се до детски претстави. Да не ме разберете погрешно: не се жалам јас на ова време. Тоа е такво, какво што е. Само ме фаќа носталгија по тие години, кога некако, ни беше “потопло”. А и по тоа, што можев да скокам и трчам по сцената, колку што сакам.

Шегата настрана, јас сум особено задоволен и многу ми е мило што во последниве десеттина години често работам со млади луѓе, млади режисери. Ме викаат и на Академија и – одам! Тоа многу ми значи. Што им сум интересен токму на тие нови генерации! Со големо задоволство работам со нив.

Долго се лутев што ќерка ми стана актерка

Три години не и зборував на ќерка ми затоа што се запиша на Академијата за драмски уметности. Беше запишана на сосема друг факултет и без да ми каже отиде да полага приемен испит на ФДУ. Дури на дипломската претстава првпат ја гледав и и’ честитав.

Денес сметам дека е добро што сама се избори за тоа што го сакаше. Во неколку претстави и играме заедно: „Ладало“, „Сонот на летната ноќ“ и „Демонот од Дебар Маало“. Бев против нејзиното актерство затоа што, овој занает е преполн со стресови, неизвесност, а пари секако, нема . Не можеш да врзеш крај, со крај. Меѓутоа, ете, ја избра глумата, па, нека тера понатаму.

Сега сме тројца во семејството врзани за театарот: сопругата е суфлер, Ќерка ми и јас актери, а другите – двајцата синови, нека не хранат!

Бранка Д. Најдовска

„Теа модерна“, 2010 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *