„Самиот збор анархија не го сфаќам како безвластие, туку како губење потреба за власт. Но, тоа изгледа толку нестварно и утопистички. Во секој случај, како што рекол некој, тој збор, анархизам, им се допаѓа на идеалистите, на младите, па дури и на уметниците!“
• Кој е Димитрие Дурацовски?
– Ова не само што е прашање на кое е најтешко да се даде одговор, дури мислам дека е и невозможно да се одговори на тоа навидум толку едноставно прашање. Се разбира, кога велам дека е невозможно на него да се одговори, мислам на невозможноста за артикулирање на точна и прецизна дефиниција, не само на моето туку и на сечието „јас“ или поточно кажано „кој сум јас“? Можеби некој сега ќе помисли, што зборува сега овој, запрашан е кој е, нека каже. Но, јас знам дека вас не ве интересираат моите податоци од матичната книга. И самите знаете дека е невозможно точно да ви одговорам на вашето прашање, дури ни приближно. Славниот Густав Флобер извикнал „Мадам Бовари – тоа сум јас!“ Има многу примери и во литературата и во животот кои се обидувале да проникнат во тоа несфатливо прашање. Да не зборуваме за филозофијата. Мене ми е најблиска, можеби не и најточна, но во секој случај, најинтригантна синтагмата: „Јас – тоа е некој друг.“ На страниците на мојата најнова книга „Инсомниа“, но и во другите, се обидувам, макар малку да ја одгатнам тајната на тоа застрашувачко прашање. Толку многу напишани страници, а се изгледа попусто. Немам одговор на тоа прашање. Во книгата јас сум во многумина други. Го цитирав Борхес, неговиот текст за Шекспир во кој се вели дека „Тој се обидуваше да биде секој за да не се забележи дека е никој“. Да се биде секој за да се биде никој, ништо, тоа е ослободување од најстрашното нешто, што може да му се случи на човек, а тоа е она што се нарекува суета и гордост. Се обидувам во мојата работа и во моето однесување да бидам, колку што можам, доследен и консеквентен.
• Подолго време и сликате и пишувате, а сепак, за медиумите сте релативно непознат?!
– Со сликарството беше вака: имав неколку изложби и самостојни и колективни до 1987 година кога престанав да сликам. Значи, активно се занимавав со сликарство десет години, од мојата прва изложба во Суботица до последната, Биеналето на млади во Музејот на современа уметност во Скопје. Помислувам дека она што тогаш го работев беше анахроно, веројатно не беше во „тренд“. Тогаш беше во подем, во осумдесеттите години, таканаречениот неоекспресионизам, тогаш сите, или скоро сите сликаа како Мазев. Но тоа беше толку непрепознатливо, како сите тие слики да ги насликал еден автор. Подоцна работите се избистрија, некои тоа свое сликарство го доведоа до крајни консеквенци, некои се променија и се престроија, некои си останаа исти – како кој. Критичарот Владимир Величковски ме стави во неколку свои тематски изложби, Геометризмот во македонското сликарство и фантастиката во македонското сликарство. Но најинтересно беше огласувањето на мојот пријател, ликовниот критичар Златко Теодосиевски, кој по повод некоја изложба на која и јас учествував, напиша за мене како за „чудна и необична појава во македонското сликарство“. Тоа навистина ме воодушеви. Последното што го направив беше еден триптих на кои беа насликани Марсел Дишан односно неговата травестија. Роза Селави, потоа Казимир Малевич црн квадрат на бел квадрат и концептуалистот Херман Нич, распнат на крст. Првиот текст го напишав 1984 година, тоа беше расказот Мобиусовата лента, кој беше награден на конкурсот во „Нова Македонија“. Оттогаш, одвреме навреме ќе напишам по некој текст, напишав и две книги проза, „Тајна историја“ и „Црни пророци“ и сега оваа – „Инсомниа“. Веројатно постојат повеќе причини зошто сум, како што велите, „релативно непознат за медиумите“, но најважната и наједноставната е таа што јас навистина сакам да сум непознат.
• Ќе ја смени ли таа „слика“ „Рациновото признание“? Што ви значи наградата?
– Сакам да дообјаснам. Навистина најубаво се чувствувам кога не сум присутен и ве уверувам дека е така како што ви велам. Меѓутоа, наградата што мојата книга ја доби, „Рациновото признание“ е сепак, премногу значајно и јас морав да ги менувам моите навики, да не речам ставови и почувствував дека сепак треба да бидам присутен. Ја примив наградата, дадов неколку изјави за радио и телевизија и за весниците, и потоа се вратив дома, онаму каде што секој од нас, после завршената работа се враќа. Во прашање се оние Ворхоловски 15 минути слава кои му следуваат на секого, но и тие 15 минути ми се многу, моето траење и опстијување не е детерминирано со моето појавување во медиумите или во јавноста. Задоволен сум што ме има таму каде што треба, можеби е тоа далеку од очите на јавноста – во неколку релевантни антологии, и научни студии од областа на книжевноста. Тоа ми значи многу повеќе, отколку ова ненадејно појавување во таканаречената јавност. Сето тоа е само чад и магла која набргу ќе исчезне и пак, се ќе биде по старо.
• Оние кои ве познаваат велат дека сте многу строг и свој. Од друга страна, во „Инсомниа“, која несомнено е дневник, ќе напишете дека: „нема ништо поневистинито и понаместено од пишувањето дневник.“ Тогаш, што е вашата книга – литературна поза?
– Да, прашање е – поза или не? Но, не е поза и навистина е точна констатацијата дека сум строг кон себе и во ниеден момент не би си дозволил да напишам нешто зад кое не би застанал. За мојата строгост впрочем зборува и фактот што толку малку сум напишал. А за тоа дека „нема ништо поневистинито и понаместено од пишувањето дневник“ можеби и би можел да се согласам, но тоа не се мои зборови, тоа е цитат, мислам од Андре Жид или од Гомбрович, не се сеќавам. Тие така мислеле кога ги пишувале своите прочуени Дневници, но и покрај своите сомнежи сепак ги објавувале. Ги цитирав тие зборови во еден ироничен контекст, мислејќи притоа на себе си – навистина ако ги пишувате тие белешки, толку интимни само за себе, зошто тогаш ги објавувате? Но, верувам дека читателот не е ни најмалку наивен, тој веднаш ќе препознае што е конструкција или поза, а што е концепт или став на авторот. Околу тоа немам никакви дилеми, мислам дека секој искусен читател веднаш може да препознае дали е соочен со измама или станува збор за вистинска и автентична литература.
• Според вас: “Дневникот – таа, очигледно, сосема осамена книга – најчесто е пишуван од страв и мачнина од осаменоста“. Затоа ли пишувате, а не сликате или…?
– Мислам дека нешто околу сликарството објаснив, но не кажав дека покрај тоа што е макотрпна, сликарството е по малку и досадна работа. Пишувањето е пак, поврзано со читањето и јас, кога би ме прашале да си одберам професија, би сакал, ако има таква, да бидам читател на книги. Задоволството во читањето е немерливо, посебно кога в рака ќе ви падне некоја книга која целиот ќе ве обземе и во еден миг ќе си речете – баш би сакал јас да ја напишев оваа книга! „Инсомниа“ е условно еден дневник, без прецизно набележани датуми, има тука и други текстови, мали есеи и раскази кои не се строго одредени, но можат да се насетат, тие се претопуваат во дневникот и постануваат негов составен дел, измислените настани постануваат вистини, а некои вистински случки изгледаат како да се измислени. Навистина, дневникот е една „жалосно осамена книга“, а за да не биде така му додадов други текстови што сум ги напишал јас но и цитати од други автори. На крај сепак, сакал или не, морам да признам бидејќи е толку очевидно од самата книга, тој страв и мачнина постојат во огромни количини на секоја страница од книгата, но тоа е само одраз на она што не опкружува, нема ништо пострашно и помачно од стварноста. Книгата е само пресликана стварност.
• Ги споменувате и анархистите. Што е за вас анархизам и колку ви е близок тој?
– Тоа се анархистите од групата Бодер – Мајнхоф, таканаречената фракција на Црвената армија. Тоа е далечно минато, и тие се веќе минато, мртви се 24 години. Беа млади, беа убави, беа образовани: Урлике Мајнхоф новинарка, Распе социолог, Гудрун Енслин професорка. Незадоволни радикални моралисти кои завршија како анархотерористи. Бевме фасцинирани од она што се случуваше тие години. Се сеќавам на еден познат издавач од Италија, Фелтринели, и тој беше член ако не и идеолог на една таква група, мислам дека загина во една акција. Или јужноамериканските припадници на Сендеро Луминосо и ред други, потоа, фасцинантните руски анархисти. Не ми е блиска ниедна идеологија, но близок ми е нивниот став дека секоја власт е насилство над народот, тоа го има кај Булгаков, во „Мајсторот и Маргарита“. Самиот збор анархија не го сфаќам како безвластие, туку како губење потреба за власт. Но, тоа изгледа толку нестварно и утопистички. Во секој случај, како што рекол некој, тој збор, анархизам, им се допаѓа на идеалистите, на младите… Ништо повеќе од една младешка фасцинација која одвреме – навреме ќе се појави за да не потсети на нашето минато кое беше подобро, ако го споредиме со оваа сегашност која ни се случува.
- Читајќи ја „Инсомниа“, добив впечаток дека не ве фасцинираат жените – уметници?
– Доказ дека ме восхитуваат и жените творци е мојот текст во книгата за неверојатната македонска астрофизичарка Маргарита Каровска од Харвард Смитсонијан универзитетот, моја некогашна соученичка која постигнува фасцинантни успеси во астрофизиката, а за која, освен едно интервју со неа во неделникот „Старт“. Никој до сега ништо не напишал. Просто е неверојатно, наместо сите весници на насловните страници да пишуваат за неа и за нејзините откритија и да се гордееме со она што сме му го дале на светот, бидејќи таа навистина е наш најуспешен научник, ние се занимаваме со тривијалности и ги полниме страниците на нашите весници со глупости. Со восхит зборувам за д –р Каровска, пишував за неа и во книгата, се разбира на еден поинаков начин.
• Може ли уметност да се создава при добар, спокоен сон или таа се раѓа само од немир и несоница?
– Мислам дека може. Многумина создаваат дење, кога се наспани, посебно сликарите на кои им е неопходна дневната светлина. Но, вистинските мигови за создавање се во доцните ноќни часови, кога се околу замира и кога се слуша во тишината која не опкружува „како дишат ѕидовите“. Тогаш кога сме соочени со самите себе си, мислам дека сме и најискрени.
Бранка Н. Доневска
„Вечер“, 2001 година