Немам намера да се расправам зошто, кога и како се случуваат промени на имиња од „Св. Трипун/Трифун“ во „Св. Валентајн/Валентин/Валентино или од Ден на лозарите во Ден на вљубените, но секако имам мерак да ве изнервирам со еден кус осврт кон лажгата – тропалка наречена љубов.
Со векови се воспева, се мистифицира една никогаш сериозно причински објаснета човекова навика да прави постојано будала од себе т.е. да се вљубува.
Секако дека е бесмислено да се елаборира во што се се претвораш додека си во љубовен занес, побитно е она што преостанува од тебе – потоа.
А потоа е: не можеш ни да си приспомниш на неговото име, а не пак, поради што и си се вљубил во дотичната персона!? Жив ужас те фаќа кога ќе се сетиш што се си правел и (уште полошо) мислел за време на љубовниот афект. А, за кого?!
Набргу, по одредено време на тагување, почнува се отпочеток… Истата приказна… Оток.
Љубовта е фикција.
Меѓутоа, љубовта е и еден чин на вистинска слобода. (Ја имаш целата слобода и поддршка од овоземниот свет, кога сакаш и колку сакаш, да направиш од себе апсолутен морон.)
Љубовта е големата човекова несреќа.
Секое вљубување е ветување дека конечно, ќе ни се случи една безусловна љубов. Ветување дека е можна вечната среќа, мирот, припаѓањето без прашања.
Секој со навршени 16 години би требало да знае дека ова е невозможно. Не постои човек, кој сака некого повеќе од себе си…. (Освен, одредени жени, кај кои мајчинскиот инстинкт е примарно развиен. Добро, и оние што си ги сакаат повеќе трофејните мажи од сопствените деца.)
Сепак, колку и да го преферирам „Св, Трифун“, морам да признаам дека имам апсолутен пад на имунолошкиот систем кон она што го претставува новововедениот Валентиново.
Како и да е, и двете нивни алхемии не би биле толку страшни, кога „ден потоа“, не ни бе болело толку глава.
Ама така пак, не би ни било ни интересно…
Б. Д. Најдовска