Сутерен.мк

За вработените во Ферари бонус од 13 500 евра

Италијанскиот производител на спортско-луксузни возила Ферари минатата година оствари нето добивка од 939 милиони евра, што е за 12,7 отсто повеќе од претходната година и највисока досега. И вработените ќе добијат дел од заработката која ќе биде околу 13 500 евра. Тоа е еднакво на 27 просечни македонски плати.

Вработените во Ферари имаат високи плати, а околу 5 500 работници ќе добијат и бонуси. Висината на бонусот ќе биде за 12,5 отсто поголема во однос на претходната година.

Ферари продаде 13 221 автомобил во текот на 2022 година, што е сериозен скок од 18,5 проценти во споредба со 2021 година. Што се однесува до годината што започна, веќе има потенцијал да го собори и овој рекорд, бидејќи ќе започнат испораките на долгоочекуваниот модел Purosangue во вториот квартал.

Според првиот човек на Ферари побарувачката за Purosangue е исклучително висока, над сите очекувања, па поради тоа дури и нарачките се затворени бидејќи веќе има двегодишна листа на чекање.

Компанијата се уште останува во тајност за моделите кои ќе бидат пуштени во продажба во наредните месеци, а еден од нив би можел да биде кабриолет базиран на Рома. Во развој е нов В12 суперавтомобил поставен напред, но не е јасно дали наследникот на 812 ќе дебитира оваа година.

Гледајќи подалеку во иднината, Ферари е на пат да го претстави својот прв целосно електричен автомобил во 2025 година. Новиот хиперавтомобил што ќе го наследи ЛаФерари ќе дебитира во следните три години, а до 2026 година ќе бидат претставени околу 15 нови модели.

Приходите од продажба лани достигнаа 5,09 милијарди евра или 19,3 отсто повеќе од претходната година. До 2026 година се очекува сумата да се зголеми на 6,7 милијарди евра, за што ќе придонесат 15-те нови модели кои Ферари има намера да ги претстави дотогаш.

Ферари заработува не само со продажба на автомобили, туку и со продавање на своите мотори на производители на други брендови, како што е Масерати, и со маркетинг на брендот, на пример за производи со нивното лого.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *