Повеќето од денешните мажјаци пораснале во семејства каде што мајките и сестрите буквално биле измеќарки и секако, ним им е сосема нормално и нивната сопруга да се однесува исто. Очекуваат откако жената ќе ја одигра улогата на маж, да ја одигра и онаа на жена, а дали таа ќе има волја, сила, а богами и здравје?! И око не му трепнува дека за неколку години ќе ја потроши буквално, личноста која би требало да му потрае за цел живот
Медиумската слика за жената е крајно лудачка: во исто време идеална мајка, сопруга и работник. Покрај тоа, постојано се усовршува, организира хуманитарни настани, се храни на здрав начин, вежба и изгледа како топ модел. Недостасува уште информацијата дека воспоставила контакт со вонземјани.
Иако жените веќе се на одговорни раководни позиции во многу компании, општествениот традиционализам се уште не им го признава деловниот успех, ако и понатаму одгледувањето деца и грижата за семејството не им е на прво место. Како намерно да се заборава дека семејството може да биде светост само, ако секоја личност во него е светост.
Уморна од ваквите размислувања, кои отсабајлечки ме запоседнаа, седнувам пред телевизорот да го изгледам 16 – тото продолжение од најуспешната македонска сапунска серија со работен наслов „рекет“. Кога, на екранот ми се појавува една крофна, самонабедена атомска женска персона, која покрај тоа што изгледала три (и со бројки, 3 ) деца, извршува одговорна функција во успешна фирма значи, добро заработува, куќата и е чиста што можеш од подот да и јадеш омлет, има невидено релаксирани односи со сватовите до шесто колено и комшиите дури и од соседниот влез, сопруг кој е пресреќен покрај неа и само заради неа, градина во која преку целата година цветаат кокичиња и зумбули, кујна каде што се печат (рачно сукани, од именуваната, се разбира) пити и гурабии, изгледа како на козметичкиот салон да му е единствена муштерика и, ииии, сето тоа го постигнува сама, во денот кој има само, 24 часа?!
Демек, се е до „добрата организација“, па продолжува: „преморена сум, ама задоволна“. Таа е жртва невидена, ама ич не и е криво. На млазен погон божем функционира. И ниедна од ваквите нема образ да признае дека зад „совршената организација“ т.е. тајните магични мудрости стојат обично баби, дадилки, чистачки… Да не речам – пари. Многу пари.
Таман го исклучив електронскиот агитпроп, заѕвони телефонот. Целата во паника пријателката ми соопштува дека една од нашите другачки се разведува. Наведена причина: таа терала кариера, па на сметка на тоа го запоставила мажот, децата, куќата… Вистинската причина: си нашол друга, помлада за две децении. Десет години нашата „сопартијка“ куќеше куќа и создаваше семејство и во тоа име и напредуваше во кариерата и нормално, му остави доволно време на паразитот да си најде понов модел од неа. И сега таа ќе го напушта рингот и ќе и остави на идната, стокмено се. Која не ни мора да раѓа, ако нејќе. А уште кога се мажеше за трутов и велев дека гледајќи го татко му, не ми изгледа семката добра за основање на идна здрава заедница. А и кога го чув, уште не беше ни официјален младоженец, дека имало “женски и машки“ работи и дека тој би и помагал на сопругата во „женските“ само кога би се работело за болест инаку, не би изигрувал папучар, веднаш ми беше јасно дека под негова сенка трева не никнува. Ќе помагал, ако е болна?! Па секој ќе се разболи од толку р’мбање.
Тоа се тие наши егземплари. По бракот тој и понатаму треба да живее како ерген, а таа да оди на работа, да пегла, готви, чисти, пазари, плаќа сметки и згора на се, навечер да биде насмеана и заводлива. Уште подобро, ако го земе и дајрето и пред легнување му изигра и еден чочек на маса.
Во вечната борба на половите за да победат и покажат кој вистински ја контролира ситуацијата жените често го користат сексот како алатка – како казна, како награда, како уцена… (Кога ќе заборават на овој трик, а обично тоа им се случува на мажените и преморените, ја губат и војната.) Во замена за него секогаш бараат нешто. Обично, приказната се врти околу љубовта, љубовта се отсликува во вниманието, а вниманието честопати е материјализирано… Зошто е тоа така? Затоа што жените низ вековите постоење научиле многу добро дека мажите од нив бараат секс. Не само секс, но секогаш – секс. Но, бидејќи на жените не им е доволен само сексот, а мажите го сакаат како луто пиперче за време на ручек, или десерт после него, почнува таа манипулативна игра. Суштината на проблемот е што жените отсекогаш биле подредени и не ни имаат подобар избор на оружје во борбата за опстанок.
Многумина мажи се жалат дека сопругите постојано вагаат што се сториле во текот на денот за нив. Па секако дека ќе мерат кога не се покажува ни трошка благодарност за истото, а и тие, како и скапоцените сопрузи биле осум часа на работа, ако не и повеќе. Никоја не бара медали, сакаме само малку респект.
Не дека не сме и самите виновни. Еманципација не значи да треба да станам како мажите, туку да се почитуваат моите, женски вредности, колку и машките. Проблемот е што феминистките повеќе се бореа за политички коректен говор отколку за секојдневните олеснувања во праксата. Тие се бореа по машки и капиталистички принципи и полека почнуваа да личат на мажите наместо да изградат структура на моќ што ни одговара нам.
И, се додека жените од мажите бараат заштита и сигурност, мажите ќе бараат привилегии. Зошто жените и покрај економската самостојност бараат од мажите сигурност и заштита тешко е да се разбере, ако не се вклучи односот кон одговорноста. Слободата и рамноправноста подразбираат одговорност, како за себе, така и за другиот, а тоа жените баш и не се расположени секогаш да го прифатат зашто со векови во семејството тоа било улогата на мажот. Повеќето од нас сакаат да бидат рамноправни, но одговорноста од последиците да ја сноси партнерот. Па дури и за женското однесување и потреби. (Е, сега, колку се нашиве „глави на семејството“ одговорни е друга тема за муабет.)
Можеби пак, погоре споменатите „супер женки“ се случуваат затоа што „пазарната вредност“ на личноста е страшно опадната!? Сите станавме лесно заменливи.
Плус, денешново време пропагира „самореализација“ и тоа доведе до огромна егоманија која ги опседнува луѓето. Токму затоа изгледа, бракот во традиционалното сфаќање нема иднина и, ако сака да опстане како институција тој ќе треба да се менува, да стане поеластичен во својата форма.
Спас од овие мои „луциди интервали“ ми носи скапоцениот ми сопруг кој театрално ми соопштува дека сака да ме изведе на вечера. Отидовме во ресторан во кој чиниите се потешки од храната. Пред крајот на дружбата ми дава подарок – мојот омилен ( и прескап парфем) и ми соопштува дека доколку немам ништо против, тој идната недела би заминал на скијање со другарите во соседната држава. Секако дека немам против. Секако дека се согласувам со нашите заеднички пријатели дека имам предобар маж. Кој не би бил добар да му слугуваш по цел ден, а за возврат еднаш во годината да те почасти со шишенце мирис кое баш и не ти е неопходно?! Токму тогаш, кога ќе оди на луфтирање на планина, за да те остави тебе дома, на раат да го варосаш станот.
“… Еманципација не значи да треба да станам како мажите, туку да се почитуваат моите, женски вредности, колку и машките…” Силна мисла… севкупно силен текст… браво.
Odlicno Kazan, sekoja cest Brance
WOW!