„Македоника литера“ неодамна ги публикуваше „Клучните концепти во кинеската традиционална медицина“ во два тома од авторите Ли Џаогуо, Ву Ќинг и Синг Јуруи.
Двата тома даваат сеопфатен преглед на терминологијата во кинеската традиционална медицина. Дефинирани се и објаснети најзначајните концепти во кинеската традиционална медицина. Основните термини се однесуваат на мислата и културата на кинеската традиционална медицина, главно поврзана со есенцијата, ќи, теоријата на јин и јанг, петте елементи, висцералното манифестирање, меридијаните, етиологијата, патогенезата и терапевтските принципи и методи.
Денес кинеската традиционална медицина е најсеопфатниот и најшироко користениот традиционален медицински систем во светот, со најдолга историја, најширока култура, најпрепознатливи ефекти и најбрз развој.
Кинеска традиционална медицина, е класичен медицински систем со кинески карактеристики кои се непосредно интегрирани со астрономијата, географијата и хуманистичките науки. Според традиционалната кинеска култура, класична филозофија и хуманистичка мисла, кинеската традиционална медицина, во комбинација со различните филозофски школи и нивните претставници во периодот од времето пред династијата Ќин, па сè до првите години од династијата Хан, како и теориите и практиките на природните и општествените науки, го сочинува уникатниот теоретски систем, начин на мислење, како и методите на дијагноза и третман.
Како што пишува во предговорот, кинеската традиционална медицина многу ја почитува хармоничната коегзистенција на човекот и природата. Го истакнува трајното културно наследство, се залага за хармоничен развој меѓу човекот и општеството и отвора широки перспективи за развој на локалната медицина, за културна дисеминација и за напредок на човековата цивилизација. „Кинеската традиционална медицина во Кина е репрезентативна одлика на кинеската цивилизација“, која „предизвикува позитивно влијание на напредокот на човечката цивилизација“, „претставува комбинација од природни и хуманистички науки“ и „ги опфаќа длабоките филозофски идеи на кинескиот народ.“
Кинеската традиционална медицина е сеопфатен и широко користен традиционален медицински систем во светот, со долга историја. Се карактеризира со длабока култура, препознатливи ефекти и брз развој. Уште во периодот пред династијата Ќин, кинеската традиционална медицина постeпено била воведувана во соседните региони, како што е Корејскиот Полуостров. За време на династиите Хан и Танг, била однесена во Јапонија и во југоисточна Азија. По 18 век, таа била воведена во Европа, а во средината на 19 век била нашироко распространета. По 70-тите години на 20 век, кинеската традиционална медицина брзо се прошири низ целиот свет, заедно со успехот на акупунктурната анестезија, давајќи значителен придонес во развојот на светската медицина и ширењето на кинеската култура. Благодарение на својата напредна теорија, длабоките културни темели, природната терапија и неверојатната ефикасност, кинеската традиционална медицина опстанала долг период и сè уште има примена во светот.
Четирите класични дела на кинеската традиционална медицина – Внатрешниот медицински канон на Жолтиот Император, Канонот за тешки прашања, Канонот на богот на земјоделството за лековитите материи, и Трактатот за настинка и разни болести – го претставуваат јадрото на теоријата и методите на кинеската традиционална медицина, но и ја содржат суштината на мислата и на духот на кинеската култура, меѓу кои Внатрешниот медицински канон на Жолтиот Император е најмаркантен пример. Таа го вклучува речиси секој аспект на природните науки, општествените науки, како и јазикот и културата на древна Кина.
Во времето на династиите Хан и Танг, будистите од Сију (западните региони) патувале сè до централна Кина за да го промовираат будизмот, додека во времето на династиите Минг и Ќинг, западните мисионери патувале до Кина за да го шират христијанството. И за едните и за другите, медицината била важно средство за придобивање јавна поддршка. Како интегрален дел од традиционалната кинеска култура, кинеската традиционална медицина не само што игра важна улога во придобивањето странска поддршка за стимулирање на глобализирањето на кинеската култура, туку и служи како мост за директно распространување и промовирање на традиционалната кинеска култура.
Една карактеристика на кинескиот медицински третман на пациентите со ковид-19 е комбинирањето на традиционалната кинеска медицина и западната медицина. Западната медицина е ефикасна кога ја дознава причината за болеста, додека традиционалната кинеска медицина има поинаков пристап, односно прифаќа терапија базирана на „испитување на симптомите“ на човечките тела. Кога симптомите се исти, терапијата е иста. Ова е причината зошто традиционалната кинеска медицина ги следи принципите на „третман на различни болести со иста терапија“ и „лекување на иста болест со различни терапии“.
Првиот том содржи 111, а вториот том 110 најважни концепти во традиционалната кинеска медицина и култура.
Преводот од англиски јазик е на Бојана Богдановска и Славчо Пеев.