Сутерен.мк

Зошто го славиме Денот на трудот?

Меѓународниот празник на трудот се одбележува во знак на сеќавање на 1 мај 1886 година, кога во Чикаго, САД, повеќе десетици илјади работници излегле на улиците, барајќи подобри услови за работа и доследна примена на осумчасовното работно време.

Тој ден во Чикаго околу 40.000 американски работници стапиле во генерален штрајк, под паролата „три осумки“ – по осум часа работа, одмор и слободно време.

Протестот, на кој е одговорено со репресија, поради бруталната реакција на власта и работодавачите, а потоа и со низа жртви, стана еден вид симбол на борбата за права на обесправените.

Протестите започнаа на 1 мај, а до сериозни судири со полицијата дошло на 4 и 5 мај, кои се прошириле и надвор од Чикаго.

Полицијата се обидела да ги разбие собирите, што завршило со жестоки насилства и многу жртви, како меѓу демонстрантите така и меѓу полицијата. Во судирите во Чикаго загинале најмалку шест лица, околу 50 работници се повредени, а многумина се уапсени. Подоцна петмина работнички лидери се осудени на смрт, а тројца на затворска казна.

Во знак на сеќавање на големата манифестација на обесправените и нивната одлучна борба, на Првиот конгрес на Втората интернационала во 1889 година е донесена одлука 1 Мај да се одбележува со масовни собири, протести и пригодни манифестации. На Вториот конгрес во 1891 година, 1 Мај и официјално е прогласен за Меѓународен празник на трудот.

Постепено, во текот на последните години од 19 век и на почетокот на 20 век, 1 Мај е сè помасовно прифатен и одбележуван, многу често и со големи протести. Во повеќето земји од светот овој ден е прогласен за државен празник.

Необичен е фактот дека само во САД, каде што всушност и сè започнало, празникот на трудот веќе не се одбележува на овој датум, туку под името Ден на трудот се празнува првиот понеделник во септември.

Работничките синдикати се следбеници на оваа иницијатива. До денешен ден, како во целиот свет така и кај нас, Први мај се одбележува во спомен на чикашките работници, на оние кои своите животи ги дадоа за зачувување и унапредување на работничките права. Синдикалното движење во Македонија има длабоки корени и традиција. Првите синдикални зачетоци датираат од 1908 година, кога е формиран првиот легален Синдикат на чевларските работници.
Сè до 2006 година во нашата земја Денот на трудот се празнуваше два дена (1 и 2 мај), а од 2007 година се празнува само еден ден.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *