Ќе беше здодевно ако Швеѓани ни беа соседи. Во Македонија од мали деца не можеш да спиеш, а од големи – немаш каде!
Зошто е добро да се биде Македонец? Затоа што само овде е најслатка туѓата манџа. Македонецот е ретка ѕверка која има слободна виза за Куба и за Тунгузија. Убаво е да си Македонец затоа што македонските жени даваат најбогата задушница. Фрлаш ѓубре од десетти кат и потоа ѕиркаш дали си погодил и дали некој те забележал. Никогаш нема да имаме шоу од типот на “Биг брадер”, затоа што не можеш на оваа територија да пронајдеш десетмина што не се познаваат. Од Велестово фрлаш поглед на езерото и и’ вртиш грб на Грција. Затоа што курназите не и’ припаѓаат на нашата земја, а ги трпиме. Само овде може да ти се случи соседите од цело маало да ти дојдат во осум часот наутро на кафе и да ти се чудат што уште спиеш! Идејата за свет без граници произлегла од Македонец.
Повеќето европски, но и балкански земји, последниве месеци организираа анкети, па дури и натпревари под мотото “Зрелите народи знаат да се шегуваат на своја сметка”, бирајќи најдуховити одговори на прашањето “Десет причини зошто е добро да се биде жител на одредена држава”. Редакцијата на “Глобус” малку го модифицираше овој тренд, па наместо меѓу анонимните граѓани на нашава земја, се обидовме прашалникот да го реализираме со јавните личности, верувајќи дека, ако луѓето од јавниот живот имаат време да одговараат во медиумите, на пример, каде ќе ја прослават Нова година, со задоволство ќе ја прифатат и оваа покана, со што ќе можат да ја покажат својата лична зрелост, а со тоа и зрелоста на нацијата.
Колку и да се ограничувачки новинарските анкети, сепак, тие даваат една приближна слика за тоа до каде се дојдени работите, а, според оваа наша последна за оваа година, изгледа дека баш и не се помрднуваат од местото, со оглед на тоа колку мал број од повиканите претставници на она што значи јавен живот прифатија да одговорат на провокацијата “Зошто е добро да се биде Македонец”. Во одбивањето да се дадат причините, без разлика на тоа дали тие ќе бидат самокритични или глорифицирачки, веројатно, се криеше “стравот” да не се испадне здодевен или патетичен, но како и да е, на крајот тоа само потврдува дека се’ уште сме премногу оптоварени со она со што модерниот свет веќе може релаксирано да иронизира.
Соговорници
Дека, сепак, ситуацијата е “безизлезна, но не и безнадежна”, докажуваат овие неколкумина соговорници кои успеаја да излезат од вкочанетата македонска малодушност и без афектирање, толку својствено за нас, да ги изнесат своите погледи самоиронично, на моменти и патриотски, но без патетика, би се рекло. Па така, пратеникот во Собранието на Република Македонија, Оливер Шамбевски, рече, на пример, дека е добро да се биде Македонец зашто постојат Кочани и Берово (од каде што ти е жената, оттаму ти е и родот, нели!?). Оти, вели, не можат да се добројат племињата што “претендираат” на ова парче земја. Од Словените, Илирите, Сасите, Куманите и… колку ли ги има!? Шамбевски не пропушта да ги спомене питите на тетка Кумрија, ама и патлиџанот, ајварот, пастрмалијата (пак, вмешала прсти сопругата), но, исто така, вели и дека “е убаво да си Македонец поради љубовта што ја чувствуваш во воздухот и поради луѓето што ги гледаш на улица, поради сонцето и топлината, поради снеговите што ги паметам, поради ВМРО-ДПМНЕ и поради Ѓорче Петров, ех…!”
Новинарот Гоце Ристовски е горд на државата на која и’ припаѓа, зашто светот го разбираме како културен натпревар меѓу народите и му “контрира” на потписникот на овие редови, цитирајќи го Крсте Петков Мисирков: “Македонците не можат повеќе да гледаат на себе и на својот народ како на недорастен народ без политички опит и дека е добро да се припаѓа на нација која уште во времето на Мисирков е оценето дека го поминала своето историско развивање на важни стадиуми што можат да претставуваат епоха во историјата на кој и да е народ”.
Славе Ѓорѓо Димоски смета дека ние сме добро информиран народ: “Некој, замислете, верува дека во Македонија има милион и триста илјада Бугари!” Потоа, смета поетот, Македонецот не ни сака да е припадник на друга нација за инает на оние што не го признаваат во секој поглед. Или дека, само овде, сиот живот можеш да го поминеш со мислата: “Утре му е мајката!”
Политиката како секојдневно наше оптоварување, спомената е во контекст на тоа дека какво зло и да си сторил, а пред се’, политичко, се однесуваш во стилот “ни лук јал ни лук мирисал”. Во оваа полусериозна атмосфера местото си го наоѓа и сликарката Жанета Вангели, велејќи дека се’ што е создадено на овој простор е природно и артифициелно.
Бубо Каров од “К-15” нагласува дека супер ни е со вакви темпераментни комшии: “Замислете колку ќе ни беше здодевно да ни беа соседи Шведска и Норвешка!?” Популарниот забавувач вели дека “Македонците се народ со неограничен праг на толеранција”. Како инаку, прашува Каров, би опстанал во денешни услови!? И, додава на крајот, убавина е неопишлива што во Република Македонија најлесно се бројат туѓите пари.
Џабир Дерала од невладината организација “Цивил” вели дека добро е да се биде Македонец, од едноставна причина што мајка му го научила така! Додава дека убава е играта на мистериозност што ја играме сите меѓу себе, а сите прекрасно се препознаваме и идентификуваме и плус, редовно, не’ открива заедничкото паметење! Не пропушта да ги спомене музиката, зачините, соседите…. какви и да се тие – уникатни се во комшиското однесување! – тврди Дерала.
Поетот Радован Павловски е убеден дека само во Македонија може да се одржи код како него! Дека само на овој простор може да постои име како што е Железна Река или, пак, дека е важно да се биде Македонец, зашто колку што ти е тебе подобро толку на сите други околу тебе им е полошо!
Актерот Петар Арсовски вели дека каде другде во светот сета нервоза од дома можеш да си ја изнесеш пред сообраќаец и да не трпиш никакви последици!? Арсовски ја надополнува својата листа на “предностите од македонштината” и со тоа што вели: “Само кај нас има шетачки диска: со автомобил се возиш низ градски парк, покажувајќи ја колата, но и арсеналот цедеа што го поседуваш”. Притоа, додава, нормална појава се градски фаци кои за се’ имаат ‘опинион’ во медиумите, а се само газди на – кафуле!? “Тоа ветува неограничени можности!” – потенцира познатиот актер.
Дополнение
Толку од нашето “истражување на теренот”, но Редакцијата, секако, дава и свој мал придонес кон историското “не” на премногу сериозното сфаќање на себеси, па така, ги издвојуваме неколкуте коментари што проструија додека течеше анкетата. Колегите, “ризикувајќи” критиката на сопствената нација да им биде сфатена како предавство, рекоа дека само во Македонија може да го запетлаш шлицот од панталоните надвор од тоалетот и тоа никому да не му е чудно. Дека како Македонец најбрзо се станува бугарски државјанин, дури побрзо и од Бугарите. Македонија, впрочем, е најдобар доказ за историскиот пораз на Александар Македонски! Како и дека убаво е да си Македонец затоа што македонските жени даваат најбогата задушница.
Дека никогаш нема да имаме шоу од типот на “Биг брадер” затоа што не можеш на оваа територија да пронајдеш десетмина што не се познаваат. Или, на пример, дека во Македонија од мали деца не можеш да спиеш, а од големи – немаш каде! Како и она дека додека не почнеме да се заебаваме на сопствена сметка, од Македонче не станува Македонец!
На крајот, или можеби требаше во почетокот, да ги споменеме оние што “први почнаа”, како што се Словенците кои населбата од 25.000 жители можат да ја нарекуваат велеград или имаат одлична шанса за зафркавање на Хрватите со недавање глас за нивни прием во Европската унија. Англичаните велат дека е добро да се биде припадник на Велика Британија, зашто добиле две светски војни и едно фудбалско првенство, а Германците затоа што не мораат да се мачат околу учењето на германскиот јазик како странски.
Србите велат дека се “посебен” народ затоа што можат на изборите да бираат помеѓу неколку воени злосторници или дека одвреме-навреме можат да патуваат во Хаг на туѓа сметка. Хрватите можат да се преправаат дека зборуваат јазик тотално поинаков од српскиот и да имаат илјадагодишна култура за која никој не чул. Босанците ја имаат таа привилегија што се бомбардирани од страна на психијатар и дека странците им даваат пари и не поставуваат прашања околу начинот на трошење.
Црногорците не мораат да работат дури и кога мораат или можат да мислат за Русија како за своја мајка, иако Русија не ни знае дека има син. Албанците, покрај тоа што живеат во еколошки најчистата земја во Европа, секогаш можат и да отпливаат до Италија…
Ете, во вистинската инвазија на разните испитувања на јавното мислење на пресериозни теми, ова ни се виде и нам како убава можност да покажеме дека не сме далеку од високоцивилизираниот свет, кој постојано повторува дека “ништо не е премногу свето за да не можеш да се потсмевнеш со него, како што ни ништо не е толку неважно за да не се дискутира за тоа”.
Петар Арсовски, актер
Интимност со администрацијата!
Само во Македонија не мораш да одиш во кафеана за да се социјализираш, туку можеш да си направиш ток-шоу на ТВ и да си ги викаш пријателите, комшиите и роднините за да си помуабетите.
Поради интимноста со администрацијата: фаќаш врски за да си го платиш долгот кон државата!
Ние сме земја на толеранцијата: на иста маса стои знакот за забрането пушење и – пепелник!?
Цел живот си играш криенки: фрлаш ѓубре од десетти кат и потоа ѕиркаш дали си погодил и дали некој те забележал.
Секој ден слободно ги вежбаш најтешките дисциплини во возење: одбегнување пешаци и дупки, пронаоѓање невозможни места за паркирање, а тука е и особено ценетата возачка вештина – возење во спротивен правец или т.н. руски рулет! Забава без крај…
Радован Павловски, поет
Народ во пелени
Македонецот живее во две кожи: во својата и надвор од својата!
Поради проклетството и благословот и дење да се гледаат ѕвезди!
Затоа што Македонија во мирно време секогаш е иницијална каписла.
Со македонските жени не можеш да зборуваш, мораш да живееш.
Ние сме народ во пелени: талентот ни е во генетичкиот код.
Џабир Дерала, НВО “Цивил”
Можеш да јадеш со раце!
Затоа што курназите не и’ припаѓаат на нашата земја, а ги трпиме.
Не поради Охридскиот договор, туку – поради инаетот!
Зашто Македонија истовремено е и питома и дива и личам на неа.
Манџата можеш да ја дојадеш со раце, макајќи со лепчето и никој притоа да не те гледа под око.
Во оваа земја живее Ѕвезда Ангеловска…
Жанета Вангели, ликовен уметник
Единствена метадржава!
Поради некои ретки, интензивни личности кои се непрестајна инспирација за целокупното наше суштествување.
Привилегија е да се доживее апсурдот на ФИРОМ-експериментот, кој не’ доведува до најсложени, наполно непредвидливи состојби, каде што воедно ништо и се’ е можно! Единствената метадржава што ја познавам.
Поради поимот и феноменот “не – ум”!
Библиското минато на Македонија кое до ден-денес ја детерминира оваа култура на духовно рамниште.
Поради сознанието дека за личноста не е битно која е нејзината појдовна точка; не се поставува прашањето која е и од каде е, туку есенцијата се состои во тоа ДА – Е!
Славе Ѓорѓо Димоски, поет
Душманите се попостојани од пријателите!
Затоа што сум роден во Велестово и, кога гледам во езерото, на Грција и’ го вртам грбот.
Зашто душманите ти се попостојани од пријателите.
Македонецот е ретка ѕверка која има слободна виза за Куба и за Тунгузија.
Си мислиш дека си бил припадник на најголемата држава на светот, а знаеш дека си собран како јатка во оревова лушпа.
Затоа што премногу долго живееш со привремено име, а си горд што со уставното ја вознемируваш половина Европа.
Оливер Шамбевски, пратеник
Два милиона луѓе и два милиона тези!
Само во Македонија од два милиона луѓе имаш два милиона теории за генезата на народот и никому не му е гајле за тоа.
Само овде може да ти се случи соседите од цело маало да ти дојдат во осум часот наутро на кафе и да ти се чудат што уште спиеш!
Затоа што Александар бил висок еден и пол метар и сите го викаат Велики, а само Македонците го нарекуваат со вистинското име – Македонски!
Затоа што зборот на македонскиот маж е секогаш последен во домот: “Да, драга!”
Поради Ѓорче Петров, Охрид, Битола и Састав, а луѓето од Ѓорче знаат зошто Састав…
Љупчо Бубо Каров, “К-15”
Кога си со многумина, не значи дека си со сите!
Затоа што сме убедени дека, ако со еден авион од Скопје до Европа се стигнува за три часа, со три авиони ќе стигнеме за еден час.
Само овде најслатка е туѓата манџа.
И само овде најмногу смрдат туѓите чорапи.
Живеам во земја со најмногу експерти по жител.
Зашто, како што вели мојот пријател Амзо, во Македонија, и кога си со многумина, не значи дека си со сите.
Гоце Ристовски, новинар
Пандорината кутија
Со една плата Македонецот може да помине речиси цел месец, а без плата со години.
Имаме големо име од кое се’ уште се плашат како од чума! (Петре М. Андреевски)
Идејата за свет без граници произлегла од Македонец.
Македонија света!
Во почетокот се легендите. Царот Девкалион имал две многу убави ќерки – Тјуа и Пандора. Од Зевс, Тјуа го родила Македон, родоначалникот на Македонците, а Пандора – Граик и Латин, родоначалниците на Грците и Латините (Г. Радулов). Се виде потоа кој ја отвори кутијата од која излегоа сите зла! Добро е да си Македонец.
Бранка Д. Најдовска
„Глобус“, 2008 година