Сутерен.мк

Зошто козите имаат чудни очи?

Ако некогаш сте се нашле очи в очи со коза, знаете за што зборуваме. Нивните хоризонтални и правоаголни зеници се како на вонземјани, во споредба со оние на луѓето или на кучињата. Зошто изгледаат така?

Во студија објавена во 2015 под наслов „Зошто животинските очи имаат зеници со различни облици?“, истражувачот на видот Мартин Бенкс заклучил дека обликот на зениците е индикатор за местото на одредено животно во синџирот на исхраната.

Бенкс и неговиот тим истражиле очи на 214 различни видови копнени животни и пронашле јасна врска помеѓу обликот на нивните зеници и нивната еколошка улога. Предаторите главно имаат вертикални и тесни зеници, додека тревопасните, кои се плен за други животни, вообичаено имаат хоризонтални.

Ваквата поделба сугерира дека ловците и ловените имаат некаква предност од тоа зениците да им се од специфичен тип. За да се открие кои би можеле да бидат тие, истражувачите ги анализирале способностите на два облика на зеници и како тие би можеле да им служат на различните визуелни потребни на животните-ловци и на животните-плен.

Козите и другите тревопасни животни имаат прилично едноставна стратегија да не бидат изедени: внимавај на опасност и бегај ако ја забележиш. Нивните очи треба да прават две нешта за да ја поддржуваат оваа стратегија. Од една страна тие мора да гледаат панорамски за да ги детектираат предаторите кои можат да пристапат од различни насоки, од друга страна, тие мора јасно да гледаат напред, за да се олесни брзото бегство преку потенцијално тежок терен.

За ова помагаат хоризонтални зеници, затоа што нивниот облик создава остра панорамска слика која е поголема во широчина а помала во висина. Долга хоризонтална зеница исто така го зголемува квалитетот на сликата на предметите кои се наоѓаат пред и позади животното и му помага на окото да собере повеќе светлина гледајќи долж површината отколку гледајќи нагоре.

Секако, овие добри страни не важат ако зеницата остане ориентирана на истиот начин и стане вертикална кога животното си ја помрднува главата додека пасе. Истражувачите набљудувале животни во зоолошка и сфатиле дека нивните очи ротираат за да останат хоризонтални во однос на почвата, без оглед дали главите им се насочени нагоре или надоле кон тревата.

Оттаму, за копнено животно за кое има опасност да биде изедено од нешто или од некој друг, идеалната зеница е долга и хоризонтална. Со други зборови – козите имаат чудни очи затоа што тоа им помага да преживеат.

Тимот заклучил и и дека вертикалните, тесни (како „пресечени“) зеници помагаат на малите предатори како мачки или змии да можат подобро да ја проценат оддалеченоста на пленот и на други објекти, за да знаат колу далеку треба да скокнат. Поголемите мачки и волците, од друга страна, имаат округли зеници бидејќи се повисоки и го бркаат пленот а не скокаат врз него.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *