Замислете да скокнете од авион и да не почувствувате ништо. Ниту наплив на адреналин ниту забрзано чукање на срцето.
Токму тоа е реалноста за Џорди Черник, Британец на кој му биле отстранети надбубрежните жлезди за да му се намали анксиозноста предизвикана од Кушинговата болест која се јавува кога жлездите произведуваат премногу кортизол, хормон на стресот.
Третманот бил успешен – можеби премногу успешен. Џорди престана да чувствува анксиозност, но нешто не било како што треба. Во 2012 година, при посета на „Дизниленд“, се качил на луда железница и сфатил дека не чувствува страв. Подоцна скокнал со падобран, се спуштил по жица од мостот Тајн во Њукасл и се симнал со јаже од облакодерот „Шард“ во Лондон, сето тоа без воопшто да почувствува страв.
Искуството на Черник е ретко, но не и единствено. Ова може да им биде познато и на луѓето со синдромот на Урбах-Вите – генетско нарушување толку ретко што се познати едвај околу 400 случаи во светот.
Најпозната пациентка со оваа болест е жената со иницијали С. М., која од средината на 80-тите години е предмет на научни истражувања на Универзитетот во Ајова, САД.
На почетокот на 21 век невронаучникот Џастин Фајнштајн се приклучил на тимот и започнал да бара начини да ја исплаши С.М.
– Ја теравме да го гледа секој хорор-филм што ќе го најдевме – вели Фајнштајн. Но ниту „Вештерката од Блер“, ниту „Сјаење“, ниту „Кога јагнињата ќе стивнат“ не ѝ предизвикаа страв. Кога ѝ беа прикажани змии и пајаци, таа не само што не покажа страв, туку и почувствува силна љубопитност да ги допре.
Синдромот на Урбах-Вите настанува поради мутација во ЕЦМ1 генот, кој има важна улога во одржувањето на структурата на ткивата. Кога овој протеин е оштетен, се натрупуваат калциум и колаген и предизвикуваат умирање на клетките. Најранлива на овој процес е амигдалата – дел од мозокот што одамна е поврзан со обработка на стравот.
Кај С.М., болеста ја уништила амигдалата и таа сосема престанала да чувствува страв.
– Забележливо е дека тоа е специфично за стравот. Нејзината способност за други емоции, како среќа, тага или лутина, останала речиси непроменета – вели Фајнштајн.
Истражувањата покажале дека амигдалата игра клучна улога во некои, но не во сите облици на страв. На пример, таа е важна за условениот страв, кога животното учи да поврзува одреден звук со болен шок и почнува да се плаши само од звукот.
С. М. знае дека не треба да допира врел сад, но не може да развие условен страв. Таа не доживува адреналин или забрзано чукање на срцето при потсетување на претходна болка. Таа е многу дружељубива, но често се доведува во опасни ситуации бидејќи не може да процени закана.
Истражувањата покажале дека луѓе со оштетена амигдала имаат поинакво чувство за личен простор и често им приоѓаат премногу блиску на непознати. Ова укажува дека амигдалата игра важна улога во нашите социјални реакции и процената на довербата. Кога станува збор за надворешни закани, амигдалата функционира како диригент на оркестар, насочувајќи ги другите делови од мозокот и телото да произведат соодветна реакција. Најпрво, таа прима информации од мозочните региони што ги обработуваат видот, мирисот, вкусот и слухот. Доколку амигдалата открие закана, како што е приближување на крадец, змија или мечка, таа испраќа сигнали до хипоталамусот – област сместена веднаш над задниот дел на вратот. Потоа, хипоталамусот комуницира со хипофизата, која пак ги активира надбубрежните жлезди да ослободат кортизол и адреналин во крвотокот.
– Ова предизвикува забрзување на срцевиот ритам, зголемување на крвниот притисок и појава на сите класични симптоми на реакцијата „бори се или бегај“, карактеристични за стравот – вели Фајнштајн.
Сепак, некои видови страв настануваат независно од амигдалата. Во еден експеримент, С.М. вдишала јаглерод диоксид, што кај повеќето луѓе предизвикува паника поради чувство на задушување. Научниците очекувале таа да остане смирена, но таа доживеала најинтензивен напад на паника во својот живот.
Овој наод покажува дека постојат два различни патишта на страв во мозокот: еден за надворешни закани (со амигдалата во центарот) и друг за внатрешни, како недостиг на кислород, каде што клучна улога има мозочното стебло.
– Кога ќе се оштети амигдалата и животното ќе се врати во дивината, обично умира за неколку часа или денови – вели Фајнштајн.
И покрај тоа, С.М. живее повеќе од половина век без амигдала, иако често била во ризични ситуации.
– Нејзиниот случај го отвора прашањето: дали оваа примарна емоција (стравот), навистина е неопходна во современиот живот? Можеби денес ни предизвикува повеќе штета отколку корист, особено во западните општества каде што основните потреби за преживување се задоволени, но нивото на анксиозност и стрес е рекордно високо – вели Фајнштајн.