Претставата дека некои луѓе се зли, а други добри е примитивна и инфантилна. Ваквото сфаќање се среќава кај децата и кај возрасни, кои не ја разбираат баш човечката психологија. Така барем велат психолозите.
Дека во прашање е емоционална интелигенција, а не количината на добрина или зло во некого.
Поимот емоционална интелигенција (EQ) се појави во 1990 година, кога психолозите Џон Маер и Питер Саловеј го објавуја текстот под насловот „Емоционална интелигенција“, а својата светска афирмација ја доживеа во 1995 година, кога Даниел Големан објави бестселер со ист наслов.
Едноставно речено, емоционалната интелигенција е способност за препознавање на чувствата, разбирање, контролирање и употреба за изразување на мислите.
Факт е дека луѓето на Балканот се многу малку емпатични (наспроти стереотипите). Експертите велат дека тоа е затоа што овие народи постојано се во зоната на преживување, а не на комфор – чести војни, неизвесност, политички превирања…
Дека населението (особено она од екс – ЈУ просторите) е навикнато да се бори за основните животни потреби – свои и на семејството – па така, не ни имале време кога да се занимаваат со своите емоции, внатрешни конфликти и меѓучовечки односи.
Длабоко вкоренети се и размислувањата од типот: „морам да туркам“, „ни на моите не им било лесно“, „молчи и трпи“ и така трпејќи – претрпуваат!
Затоа, ваквите личности немаат разбирање за луѓето кои поинаку размислуваат, однесуваат или чувствуваат и сметаат дека нивните проблеми и психички состојби се банални, па дури и дека се однесуваат како слабаци, разгалени детишта…
Жителите на овие простори (и сите кои се развивале во слични услови) не ги учеле да се разберат ни самите себе си, а камоли другите. Што се однесува до општествената одговорност наклонети сме да се гледаме само себе си и своите интереси. Повеќето не ни можат да забележат дека општиот интерес е всушност и нивен. Во тоа, голем допринос има и што и „елитите“ кои со децении владеат не покажаа баш интерес за „потчинетите“ освен, за сопствениот џеб!
За да се растури овој „маѓепсан круг“ потребно е новите генерации да почнат со „вежбање“ на емоционално описменување т.е. да почнеме да ги слушаме партнерите, децата. Да внимаваме што сакаат да ни „кажат“ без да ги форсираме само на финансиска заработувачка и успех во школувањето.
Да престанеме со напнати и прегласни расправии, навреди и потценувања, но и со игнорирање и одложување на недоразбирањата. Најмногу впрочем, тоа има ефект врз децата: колку повеќе се родителите емоционално отворени и сочуствителни кон партнерот, толку и особено, адолесцентите, се посамоуверени и полесно ги решаваат своите проблеми со врсниците и околината.
Што значи да си EQ?
- EQ бара да не лажете ниту премолчувате. Немојте да лажете освен, ако не е во прашање вашата сигурност или онаа на вашите најблиски.
- Завземете се за вашите чувства и желби. Ако тоа вие не го направите – никој нема!
- Емоционалната писменост подразбира да не си играте со моќта над другите. Одлучно, ама со многу обзири, барајте го она што го сакате се додека не бидете задоволни.
- Не дозволувајте некој да ја игра играта на моќ над вас. Љубезно, но решително одбијте да направите нешто што не сакате.
- Туѓите идеи, чувства и желби почитувајте ги како свои. Да се почитува идеја не значи и покорност пред неа.
- Извинете се и исправете ги своите грешки. Ништо повеќе нема да допринесе за вашиот развој отколку искрено извинување.
- Не прифаќајте лажни извинувања. Таквите подобро да не ги ни слушнете.
- Подеднакво сакајте се себеси, другите и вистината. Никогаш немојте да жртвувате едно нешто заради друго.
- Следете ги овие заповеди најдобро што можете. На крајот на краиштата, не се врежани во камен, нели!?