Шведска денеска ги укина речиси сите рестриктивни мерки воведени поради пандемијата на коронавирус, набргу откако соседна Данска го стори истото!
Се укинува досегашното работно време во рестораните и кафулињата, а веќе не важат ниту правилата за одржување физичка дистанца. Нема да важи и ограничувањето на бројот на посетители на настани и собири.
Шведските граѓани повеќе не мора да носат маски на преполни места или во јавен превоз. Оваа одлука Швеѓаните ја прославија синоќа во ноќните клубови, останувајќи до раните утрински часови.
Ублажени се и правилата за патниците во Шведска. Граѓаните на Европската унија повеќе не мора да покажуваат доказ за вакцинација, негативен тест или потврда дека прележале Ковид-19 при влез во земјата.
Владата и здравствените власти најавија укинување на мерките минатата недела, велејќи дека пандемијата влезе во нова фаза, дека повеќето луѓе се вакцинирани, а случаите на инфекција со омикрон варијантата се поблаги од претходните мутации.
Сепак, некои мерки остануваат во сила на места како што се здравствени установи и домови за стари и изнемоштени лица,јавува МИА.