Познатото списание „Максим“ ја прогласи актерката Марго Роби за најсексапилна жена за 2022 година
Австралиското издание на списанието ја објави својата годишна листа „Хот 100“ за 2022 година, на која се најдоа најуспешните и најубави жени од шоу-бизнисот, спортот и поп-културата. На врвот на оваа листа се најде 32-годишната актерка Марго Роби, чија холивудска кариера продолжува по нагорна линија во пресрет на прикажувањето на најновиот филм „Бабилон“.
Ова е рекорден трет пат Роби да се искачи на врвот на „Хот 100“. На второ место се најде фудбалерката Сем Кер, а на третото е австралиската тенисерка Еш Барти.
Роби неодамна стана и најдобро платена актерка во Холивуд за оваа година, благодарение на хонорарот за филмот „Барби“ на режисерката Грета Гервиг. Според пишувањата на „Варајети“, австралиската актерка била платена неверојатни 12,5 милиони долари да глуми со Рајан Гослинг како Кен, во овој долгоочекуван филм настанат по истоимената култна кукла.
На листата се најдоа и жени кои можеби не ги очекувате на неа, како поранешниот рагбист Даниел Лејдли, кој во 2020 година го промени полот од машко во женско, како и политичарките Пени Вонг и Анастасија Палашчук.
Главниот уредник на „Максим“, Санти Пинтадо, изјавил дека листата за 2022 година „продолжува да ги слави извонредните жени кои оваа година влијаеја и импресионираа со нивната способност, интелект, хумор, дрскост и севкупен мегаталент“.
„Од спортистки до актерки, од комичарки до ТВ ѕвезди, од музичарки до политичарки и водителки на вести до модели и инфлуенсери, листата на „Максим Хот 100“ за 2022 година опфаќа фантастично разновидно поле кое нема да ги разочара нашите верни следбеници и сите Австралијци“, додал тој.