Сутерен.мк

Синиша Станковиќ: Изветреани спомени

И по толку години, не е тешко да се најде некој со кого може и да се испие по троа ракија во маалските кафеани, ама другарите, некако се развеаја…

Покажувајќи му ја на син ми, на Крит, палатата на тој Минос, се чудев зошто за сите тие години шпартање по чудесниот остров, јас и другарите не најдовме време за една таква посета, ама се тешев, дека секое лето, им одававме почест и на кралот и на палатата со испиените десетици литри од истоименото вино. Со другарите! Еееееј! Оние со кои споделувавме сè: детски ќеифови, ќотек и солзи, маалски успеси и резили, љубовни разочарувања и карикатурални сексуални искуства, семејни тајни и неостварени желби… Така, и на Островот, по берењето овошје или боењето сончани колектори на покривите на идните бунгалови (поради што и немавме време за археолошки наоѓалишта), споделувавме сè.

Со течниот Минос и со другарите…
Со идеи за бегство на Запад, со точно разработени планови за кариерите – од стартот на „џубокс”, до сопствен ресторан во некој Лихтенштајн или Луксембург, од кој би се заработувало доволно за цело лето да се седи под сенка на Крит, да се пие вино, да се мези козјо сирење и да се сонува за Скопје… Или, со идеи за пишување романи кои ќе се преведуваат на десетици јазици, и ќе донесат доволно пари, за да може се ужива во самотијата на островот преку цела зима и да се пишуваат нови романи… Или, со идеи за градење вистински ранч во Македонија, на кој би се работело како на американски филм, а не како на неделната „емисија за земјоделците”, и би се заработиле доволно пари, за да се отиде пак на Крит, ама во хотелите во кои тогаш – покрај велшките рудари и германските водоинсталатери, за надежните социјалистички студенти – немаше место…

И денес, по толку години, не е тешко да се најде некој со кого може да се испие по троа ракија во маалските кафеани, и да се озборуваат сопругите и нивните вечни незадоволства и да се пцујат политичарите и нивната вечна некадарност. Ама, луѓе со кои, со шише вино, може да се разменуваат идеи и планови за поубаво утре – едноставно, нема. Не дека тоа утрето и може да биде не знам колку поубаво, до кое дереџе нè долносаа, туку другарите се развеаја… Тројца од маалските, со кои израснав и со кои ептен си ги знаевме и опачините, одамна ѕемнат во Канада, едниот кој најбргу живееше и возеше од сите нас, прв си замина во спомените, другиот кој најмногу и најдолго сонуваше, соочен со блуткавата реалност, сега си живее во свој филм во кој си е и режисер и главен актер и самиот си ракоплеска на монолозите, на последниот кој остана тука некаде, на централната скопска улица, докторите му забранија да пие, да мези и да сонува, оти се возбудувал и му влијаело на брзината со која му чукало срцето. А тоа не било арно…

Така, сè е против мене, ме тераат соло-дринкер да станам. Да имаше кај нас вистински барови (без проститутки од Источниот блок, туку од оние – среде бел ден затеменети како во тунел и со бармени полни со разбирање за сите маки на светов), во барска мушичка ќе ме претвореа, а вака, според габаритот, изгледа ќе ме претворат во кафеански слон… Мрзлив, осамен плачко (од кромидот од остинатите ќебапи, не од тага, скраја да е) кој нема со кого да сонува. Идеите и плановите изветреаја сосе недопиеното вино во шишето, кое одамна го загуби вкусот…

А неретко, во ноќите на викендот додека семејствата ни, според временската разлика, длабоко спијат или тукушто се подготвуваат за спиење, им наздравувам на искривените ликови на оние развеаните маалски другари од компјутерскиот екран и го местам тоа камерчето за да им бидам таму во јабаната – троа поличен. Па, им зборувам за познајниците кои сè уште не им се придружиле, меѓу кои има и универзитетски професори и бизнисмени и политичари и полицајци, сите сериозни и намуртени како да ги мачат хемороиди, и за некогашните девојки кои сега нè преколнуваат зашто не сме биле малку поупорни, а тогаш нè одбиваа како на лента… И, се сеќаваме на песните од времињата пред нашето, кои ги учевме од постарите браќа и сестри, ама и на нашето време, во кое тие не можеа да ми се изнасмеат што наместо нивните панкери и хевиметалци сум слушал реге, или дури и некојси Шобиќ, оти ми се допаѓале зборовите на неговите песни…

Па, ги потсетувам за уште поодамнешните лета кај кумата Егејка, во Џорџ Таун (каде копиљаците уште велеа „одиме на кино во Скопје”), кога и ние, демек, урбаните копиљаци од зградите од Карпош, игравме „олди” на Треска, и меѓу сите деца истрчани сè до Сарај, само ние, не знаевме да нуркаме, оти ние „олди” го викавме „камај”, и се качувавме по гаражи наместо да се фрламе в река… И поблиски ни беа овоштарниците на Зајчев Рид од Сарај. И…
Ни се замаглуваат екраните, го намалуваме тонот и ги исклучуваме камерите.
А тие, таму, ме пцујат што се сеќавам и за нив.

(Авторот е новинар. Пишува за леб – и за пиво & ќебапи – еве, три ипол децении. Жител на неколку скопски маала, автор на неколку книги… Некогаш – верник во поубавото утре зад првиот ќош, денес – носталгичар и по троа циник.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *