Сутерен.мк

Илија Пенушлиски: Повлечете ми ја сликата од бугарскиот центар

Се прашувам, која е смислата на оваа изложба? Кого таа го претставува? Во некој нормален свет една ваква изложба би била вообичаен пример за културна соработка меѓу два народа.

Но, со оглед на зацементираниот бугарски став за непостоење на македонска нација, на македонски јазик, па од таму и на македонско сликарство и култура, одговорот се наметнува – за нив, Бугарите, изложбата не може да биде ништо друго освен изложба на дела од бугарски Бугари и македонски Бугари.

А на таа изложба ме убутале и мене. Со слика што сум ја насликал на Галичката ликовна колонија пред дваесетина години. Од изненадени пријатели дознавам дека моето име стои и на излогот на центарот. Демек, чаршијата да види кој сѐ учествува во овој настан.

Ја замолувам Галичката колонија да ја повлечете мојата слика од оваа изложба. Барам бугарскиот центар да го избрише моето име од излогот. Сѐ додека бугарската политиката не престане со примитивните и за нас болно навредливи посегнувања по сржта на нашето постоење, секоја „културна соработка“ ќе биде травестија.

(Авторот е роден во Скопје 1947-ма. Дипломирал на Академијата за
ликовни уметности во Белград во 1971 година. Постдипломски студии на Прат
институтот во Њујорк, 1972-73-та. Слободен уметник од 1971-ва. Бројни самостојни и
групни изложби во земјата и во странство. Текстов е реакција кон заедничката изложба на уметници од Македонија и Бугарија, насловена „Заедно” во Бугарскиот културен центар во Скопје, на која што е изложено и негово дело.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *