Холандски историчар пронашол уникатно средновековно златно богатство, кое се состои од четири златни обетки, две златни ленти и 39 сребрени монети.
Лоренцо Руитер (27) го открил богатството старо околу илјада години во 2021 година во малиот град Хугвуд на северот на земјата, користејќи детектор за метал.
„Беше многу посебно да се открие нешто толку вредно, не можам ни да го опишам. Никогаш не очекував дека ќе откријам такво нешто”, рекол Руитер, додавајќи дека било тешко тоа да се чува во тајност две години.
Но, експертите од Националниот музеј на антиквитети одвоиле време да ги исчистат, испитаат и датираат предметите и сега откриле дека најновата монета е од 1250 година.
Златниот накит од средниот век е исклучително редок во Холандија.
Поради неговото археолошко значење, богатството е позајмено на музеј кој ќе го изложува, но ќе остане официјална сопственост на наоѓачот, Лоренцо Руитер.