Жените во Италија сѐ поретко раѓаат, а оние на Сардинија имаат негативен рекорд. На островот се раѓаат 5,2 деца на илјада жители, што е најмал број во целиот свет.
Просечниот број на родени деца по мајка е 0,99 (на национално ниво 1,25), а од година на година се намалува.
– Културолошки гледано, жените во Сардинија имаа поголема возраст при брак од оние во останатиот дел од земјата поради миразот – објаснува Марко Зуру, професор по социологија на Универзитетот во Каљари.
– Денес веќе не е така, но ефектот е ист. За да влезеш на пазарот на труд и да изградиш кариера, мора да бидеш пообразован и да имаш голем број достигнувања и титули, што неминовно придонесува за одложување на формирањето семејство – додава Зуру, истакнувајќи дека економските мотиви и политиката исто така влијаат врз намалувањето на бројот на родени деца.