Д-р Сохом Дас, форензички психијатар од Лондон, има јутјуб-канал во кој објавува содржини за криминал, ментални нарушувања и психологија. Неговите претходни видеа се поврзани со тоа зошто некои луѓе зборуваат само за себе, како да препознаете дали партнерот е манипулатор или едноставно лаже и зошто жените почесто од мажите следат содржини со вистински криминал.
Во едно пократко видео, под наслов „Како можете да препознаете дали некој е психопат?“, д-р Дас зборува за некои суптилни знаци.
– Како можете да препознаете дали некој е психопат? Па, претпоставувам дека за мене е релативно едноставно бидејќи имам пациент задржан според законот за ментално здравје. Тој е во мојата болница, па имам многу извори на информации – вели тој на почетокот на видеото.
Сепак, додава дека многу поинтересно прашање е како тоа да се препознае во вистинскиот живот.
– Тоа е прилично тешко. Причината е што психопатите, по својата природа, се многу манипулативни и добри во прикривање. Но сепак постојат некои знаци – вели тој.
Први суптилни знаци
Првиот суптилен знак што го истакнал е искористување и себичност. Според д-р Дас, вистинскиот психопат ќе се обиде да ве искористи за сè што може да добие без оглед дали станува збор за пари, пријателство или секс. Исто така, тие се нарцисоидни и сè се врти околу нив.
Вториот знак, според д-р Дас, е социјалниот круг на личноста.
– Психопатите, бидејќи ги користат луѓето, генерално немаат длабоки пријателства. Имаат голем круг на познајници, но всушност ги искористуваат и потоа ги отфрлаат – вели д-р Дас.
Психопат наспроти социопат
Во продолжение на видеото д-р Дас зборувал и за разликата помеѓу психопат и социопат.
– Психопат е официјален медицински термин. Ако прашате 50 форензички психијатри, сите ќе ви го дадат истиот одговор. Социопат е повеќе неформален израз. Различни луѓе различно го толкуваат. Кога зборуваме за сличности, и едните и другите манипулираат, немаат емпатија, не им е грижа за другите и подготвени се да им зададат удар од зад грб. Социопатите тешко ги контролираат своите емоции. Ако го налутите психопатот, тој ќе се одмазди подоцна. Неговата одмазда е ладнокрвна. Од друга страна, социопатот не може да ја контролира својата емоционална реакција. Искрено ќе каже што чувствува, ќе се налути. Исто така, социопатите обично имаат понизок коефициент на интелигенција и живеат на маргините на општеството, додека психопатите многу полесно се вклопуваат во секојдневниот живот – додава докторот.