Лутината е нормална емоција што сите ја чувствуваме, но поради неа честопати ни се случува да донесеме непромислени одлуки, емотивно да ги повредиме саканите или да направиме нешто, за што подоцна ќе се каеме.
Многу е важно да не се потиснуваат и игнорираат своите чувства, туку да бидеме свесни за својот бес, но и да научиме да го контролираме.
Следат неколку едноставни совети за помош во моментите кога сте особено лути…
Пет минути
Најнепромислените одлуки се носат во афект. Тогаш сме најголеми робови на своите чувства и тогаш е и најголемиот предизвик да ги контролираме своите емоции.
Од голема помош е, ако секојпат кога се чувствувате луто се дистанцирате и одвоите пет минути само за себе. Прошетајте, фокусирајте се на дишењето, правете било што, што ве опушта.
Ветете си себеси, дека нема да донесете ни една одлука, дека нема да реагирате на никаква реална или замислена провокација се додека не поминат барем, пет минути.
Споделување
Важно е да научите да ги изразувате вашите чувства. За почеток, само обидете се попрецизно да опишете што се случува со вас. Што чувствувате? Како тоа ви се одразува на физичко ниво? Ви чука ли забрзано срцето? Кои мисли ви се меткаат низ главата?
Со редовно практицирање на оваа вежба, се повеќе ќе се разбирате себеси и ќе можете што поточно да ги опишете вашите емоции на другите и така да ја намалите тензијата во случаи на конфликти помеѓу вас.
Идентификација
Дознајте што ве вознемирило. Дали некој ве повредил со зборови? Или се сеќавате на некој немил настан од минатото? Ве изнервирала ли ситуација над која сте немале контрола?
Кога ќе разберете што го предизвикало вашиот бес, полесно ќе ви биде да сфатите како себеси можете да си помогнете.
Доколку забалежите дека константната лутина ви го попречува нормалното функционирање, најдобро е да побарате стручна помош. Тоа е најлесниот начин да дознаете зошто сте толку лути и како можете себеси да си помогнете во такви моменти.
(Најтешкиот дел е да се најдат вистински стручни лица во Македонија.)